Струмички полицаец им наплатил 500 евра на насилници за да им ја реши тепачката на „мирен начин“

by irena 14:20
14:20

Кривична пријава доби полицаец од Струмица, кој се товари за „злоупотреба на службена должност и овластување“. Полицаецот имал задача за да провери тепачка, отишол на лопкацијата, а наместо да го сработи повикот – на насилниците им побарал пари за „мирно решавање“ на настанот.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до ОЈО ГОКК поднесе кривична пријава по брза постапка против К.Ш., на работно место полицаец во ПС ОН Струмица, поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело ‘злоупотреба на службена должност и овластување’ по член 353 од КЗ и од страна на судија за претходна постапка му се одредени мерки на претпазливост. Пријавениот К.Ш. на 11.04.2026 околу 09:00 часот, при вршење на службени дејствија, по претходно примена пријава за нарушен јавен ред и мир со физички напад која му била задолжена за работа, ја искористил својата службена положба и овластувања така што посредувал помеѓу страните за наводно „мирно решавање’’ на настанот, при што неовластено побарал исплата на пари. Учесниците во нарушувањето на јавниот ред и мир со посредство на К.Ш. договориле пријавителот на оштетениот да му исплати сума од 1000 евра за да се откаже од пријавата, по што К.Ш. своеволно ја зголемил сумата за уште 200 евра на име наводни трошоци за постапката. Од вкупниот износ од 1200 евра, К.Ш. на оштетениот му исплатил само 700 евра, додека остатокот од 500 евра го задржал за себе, со што се стекнал со противправна имотна корист од 500 евра“, соопштуваат од МВР.

Од министерството велат дека има предлог да се поведе постапка за кршење на работниот ред и дисциплината, а полицаецот ќе се отстрани и од работното место додека заврши дисциплинската постапка.

Слични вести