Сончево и топло време со температура до 39 степени Целзиусови се очекува денеска, а под влијание на топла воздушна маса од југ, високите температури ќе продолжат и во наредните денови.
Согласно најавата на Управата за хидрометеоролошки работи, времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Поради топлото време, од Министерството за здравство дадоа повеќе препораки за заштита на населението од високи температури, меѓу кои престојување во затворени, разладени простории, внесување доволно течности, избегнување алкохол и засладени пијалаци, носење лесна, светла облека и користење заштита за глава и очи.
Се препорачува и избегнување физичка активност во најтоплите часови од денот, посветување внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени, да се одложат активности на отворено во најтоплиот дел од денот и да се обезбедат микроклиматски услови на работното место и во домот.