Наместо безгрижно да ужива во детството и да оди на училиште, 14-годишно девојче било турнато во животот на возрасен преку два договорени брака. И двата биле организирани од нејзината мајка и очув, односно оние кои требало да ја заштитат, ја продале. Оваа сведоштво за принуден брак го објавува здружението „Отворена порта“.
-Девојчето било тепано кога се спротивставувало, емотивно уценувано кога се двоумело, и убедувано дека нејзиното страдање е неопходно за нејзините помали сестри да живеат во подобар дом- финансиран од парите добиени преку нејзиниот брак. Била испратена преку граници, изолирана, лишена од храна, горена со цигари, и отсечена од сите што ги познавала. Ова дете станало средство за преживување на семејството, се наведува во истражувањето на „Отворена порта“.
Од невладината истакнуваат дека овој случај, за жал, не е изолиран. Тој го отсликува животот на многу други девојчиња од ромските
и маргинализираните заедници низ земјата, живот задушен од сиромаштија, социјална стигма и институционално игнорирање. Преку ова сведоштво, и слични на него, анализата ја истражува системската природа на присилните бракови во Северна Македонија. Не се задржува само на личните трауми, туку ја опфаќа оваа појава од поширок агол: како присилата често се крие зад „традицијата“, како економската немаштија станува оправдување за експлоатација, и како институциите често не препознаваат или не реагираат на страдањето.
-Останати случаи – како девојчето во Албанија принудено на брак за да се прикрие семејно насилство, малолетничка од Србија повеќепати присилувана на брак за финансиска корист, девојче од рурална Струга измамено од своите родители да се омажи со ветување дека ќе му помогнат на семејството да излезе од сиромаштија, и девојче од Куманово кое нејзиниот татко ја принудувал на повеќекратни бракови како извор на приход – покажуваат дека ова не е изолиран настан, туку регионален образец на експлоатација скриен зад традиција, се наведува во истражувањето.
Присилните бракови најчесто ги погодуваат жените и девојчињата, особено од маргинализирани заедници, и често се поврзани со трудова и сексуална експлоатација. Годишните извештаи на Националната комисија за периодот 2017 – 2023 регистрираат случаи секоја година, со различен
број идентификувани жртви (од ниту еден случај во 2017 и 2020 година, преку три случаи во 2018 и 2019 година, четири во 2021 година, до најмногу шест случаи во 2022 година). Највисока концентрација на случаи се пријавени во централните, јужните и западните делови на земјата,
особено во Скопје, Велес, Тетово и руралните средини. Многу од жртвите се дел од ромската заедница, каде сиромаштијата, ниското ниво на образование и социјалните традиции ја зголемуваат ранливоста. Во овие заедници, девојчињата често се под притисок од семејството да стапат во брак, понекогаш како резултат на финансиски договори или обврска за принудна работа.
Трите документирани случаи на присилен брак кај ромски девојчиња на возраст од 14 до 16 години од нашата земја, кои живееле во рурални или полуурбани подрачја, покажуваат дека оваа практика не е културна девијација, туку нормализиран, присилен систем одржуван преку сиромаштија, патријархална контрола и институционална пасивност. Во секој случај, бракот бил организиран од блиски членови на семејството, најчесто родителите, кои ја експлоатирале ранливоста на девојчињата и ги ставиле нивните права и добросостојба во служба на опстанок на семејството.
Сите три девојчиња доаѓаат од семејства со генерациска сиромаштија, ниско образовно ниво и социјална исклученост. Во два случаи, девојчињата никогаш не посетувале формално образование, а во третиот – образованието било прекинато уште во основно училиште.
-Во сите три случаи, семејствата го користеле бракот како средство за намалување на финансискиот притисок или за отплата на долгови – вклучително и случај во кој девојче било омажено за да се подмири семејна обврска. Во друг случај, трансграничен договор вклучувал
манипулација и лажни ветувања, додека третото девојче било присилено на брак двапати од нејзиниот татко, а трет обид бил едвај спречен. Родителите користеле различни форми на присила, вклучувајќи физичко насилство (тепање, изгладнување, горење), затворање и емоционален притисок со кој и се претставувал бракот како неминовен или морално исправен. Културните очекувања дополнително ја зајакнувале оваа подреденост – на девојчињата им било кажувано дека нивната вредност се состои во тоа да станат сопруги и мајки, и дека враќањето во родителскиот дом по неуспешен брак би донело срам, се наведува во истражувањето.
В.В.