Пензионираниот пилот кој е вклучен во противпожарната борба низ земјата, а исто така и лани беше дел од тимот што ги управуваше авионите ,,ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување за гасење на пожарите, Стоје Арсовски во интервју за Фокус говори за актуелната ситуација за пожарите, за тоа со што располага државата во моментот, како и за недостатокот на млади кадри во професијата.
Иако сте во пензија, повторно се вклучивте во борбата со пожарите и оваа сезона. Како се одлучивте на ваков чекор?
Се јави Стојанче и не информираше дека немаме пилоти за оваа сезона и не повика ако сакаме да се договориме за ангажман. Ние летавме 16 години претходно со целиот тим и остана само еден пилот. Човечки е да се приклучиш за да не го оставиш тој човек сам. Авио – одделението оперира со само еден пилот на три авиони.
Што имаме на располагање сега?
Во моментот имаме само еден авион, другиот авион би требало да дојде од сервис за два три дена максимум, со што ќе имаме два авиони, но сега оперираме само со еден авион и со тоа се бориме со пожарите.
Каква е ситуацијата на терен во моментот?
Вчера беше страшно, се качуваш горе и на сите страни каде и да погледнеш чади некаде, ноќеска паднаа многу температурите и со тоа имавме среќа. Сега пред малку полета авионот за Чучер Сандево, таму имало некое жариште. Има оперативен кризен штаб во Дирекција за спасување и таму се носи одлука за тоа како да се активираат силите.
Колкави се капацитетите на државата за справување со пожарите и што мислите дека би можело да се подобри?
Можам да зборам само за авио одделението, овие два дена летаа по 9 часа и авионот беше во воздух по 9, 10 часови и максимално се искористи, повеќе време и не може да лета. Имаме предизвици со континуитет. На две, три години доаѓа нов директор и секој нов директор нема врска како работи целата ситуација и како функционира Агенцијата, треба да се запознаваат малку повеќе со системот и оперативците и за тоа треба време. Сега еве беше позапознаен бидејќи беше од ЦУК, но некогаш не се запознаени и ќе дојде сезона на пожари, па тендерот не завршил, друго е континуитет и кога некој знае кога треба и како треба да се реагира, тука е проблемот во тој систем. Друго, сите тие сервиси може да се работат и овде, не нужно дека мора да се носат во Шпанија, Португалија, Австрија, Хрватска, може и овде да се прават, имаме одличен тим на техничари, но потоа кога ќе пратиме авиони, веќе сме зависни од нив, и чекаме да се заврши заедно со другите кои тие ги имаат на сервис.
Дали државата доволно вложува во млади кадри и како да дојде до млади луѓе кои ќе можат да ја продолжат вашата работа во иднина?
Ние сме неважни во целата приказна, кажавме – зошто се замарате со нас, земете еден оглас меѓународен пуштете, ќе ви се пријават пилоти и ќе видите дали ќе дојдат. Кога им кажале 30 илјади евра по пилот за еден месец, после пак се вратија да разговараат со нас. Тоа е цената на пазарот. Треба да се создадат спортски пилоти, со приватна пилотска дозвола, па тие да ги школуваат за комерцијална пилотска дозвола, па колку што летал за дозволата уште толку треба да лета за тренинг, па тек после да влезе во школа со нас за авион. Не е процес, кој се прави веднаш. Сега да почнат, треба најмалку 3,4 години за да се создаде еден млад пилот.
Во бивша Југославија имавме систем, се школуваа секоја година, тоа беше систем кој го ископираа од Англија, правилниците беа толку добри, и тоа функционираше беспрекорно. Се растури Југославија, нема падобранци, нема едриличари, нема обуки. Треба прво да ги создадеш, па после да ги правиш пилоти. Не може на ,,нероден Петко, капа да му кроиш“.
К.О.