Текстот е објавен во неделникот ,,Фокус” во број 1553, објавен на 9 јули 2025 година.
Пишувал: Дејан Азески
Во Загреб минатава сабота се случи вистинско музичко чудо од светски размери. На концертот што го одржа контроверзниот националистички музичар Марко Перковиќ-Томпсон се собраа нешто повеќе од половина милион луѓе. Тоа е бројка, која не само за Хрватска и за Југославија, туку и за цела Европа е недостижна, а во целата естрадна историја на светот, едвај да ја имаат надминато неколку други концерти на мегапопуларни музичари и музички групи. И сево ова би било супер ако Томпсон не го отвореше концертот со усташкиот поздрав „За дом “, на кој публиката гласно одговори со „спремни“, со кој почнува една од неговите најпопуларни песни.
Имено, ова е поздрав што го користеле усташите за време на Втората светска војна, а подоцна и борците на Хрватските одбранбени сили (ХОС) за време на војната во 1990-тите на територијата на поранешна СФРЈ.
Хрват стои до Хрват, сите сме браќа – пееше публиката на загрепскиот хиподром, кој беше очигледно премал за да ги собере сите оние што мислат како Томпсон.
ШТО, ВСУШНОСТ, ПОДДРЖУВА ТОМПСОН?
Роден е во Чавоглаве, во 1966 година, учесник е во граѓанската војна 1991-1995 година, а најголемата популарност почнува да ја доживува дури по 2000 година. Она што ја одбележува неговата кариера и ја храни неговата популарност се дефинитивно контроверзиите и аферите.
Имено, уште во 2009 година, неговиот концерт во швајцарскиот град Луцерн беше откажан откако Социјалдемократската партија побара итна изјава за прашањето на концертот на Томпсон, нарекувајќи го Перковиќ фашист. Потоа му беше забрането да настапува во Швајцарија, откако Швајцарската служба за анализа и превенција (DAP) изјави дека неговите текстови ги слават нацистите поврзани со усташите на Независната Држава Хрватска. Забраната подоцна беше укината и тој продолжи да одржува концерти во Швајцарија.
Текстовите на неговите песни често содржат патриотски чувства и се однесуваат на религијата, семејството, хрватската војна за независност, политиката и медиумите, но, исто така, содржат озлогласени референци за воени злосторства. Обвинет за неонацизам, во 2004 година, на бендот му беше забрането да настапува во Амстердам од страна на локалните власти, иако тој одржа концерт во Ротердам.
Бидејќи Швајцарија е членка на Шенгенскиот договор, на Томпсон му беше забранет влез во сите земји од Шенгенскиот договор во период од три години.
Перковиќ создаде контроверзии со наводното изведување на „Јасеновац и Градишка Стара“, песна што отворено го велича усташкиот режим, неговите злосторства против човештвото за време на Втората светска војна во концентрациониот логор Јасеновац и концентрациониот логор Стара Градишка, во кои се случи геноцидот врз Србите. Центарот „Симон Визентал“ поднесе жалби до хрватскиот државен телевизиски канал во врска со нивното емитување на пејач обвинет за изразување носталгија кон усташите, иако Перковиќ негираше каква било врска со тој временски период. Жалбите беа игнорирани. Перковиќ негираше дека ја напишал или дури и ја извел песната, наведувајќи дека е „музичар, а не политичар“.
Некои од неговите обожаватели се познати по својот ултранационализам, демонстриран преку усташки униформи (вклучувајќи црни капи поврзани со движењето), симболи и транспаренти. На почетокот на песната „Бојна Чавоглаве“, Перковиќ се повикува на За дом – спремни! (буквално „За дом (земја) – спремни!“). Во 2015 година, Перковиќ настапи во Книн пред околу 80.000 гледачи за прославата на 20-годишнината од операцијата „Бура“ на хрватската војска, при што многумина од присутните пееја проусташки песни и скандираа слогани како „Убиј Србина“ и „Еве нè, усташи“.
Вклучувањето на Перковиќ и неговиот бенд во прославата на Хрватска по повод второто место на националниот тим на Светското првенство во ФИФА 2018 година, исто така, предизвика контроверзии и критики.
Наводното величење на усташите од страна на Перковиќ доведе до тоа тој да биде обвинет во некои публикации, вклучувајќи го и Центарот „Симон Визентал“ дека е „фашистички пејач“.
За време на неговиот концерт во Загреб на 5 јули 2025 година, тој носеше маица со бројот 03941158 испечатен на неа, што е затворенички код доделен на усташкиот терорист Звонко Бушиќ, кој во 1976 година киднапираше авион (лет 355 на TWA) и постави бомба на терминалот Гранд централ, при што загина полицаец, кој се обиде да го разоружа.
Кога во држава, која ги родила Оливер Драгојевиќ, Мишо Ковач, Тереза Кесовија, Дорис Драговиќ, Нина Бадриќ, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ… 500.000 луѓе ќе купат билет баш за концертот на нацистот Томпсон – тоа не може поинаку да се протолкува, освен како голема и страшна политичка порака. Порака дека и во денешна модерна Хрватска живеат барем половина милион луѓе што ги подржуваат ѕверствата од Јасеновац и етничкото чистење за време на акцијата Олуја. Ако на ова се додаде и зовриената состојба и во Босна и во Србија, јасно е дека историјата уште еднаш ќе ни се репризира и како фарса и како трагедија истовремено.
РЕГИОНОТ ВЕДНАШ СЕ РАЗБРАНУВА
Поради политичка коректност, нема да ги цитираме однапред очекуваните изјави на Александар Вучиќ и Милорад Додик, но во секој случај заслужува да го споделиме мислењето на еден многу подемократски и попрогресивен политичар, како поранешниот српски претседател Борис Тадиќ, според кого, саботниот концерт на Томпсон во Загреб претставува голем срам за Хрватска, но и за Европската Унија.
Во објава на своите социјални мрежи, тој напиша дека е ужасно што денес, во 21 век, на европско тло се организираат концерти што ги величат квислиншките фашистички орди и убивањето на припадници на еден народ – во овој случај, Србите.
– Особено е поразително да се види колку млади луѓе дојдоа на концертот на човек, кој ја поздравува публиката со усташки поздрав и колку од нив ја следат црнокошулашката иконографија на усташкото движење од Втората светска војна, оцени Тадиќ.
Според него, ваквите слики, не само што испраќаат трагични пораки за ставот кон минатото, туку и кон иднината.
-А уште полошо е што нема суштински глас на протест од ЕУ, а камоли барање за забрана на таква нацистичко-усташка манифестација, која нема никаква врска со музиката, истакна тој.
Тадиќ нагласи и дека „ЕУ го поткопува сопствениот кредибилитет со таков став што, откако ваквите манифестации слободно се организираат на нејзина почва, им дава вредни и политички лекции на земјите надвор од ЕУ“.
-Европа никогаш не смее да заборави дека најмонструозните политички движења во историјата на човештвото потекнуваат токму на нејзина почва, рече Тадиќ.
Покрај тоа, како што наведува, ваквите настани само им даваат ветер во грб на најмалигните шовинистички движења во другите земји во регионот. Тадиќ верува дека „ова создава домино ефект на поништување на секој чин на помирување што го направивме во неодамнешното минато“.
Тадиќ, всушност, го кажува она што сите нормални луѓе го мислат насекаде низ поранешна Југославија. Ова масовно собирање во Загреб многу потсетува на митинзите на Милошевиќ во Србија на крајот на 1980-тите што резултираат со страшни војни. Само што сега изгледа ситуацијата е пострашна, бидејќи тогаш луѓето беа носени на сила од партијата, а сега не само што доаѓаат сами, туку плаќаат и билет за тоа.
БАРЕМ ПОЛОВИНА ХРВАТСКА НЕ СЕ ГОРДЕЕ СО ТОМПСОН И СО УСТАШИТЕ
Социјалдемократската партија на Хрватска, од чии редови доаѓа сегашниот претседател Зоран Милановиќ, кој беше на нејзино чело пред да биде избран за претседател на земјата во 2019 година, откако ја победи Колинда Грабар Китаровиќ од ХДЗ на изборите, реагираше на концертот на Марко Перковиќ-Томпсон, пејач од поодамна познат по славењето на усташките криминалци и историскиот ревизионизам.
-Наместо да го искористиме вниманието на јавноста и организацијата на концертот како единствена можност силно и јасно да се дистанцираме од сите форми на историски ревизионизам и усташите, бевме сведоци на глобален срам во кој екстремистичките пораки добија државна логистика и директна поддршка од врвот на владата, објави СДП на Хрватска.
Тие прашаа зошто хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, „ако веќе се сликал со Томпсон, не ја искористил таа можност да му каже она што секој одговорен премиер би му го кажал: дека во Хрватска за усташите нема да има место ниту на сцената, ниту околу неа“.
-Особено е опасно кога во публиката има млади луѓе, кои гледаат на сè како да е интересна видеоигра и не разбираат каква опасна игра се случува во заднина и какво зло се повикува на сцената, истакнува СДП на Хрватска“.
Тие, исто така, забележуваат дека проблемот никогаш не бил во музиката.
-Проблемот е во она што ја придружува таа музика – во текстовите, симболите, пораките и идеологиите што отворено ги слават усташите, кои ги воздигнуваат Јура и Бобан на ниво на Бог и патриотизам. Вистината е сосема поинаква: ако постои пекол, Јуре и Бобан сигурно се таму, веруваат тие.
Тие, исто така, велат дека патриотизмот е одговорност што „нè обврзува да создадеме општество на правда, солидарност и инклузивност, бидејќи само во такво општество можеме да живееме со достоинство и слобода“.
-Сè што отстапува од тие вредности, не е вистинска љубов кон татковината, туку колапс на принципите на слободата, правдата и меѓусебното почитување врз кои почива Хрватска, заклучуваат од СДП на Хрватска.