Иницијативата за отворање расправа за ретроактивното оданочување, поднесена од засегнатите граѓани и од советниците на „Ред за Куманово“, беше одбиена со образложение дека Советот нема надлежност да одлучува по ова прашање и дека станува збор за ингеренција на Управата за јавни приходи.
Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, предложи градоначалникот Максим Димитриевски да даде информација за проблемот, со оглед на тоа што претходно остварил средба со печалбарите. Предлогот предизвика реакции кај опозициските советници, кои оценија дека доколку Советот нема право да расправа за темата, истата можност не треба да му се дава ниту на градоначалникот. „Доколку градоначалникот сака да го соопшти тоа што го знае, нека свика прес-конференција. Вака ќе прави политичка промоција пред нас и пред јавноста“, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Томица Илиќ.
Дел од советниците укажаа и дека со ваквата постапка се прекршува Деловникот за работа на Советот, но претседателката не го прифати тој став и му даде збор на градоначалникот. Предлогот на советникот Иван Петковски за дополнување на дневниот ред со точка за ретроактивното оданочување беше ставен на гласање, но не доби поддршка – „против“ гласаа 17 советници, „за“ беа 12, а двајца останаа воздржани.
Поранешните работници во Ирак и Авганистан повеќе од две недели протестираат пред Управата за јавни приходи, барајќи решение за даночните обврски, а за помош се обратија и до градоначалникот и до Советот на Општина Куманово.