Сопругата на 61-годишниот српски државјанин, кој беше повреден при инцидент на летот на „Рајанер“ од Солун кон Минхен, ги опиша драматичните моменти во кои таа, уште една патничка и еден сопатник го држеле за да не биде извлечен од авионот, објави грчката телевизија „Мега“.
Повредениот се наоѓа на лекување во болница во Солун, каде што се опоравува од повредите и претрпениот шок. Неговиот идентитет не е објавен, но грчките медиуми објавија фотографија од него.
Во емисијата „Live News“ на телевизијата „Мега“, неговата сопруга раскажа дека инцидентот се случил околу половина час по полетувањето.
„Летавме веќе 30 до 40 минути кога одеднаш пукна прозорецот. Мојот сопруг седеше до прозорецот. Сè се случи за дел од секунда. Поради разликата во притисокот, половина од неговото тело заврши надвор од авионот. Низ кабината почна да лета сè. Паднаа кислородните маски, а никој не знаеше што да направи. Сите плачеа“, изјавила таа.
Според неа, најпрво таа и една сопатничка се обиделе да го задржат, а потоа им се придружил и патник кој седел во соседниот ред.
„Ние двете го држевме, а потоа дојде господинот од редот до нас и заедно го влечевме за раката, додека половина од неговото тело беше надвор од авионот“, раскажала сопругата.
Грчките медиуми наведуваат дека животот на 61-годишникот бил спасен и благодарение на тоа што бил врзан со безбедносен појас.
По инцидентот, авионот ја променил рутата и безбедно слетал на аеродромот „Македонија“ во Солун, по што патниците биле евакуирани.
Повредениот, како и лицата кои му помогнале во критичните моменти, биле пренесени во болница. Од Генералниот конзулат на Србија во Солун претходно соопштија дека неговата здравствена состојба е стабилна и дека не е животно загрозен.
Според грчките медиуми, една од верзиите што се разгледуваат е дека при спуштањето на авионот се откачил дел од оштетениот мотор и удрил во прозорецот на патничката кабина. Официјалната причина за инцидентот сè уште не е утврдена, а истрагата е во тек.