Тензии во СДСМ – Деспотовски најави дека ќе го тужи раководството

by jadranka 10:04
10:04

Се зголемуваат тензиите во опозициската СДСМ со препукувања на реалција актуелно раководство – поранешни високи функционери. По синоќешниот телевизиски настап на поранешниот градоначалник на Скопје и некогашен висок партиски функционер Петре Шилегов на „Топ Тема“ на Телма, и експресната реакција на социјалдемократите, прозван беше и некогашниот сопартиец Јован Деспотовски. Утрово со остар фејсбук статус Деспотовски побара јавно извинување од врвот на СДСМ и најави тужба за клевета доколку до такво нешто не дојде.

„Ова што се случува одамна ја помина секоја границата на внатрепартиска дебата. Станува збор за свесна клевета и политичка хајка, која нанесува штета не само на моето име и интегритет, туку се гази и угледот на партијата. Партија што низ децениите ја градеа илјадници другари, кои сигурно не сонувале дека нашата СДСМ ќе води дневна борба со медиуми и медиумски работници. Отворањето на внатрешни битки и поделби е политика на сегашното раководство на партијата, кое го применува како метод за опстојување и преживување. Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ“, стои во остриот напис на социјалните мрежи на Деспотовски.

Тој посочи дека никој друг освен сегашното раководство нема одговорност за исклучувањето на партијата од клучните процеси во државата. Од неучеството на средба на лидерите на најголемите партии, што е само дистанцирање од сопствената земја и граѓани. Од инаетењето со клучни законски проекти од значење за безбедноста на граѓаните.

„Мене, но и на секој социјалдемократ кој се вградил во темелите на најстарата партија во Македонија, ни е доста од лагите, конструкциите и манипулациите на сегашното раководство на СДСМ. Единствен одговорен за незадоволство помеѓу членовите на СДСМ е сегашното раководство на партијата. Ниту сметам, а најмалку чувствувам лична одговорност за тоа што поранешни, а и сегашни функционери на партијата веќе јавно коментираат за состојбите во СДСМ и за политиките и одлуките на сегашниот партиски врв“, потенцираше Деспотовски.

Ваквото остро појавување на ексдиректорот на ТИРЗ зоните во времето на владата на СДСМ, беше испровоцирано од синоќешното соопштение од Бихаќка, како реакција на медиумскиот настап на Шилегов, кое со брутален вокабулар го нарекоа дел од специјална операција против нив.  „Жестоко удираат по СДСМ: Геро, Ивона, Бетмен, Наум, квислингот Деспотовски и на крај Шилегов. Сите ги командува еден центар: ВМРО. Целта е рушење на СДСМ. Разоткриени се. А за тоа како функционира оваа спрега, заедно со Шилегов, се покажа вечерва. Објавите на порталите од кујните на ВМРО одеа во живо, додека трае емисијата, не чекаа ниту минути, мораше навредите на Шилегов за претседателот Филипче веднаш да се објават. Дури Героски гостува и на поткаст, веднаш по завршувањето на емисијата. Минатиот пат ги координираше текстовите на Деспотовски“, стоеше во писмената објава која очигледно ги зовре страстите во кругот на социјалдемократите.

Колку за потсетување, Шилегов во гостувањето на Телма синоќа јавно побара оставка од актуелното партиско раководство, оценувајќи дека резултатите од неговото работење се, како што рече, катастрофални и ја довеле партијата во длабока криза.

„Да ја сведете поддршката на партијата на околу сто илјади гласови и само 15 пратеници, да станете петта партија во Скопје и трета на државно ниво – ако тоа не е катастрофа, што е?“, изјави Шилегов.

Тој најави дека незадоволството во партијата не доаѓа само од него, туку и од поширока група членови и функционери, меѓу кои и актуелни пратеници, кои, според него, немаат никаква комуникација со раководството.

З.Фиданоски

Слични вести