Со личен пример да ја потврдиме човечноста

by Фокус

Убедувањето на повеќето политичари дека поседуваат отпор кон отстапувањата што позицијата може да ги произведе, е главно пропорционално на нивните амбиции. Колку е поголема желбата за моќ, толку е поголема убеденоста во себе и во сопствените одлуки.

Пишува: Перо КОСТАДИНОВ

Периодот околу новогодишните и божикните празници е време кога секој од нас размислува за тоа што поминало зад нас и за она што би сакале да се оствари во следната година.

Време кога подаруваме, славиме, сонуваме и посакуваме. Ги поставуваме новите цели и полни со надеж го почнуваме патот кон нивно остварување. Пред нас се нови почетоци и нови можности.

Ова е и време на преиспитување. Се соочуваме себеси со сопствените постапки, нашата достојност, моралноста и добронамерноста.

Исправени пред секојдневните искушенија и нивниот потенцијал да нè инфицираат од егоизам, суета, немање чувство за болката на другиот, како и хистеричниот стремеж кон моќта и парите, преиспитувањето е еликсир на човечноста, за секој од нас.

Најчесто, сакаме како луѓе да го имаме она што го немаме, обично она што не ни треба, мислејќи дека тоа ќе ни донесе задоволство, среќа и мир.

Го забораваме фактот дека среќата не е да го сакаш она што го немаш, туку да бидеш задоволен со она што го имаш.

Евидентна е кризата на позитивни вредности и модели. Потребен е силен вредносен систем, морал и продуховени индивидуи, повеќе од кога и да е претходно.

Трендовите на консумеризам, површност и нечесност стануваат матрица, која се следи и го разградува општеството, по сите негови делови.

ПОЗИТИВНИ ПРИМЕРИ

Кризата на моралот денес е основата на секоја несреќа утре. Неопходни ни се позитивни примери во секоја професија, кои не прават компромис.

Тие ќе ја вратат надежта во заедницата и ќе го осветлат патот кон суштината на едно живеење.

Како и во секоја друга сфера, трендовите се идентични и во политиката. Креиран е став дека нечесноста е последица на глупавост, а добронамерноста на неукост.

Луѓето се склони да ја согледаат стекнатата моќ како нешто што може да ги надомести сите недостатоци во нивниот карактер и да го направи, во нивните очи, идеално решение во системот во кој самите тие се на врвот на хиерархијата.

За оваа нарцисоидна потреба на моќ, во политичкиот систем се напишани многу студии, но кај нас најчесто ги читаат оние кои политиката не ја гледаат како своја професија.

Убедувањето на повеќето политичари дека поседуваат отпор кон отстапувањата што позицијата може да ги произведе е главно пропорционално на нивните амбиции.

Колку е поголема желбата за моќ, толку е поголема убеденоста во себе и во сопствените одлуки.

Ова е точката од која почнуваат проблемите, не само со општествено- политичкото опкружување, кое произлегува поради недостиг од реално искуство на личноста, туку таквото искуство почнува да ја вовлекува личноста во сѐ повеќе проблеми, правејќи ја самоизолиран носител на одлуки, кои произлегуваат од исклучиво лични искуства и проценки.

СЕКОЈ УСПЕХ Е МОЖЕН

Како држава, не сме изолиран остров во негативните тенденции на вредносните модели. Се соочуваме со идентични симптоми како и останатите општества. Популизмот, национализмот, нечесноста и злонамерноста се пандемично распространети.

А, пред важни одлуки сме, од кои ќе зависат развојот и иднината на државата. Некои политички партии ги сведоа активностите на промовирање популистички пароли привлечни за дел од електоратот, без да донесат добро за државата. Имаме потенцијал да исчекориме напред, меѓутоа изгубивме драгоцено време.

Чувството на одговорност за сложените предизвици со кои се соочуваат земјата и граѓаните, како и свесноста за последиците на долг рок, нè охрабрува одлучно да се движиме по патот кој значи интеграција и напредок на целокупното општество, високи стандарди во секоја сфера и можности за секој човек.

Потребен е оптимизам, работа и верба. Секој успех е можен.

Новата година е нова шанса. За секоја индивидуа и за секоја заедница. Пред нас е време на нови обиди да станеме подобри луѓе, нова можност да поставиме високи цели, да веруваме во себе и да сонуваме.

Да бидеме предводници на промени што носат добро за секого и со личен пример да ја потврдиме човечноста.

Да ги отвориме нашите срца ширум, да го храниме најдоброто во нашите души, да бидеме критични кон себе и да ја сакаме праведноста.

На сите граѓани, во новата 2024 година им посакувам многу здравје, радости и нови животни победи. Нека има среќа за секој човек.

(Авторот е потпретседател на СДСМ)

Поврзани новости