Екипи на скопската Противпожарна бригада заминуваат кон Мариово, каде што ќе им се приклучат на пожарникарите и останатите екипи кои се борат со големиот пожар што повторно се разгоре во овој регион.
Пожарот во прилепскиот дел на Мариово повторно се активира поради ветерот, а според последните информации, огнената линија се протега на голема површина. На терен веќе интервенираат прилепските пожарникари, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и доброволци од повеќе градови.
Дополнителна помош сега пристигнува и од Скопје. Скопските пожарникари ќе бидат распоредени на критичните точки и ќе помогнат во обидите огнот да се стави под контрола и да се спречи негово ширење кон населените места.
Особено внимание е насочено кон заштита на селата во Мариово, откако претходно огнот навлезе во делови од селото Чаниште. Како една од критичните точки беше посочено и селото Крушевица.
Гаснењето го отежнуваат непристапниот терен, високата сува трева и ветерот, кој придонесува за повторно разгорување и брзо ширење на огнот.
Екипите остануваат мобилизирани, а со пристигнувањето на пожарникарите од Скопје се засилуваат човечките и техничките капацитети за справување со пожарот во Мариово.