Славески: Структурните реформи можат значително да ја забрзаат конвергенцијата кон ЕУ

by irena 09:18
09:18

Проценките покажуваат дека комбинацијата од реформи во областите на пазарот на трудот, човечкиот капитал, деловното окружување и доброто управување има потенцијал да го зголеми БДП на земјава за околу 14 проценти, доколку се затвори половина од јазот којшто постои во однос на водечките економии од Централна, Источна и Југоисточна Европа – порача гувернерот на Народната банка Трајко Славески на Годишната меѓународна конференција „Координација на политиките за конвергенција кон ЕУ: фискален простор и монетарно закотвување во услови на забрзана интеграција“, којашто се одржа во Кишињев, Молдавија, во организација на Народната банка на Молдавија.

Гувернерот Славески истакна дека реалната конвергенција на земјите од Западен Балкан сѐ уште е бавна и дека структурните реформи се од суштинско значење за зајакнување на потенцијалот за раст и за побрзо економско приближување кон Европската Унија.

Славески нагласи дека воспоставената и долго одржувана макроекономска стабилност создаде цврста основа за развој на нашата економија, додека зголемената трговска отвореност и интеграцијата во европските и глобалните синџири на вредност значително го променија економскиот и извозниот профил на земјата.

„Во 2025 година, трговската отвореност достигна околу 130 проценти од БДП, што претставува речиси двојно зголемување во споредба со раниот период на транзицијата“, информира гувернерот Славески.

Во однос на потребната реформска агенда, тој посебно ги издвои институционалните реформи и реформите во областа на доброто управување.

„Владеењето на правото, ефикасноста на институциите и поголемата предвидливост ќе ја подобрат инвестициската клима, ќе ја зајакнат ефикасноста на јавните политики и ќе ги зголемат ефектите од инвестициите во човечкиот капитал и приватниот сектор“, оцени Славески.

Слични вести