Словенечки вештаци пред суд: Пропусти во терапијата на 51 пациент

by irena 12:16
12:16

Со сослушување вешти лица од Словенија, кои ги работеле медицинските вештачења за Обвинителството, денеска во Основниот кривичен суд во Скопје продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, кој заедно со двајца онколози – Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски – е обвинет за несовесно лекување пациенти.

Вештите лица, Маја Раднев асистентката Јасмина Јордан од Медицинскиот факултет во Марибор, одговараа на прашања на Обвинителството за медицинските критериуми и протоколите на кои се базира онколошката терапија, како и за конкретни мислења за лекувањето на 51 пациент, врз чија документација е изработено вештачењето.

Раднев објасни дека најважно е да се има хистолошки, молекуларни и генетски анализи, стадиум на болеста, коморбидитети и општата здравствена состојба на пациентот пред да се започне терапија. Онколошките лекови мора да се даваат според индикации потврдени со клинички студии, а промените на терапијата секогаш треба да бидат документирани и одобрени од мултидисциплинарен конзилиум.

Сведочењето покажа сериозни пропусти: од 51 случај, само во еден имало запис од конзилиум, телесната тежина и висина биле забележани само во мал број случаи, а коморбидитетите и физикалните прегледи биле ретко евидентирани. Радник нагласи дека таквите пропусти можат значително да влијаат на безбедноста и ефикасноста на терапијата, па дури и на животот на пациентот.

Онколошката терапија, додаде вештакот, треба да се спроведува согласно европските протоколи и, доколку државата нема свои, тие треба да се следат како основа за националните протоколи. Акутните состојби како ковид бараат привремено прекинување на терапијата, а тежината, здравствената состојба и коморбидитетите мора да се земат предвид при секое продолжување на лекувањето.

Случајот се наоѓа во доказна постапка, а за сослушување на вештите лица се закажани повеќе рочишта, додека кон крајот на март ќе започне сослушување и на вештаци од Србија.

Слични вести