Спикерот Гаши апелира – до Нова Година да се избере Народен Правобранител

by jadranka 13:49
13:49

Ќе се направи уште еден обид до крајот на годината, да се избере Народен Правобранител во Собранието. По вчерашното драматично обраќање на вработените дека институцијата е пред целосна блокада, првиот парламентарец Африм Гаши денеска со јавен апел до партиите застапени во Парламентот да изнајдат начин да се дојде до компромис што ќе резултира со нов Омбудсман.  Најави и дека лично ќе се ангажира да се надмине ова прашање.

“Што се однесува до процедурата ние сме направиле се таа да тече нормално, но затекнати сме со политичката волја на партиите. Знаете дека треба да се изгласа со мнозинство и со голем Бадентер, а тоа се 20 пратеници од немнозинските заедници. Ја користам оваа можност преку вас медиумите да упатам апел до сите политички партии да го одблокираме овој процес, да најдеме решение, да седнат политичките актери да најдат решение. Пред сѐ, да бидеме совесни кон една многу битна институција како што е Народниот правобранител. Би сакал тоа најбрзо што е можно да се случи и веднаш би ја свикал седницата. Точката е на дневен ред, ќе ја изгласаме за да може да функционира и во однос на повторените избори кои се на 11 јануари“, изјави Гаши.  Тој се надева дека не се исцрпени сите политички можности и дека нема толку големи разлики да се најде решение.

Комисијата за избори и именувања за позицијата народен правобранител го предложи Фатон Сељами . Владејачкото мнозинство има доволно гласови да биде поддржан овој кандидат, но нема доволен број пратеници за гласањето по Бадентер. Затоа што во моментов не располага со доволен број т.н. „бадентерови“ гласови, кои во моментов се на другата страна – во редовите на опозицијата, првенствено кај Европскиот фронт предводен од ДУИ. Гаши немаше прецизен одговор на прашањето зошто не се предлага кандидат прифатлив за „интегративците“.

Ваквиот апел од Гаши доаѓа по вчерашното драматично обраќање од вработените од оваа институција кон јавноста со отворено писмо во кое посочија дека се наоѓаат во драматична состојба. Откако и по пет месеци не се избра наследник на Насер Зибери на позицијата Омбудсман,  тие се во целосна блокада. Наместо да се грижат и да аларамираат за заштита на човековите слободи и права, во моментов се наоѓаат, практично во безизлезна состојба. Побараа од  Собранието да си ја заврши својата обврска и итно да избере Народен правобранител кој ќе ја потпише завршната сметка и ќе обезбеди постоење на институцијата, плати за вработените, кирии, комуналии. Веќе неколку месеци оваа институција која е еден од темелите на уставниот поредок,  доцни со кириите, a доверителите предупредуваат дека повеќе нема да толерираат неплаќање.

З.Ф. 

Слични вести