СКРМ: Љутков се постави над законите и судовите – платите во културата повторно мета на манипулации

by irena 14:37
14:37

Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ) упати остри обвинувања до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, обвинувајќи го дека со ново „Упатство“ свесно ги крши колективните договори и одбива да спроведе правосилни судски пресуди за зголемување на платите во културата.

Според СКРМ, со спорниот документ министерот повторно ја воведува формулата за пресметка на плати позната како „разлика меѓу август и септември 2023 година“, која судовите веќе експлицитно ја прогласиле за незаконита и спротивна на Општиот колективен договор.

Од Синдикатот посочуваат дека веќе постојат 15 правосилни судски пресуди кои недвосмислено утврдуваат дека платите во културата мора да се зголемат за 10 проценти од основната бруто плата, согласно член 14 од Општиот колективен договор.

„Министерот самоволно и тврдоглаво ја враќа истата незаконита формула. Ова не е упатство, туку обид за суспензија на правниот поредок во културата. Наместо да ги спроведува законите и судските одлуки, министерот си зема за право да ги прекројува“, реагираат од СКРМ.

Синдикалците нагласуваат дека документот нема потпис од стручно лице кое го изготвило, ниту содржи соодветни методолошки стандарди, туку е потпишан исклучиво од министерот, што, според нив, дополнително ја доведува во прашање неговата законитост.

СКРМ јавно праша дали премиерот Христијан Мицкоски е информиран дека ваквото упатство е донесено без претходно да биде свикана Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, што е обврска утврдена со владината информација од 9 декември 2025 година.

Синдикатот порача дека нема да дозволи платите да се пресметуваат по таканаречена „министерска математика“ и најави активирање на сите правни механизми, вклучително и нови тужби и утврдување кривична одговорност.

Слични вести