На една недела пред официјалното пуштање во употреба на камерите на „Сејф сити“, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека бил на една од локациите каде што се калибрираат камерите и увидел минимални отстапки при проверките на точноста на мерењето на брзината.
„Во оваа фаза се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што гарантира сигурност и доверливост на системот. Во првата фаза камерите ќе бидат ставени во функција на локации со зголемен ризик, а во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно, ќе бидат активирани и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки“, објави Тошковски.
Тој повторува дека целта на системот е зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди.
„Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Тој не познава имиња, функции или позиции туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само на тој начин ќе постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи“, соопшти министерот.