Здружението Студентарија реагира дека студентите сместени во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид веќе шести ден се без електрична енергија, додека, како што наведуваат, досега нема официјална информација или решение од раководството на домот и од Министерството за образование и наука.
Во соопштението, студентите тврдат дека причината за прекинот на електричната енергија повторно се неплатени сметки. Од Студентарија потсетуваат дека и во февруари годинава домот останал без струја повеќе од 30 часа, исто така поради неплатени обврски.
Во реакцијата се наведува и дека студентите веќе неколку недели немаат пристап до топла вода. Како привремено решение, им биле ставени на располагање три соби со бојлери, но поради актуелниот прекин на струјата, без вода останале и тие простории.
Студентите реагираат и на квалитетот на храната што ја добиваат во домот. Според Студентарија, за ручек најчесто им се служат леб, паштета, зденка и сок, додека за вечера добиваат конзерва туна или говедски нарезок.
Во соопштението се додава дека прекинот на електричната енергија се случува во период на испитната сесија, поради што студентите, како што наведуваат, се принудени да учат и да се движат низ домот со свеќи. Дополнително, посочуваат дека проблемот се случува непосредно пред завршувањето на престојот на студентите во домовите за оваа академска година.
Од Студентарија велат дека и покрај тоа што проблемот трае со денови, досега нема официјално објаснување за причините за прекинот, ниту информација кога ќе биде надминат.
„Студентите не бараат луксуз. Бараат струја, вода, пристојна храна и достоинствени услови за живот. Тоа не се привилегии, туку минимум што државата е должна да им го обезбеди“, се наведува во реакцијата.