Собранието вечерва, со 62 гласови против, 21 „за“ и ниту еден воздржан, ја отфрли интерпелацијата за работата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Интерпелацијата ја поднесоа пратениците од СДСМ и Коалицијата за европска иднина поради, како што истакнаа, катастрофалните резултати, намалените субвенции, неисполнетите ветувања, падот на откупните цени, блокираните европски средства, коруптивните скандали и огромното незадоволство кај земјоделците. Со интерпелацијата се бараше политичка одговорност и оставка од Трипуновски.
Владејачкото мнозинство ја квалификува интерпелацијата како беспредметна, неоснована и неиздржана, но и како политички маневар за дефокусирање на јавноста од вистинската одговорност за „пустошот, долговите и девастацијата што во земјоделството ги остави претходната власт на СДСМ, предводена од поранешниот министер Љупчо Николовски“.
Трипуновски, рекоа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, покажа како се работи одговорно, домаќински и транспарентно, а МЗШВ раководено од него, за рекордно време испорача конкретни, мерливи и видливи резултати.
-Сите обвинувања што ги расфрлате како пердуви во јавноста, не се поддржани со аргументи. Довербата што сме ја добиле ќе ја оправдаме, а времето ќе покаже какви политики води ВМРО-ДПМНЕ, а какви водеше СДСМ. Немојте да изнесувате само политички флоскули дека нешто е катастрофално. Дворот беше премногу валкан и презадолжен – таква ситуација наследивме од вашите седум години власт. Да имавте барем малку доблест да работите домаќински и економски, денеска ќе беше многу поинаква ситуацијата, им порача министерот Трипуновски на пратениците од опозицијата.
Тој нагласи дека за посветената работа говорат економските показатели и бројките, а се осврна и на корупцијата, напоменувајќи дека законите мора да важат еднакво за сите.
-Зголемен е извозот за 85 милиони евра во 2025 во споредба со 2024 година, достигна 417 милиони евра. Сите економски показатели покажуваат дека имаме позитивен тренд и во делот на извоз и откупот на земјоделските производи. Согласно податоците во 2025 година во однос на 2024-та бележиме раст во откупот и тоа во четвртото тримесечје за 15 отсто, во третото тримесечје за 10,4 проценти. Од друга страна, се поголем е бројот на индивидуални земјоделци кои својот род го пласираат директно на пазарите, трговските ланци, ресторани. Земјоделците се спокојни, бидејќи имаат вистински партнер во Министерството и Владата, а за штетите што ги наследивме треба многу повеќе време да се санираат, појасни Трипуновски.
Министерот рече и дека во изминатите две години постојано одржува средби со земјоделците. Од собраниската говорница, тој им порача дека останува нивен партнер.
-Интерпелацијата нема да ме поколеба, ниту да ме одврати да продолжам да работам на реформите што сме ги ветле. Продолжуваме со модернизација, инвестиции во системите за наводнување, носење на клучните закони кои ќе значат системско решевање на проблемите. Сакам да упатам порака до земјоделците – вие сте луѓе кои ја хранат нашата држава, знам дека патот не е лесен. Се соочуваме со предизвици и неизвесност, но нема откажување, секое посеано семе, обработена нива и собран род се доказ за вашата жртва и посветеност, но не сте сами, вашата работа се цени, останувам ваш единствен партнер, заеднички ќе работиме за поконкурентно земјоделство, истакна Трипуновски.
Според Емилија Ангелова од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ не може да ги поднесе резултатите на министерот Трипуновски во земјоделството и поради тоа поднесува интерпелација.
-Зборувате за одговорност, а оставивте земјоделци со неисплатени обврски, со ниски откупни цени, со празни ветувања и со чувство дека државата целосно ги заборавила. Да не заборавиме кој беше на власт кога земјоделците протестираа пред институциите. Да не заборавиме кој ги тераше тутунарите, овоштарите и сточарите да излегуваат на улица за да си ги бараат сопствените пари. Да не заборавиме кој создаде систем во кој партиската книшка беше поважна од чесниот труд на македонскиот земјоделец и токму вие држите денеска лекции, рече Ангелова.