Трагичарот на Мароко: Ме боли душата!

by irena 17:39
17:39

Брахим Дијаз, најдобриот фудбалер на Мароко, стана трагичарот на својата репрезентација во финалето на Купот на африканските нации.

Мароко беше поразен од Сенегал дома во Рабат по продолженија со резултат 1:0.

Дијаз имаше шанса да го реши натпреварот во корист на Мароко, но промаши пенал длабоко во судиското продолжение од второто полувреме.

Асот на Реал Мадрид се обиде да изведе „паненка“, но голманот на Сенегал го прочита и остана на средина, па имаше лесна одбрана.

Дијаз се расплака кога сфати што направил. Овој настан му падна многу тешко, па затоа реши да се огласи на социјалните мрежи.

„Ме боли душата. Сонував за оваа титула благодарение на целата љубов што ми ја дадовте, секоја порака, секој знак на поддршка што ми даде чувство дека не сум сам. Се борев со сета моја сила, со срцето пред сè. Вчера не успеав и ја преземам целосната одговорност, и се извинувам од дното на моето срце. Ќе биде тешко да се опоравам, бидејќи оваа рана не заздравува лесно, но ќе се обидам. Не за себе, туку за сите што веруваа во мене и за сите што страдаа со мене. Ќе продолжам да се движам напред сè додека еден ден не можам да ја вратам целата оваа љубов и да станам извор на гордост за мојот марокански народ“ – напиша Дијаз и предизвика голем број реакции и коментари.

Слични вести