ССМ со иницијатива за намалување на платите на функционерите

by irena 13:24
13:24

ССМ денеска до Собранието поднесе иницијатива за изменување и дополнување на Законот за платата и другите надоместоци на пратениците и на другите избрани и именувани лица, барајќи итно постапување без одлагање.

Иницијативата е донесена врз основа на одлука на Претседателството на ССМ од 3 февруари 2026 година и се темели на член 71 од Уставот на Република Северна Македонија, кој овозможува поднесување законски иницијативи до овластените предлагачи.

ССМ притоа бара основицата за пресметување на платата на пратениците и на другите избрани и именувани лица да биде минималната плата во државата, според податоците на Државниот завод за статистика, наместо досегашната просечна плата.

Синдикатот предлага и намалување на коефициентите за утврдување на платите и надоместоците за 40 проценти.

ССМ наведуваат дека ваквото решение произлегува од уставните принципи на еднаквост, недискриминација и правна сигурност, како и од меѓународните трудови стандарди, Европската социјална повелба и Универзалната декларација за човекови права.

ССМ во 2023 година заедно со Владата го потпиша Општиот колективен договор за јавниот сектор, во кој како основица за платите беше предвидена просечната плата, но, како што наведуваат, Владата не го спровела договорот и побарала укинување на тоа право за вработените.

Слични вести