Министерот за внатрешни работи – Панче Тошковски рече дека лично верува оти премиерот Христијан Мицкоски никогаш не би влегувал во какви било незаконски комуникации или пак би влијаел врз некој обвинител за да постапува на одреден начин. Ова се однесува на предметот за милионски проневери при јавни набавки на мазут за ТЕЦ „Неготино“, а поврзано со телефонскиот разговор меѓу премиерот и републичкиот јавен обвинител, Ненад Савески.
Од Обвинителство соопштија дека премиерот Мицкоски телефонски му се јавил на Савески, но и дека не разговарале за поединости за случајот со мазутот.
Тошковски вчера во тв гостување прашан за телефонскиот разговор рече:
„Лично познавајќи го премиерот, сигурен сум дека никогаш не би влегол во рамки на одредени комуникации кои би биле незаконски, а камоли, пак, во насока да влијае на кој било обвинител, конкретно дали треба да постапува вака, така или не знам како. Никогаш тоа не би го сторил нашиот премиер. Претпоставувам дека сакал да добие изворна информација за она што ја шокираше целокупната македонска јавност, како прв човек на Владата, претставник на македонските граѓани, навистина не гледам ништо спорно во тоа“.