Архива: Гореше стомакот на пациентка среде операција

by Fokus 13:30
13:30

Текстот е објавен на 3 февруари, 2017 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1113

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

- Advertisements -

Не поминува ден, а на скопските клиники да не се случи некој скандал, кој најчесто удира по грбот на пациентите, од кои некои починаа шетајќи од клиника на клиника за лекарите да утврдат кој треба да им укаже помош, дел останаа инвалиди поради разни лекарски грешки, додека многумина не успеаја да ја добијат потребната здравствена заштита. Болничките ходници се исполнети со жални и трагични судбини на многу пациенти, кои станаа жртви на лошо поставениот здравствен систем.

Дополнителен проблем е кога надлежните институции ги прикриваат лекарските грешки и негрижата и никој не презема одговорност за изгубените животи, за настанатата компликација при лекувањето, за оштетувањето на видот, функциите на органите… Според досегашната пракса, ако „пукне“ некоја болничка афера во јавноста, институциите почнуваат да си ја префрлаат топката едни на други, министерот по традиција формира комисија за стручен надзор, која зад затворени врати го испитува случајот, а откриените сознанија остануваат да фаќаат прашина во некоја од фиоките на Министерството за здравство.

Многу честа практика во Македонија стана ваквите „грешки“, кои понекогаш чинат човечки живот да се забошотат, а вистината да го види светлото на денот само ако пациентите сами реагираат во медиумите или, пак, ако некои лекари, кои сѐ уште држат до лекарската етика, одлучат ваквите проблеми да ги споделат со јавноста. Иако, мора да се признае дека се помал е бројот на лекарите кои јавно зборуваат за проблемите и скандалите што секојдневно го тресат јавното здравство.

Досега на страниците на „Фокус“ се споделени трагичните судбини на многу пациенти, меѓу кои е и случајот од пред неколку години кога на пациент, за време на операција, му беа заборавени ножиците во стомакот, потоа тука е скандалот „Перде“ за очната лекарка, која за време на ласерска операција на катаракта, која трае само 15 минути го оштети видот на 50-тина пациенти… И тамам ќе помислиме дека врвот е достигнат, се случува нешто уште пострашно, па дури и незамисливо.

ДОДЕКА ЈА ОПЕРИРАЛЕ Ѝ ИЗБИЛ ПЛАМЕН ОД СТОМАКОТ

Нов скандал ја тресе скопската Клиника за дигестивна хирургија, откако пред два месеца при операција на жолчка, пациентка одвај останала жива, иако таа воопшто не била свесна што сѐ ѝ се случило за време на интервенцијата и какво премрежје поминала. Според хирурзите на Абдоменална хирургија, за првпат во историјата на клиниката се случува скандал од ваков вид, кој освен што можел да биде кобен за пациентката, начинот на кој се случил е уште пострашен, па дури и незамислив.

Станува збор за 69-годишната С.В. од Скопје, која во средината на декември била примена на клиниката да оперира жолчка преку познатата лапароскопска хирургија, која се разликува многу од класичната операција и е поповолна за пациентот, затоа што го скратува времето на заздравување и го задржува естетскиот лик на делот од телото, врз кој се интервенира. Операцијата е позната по тоа што хирургот не прави вообичаен рез, туку преку два мали отвори влегува со сонда и камера за да го изведе оперативниот зафат, кој се набљудува на екран. Операцијата трае од половина час до два часа, во зависност од тоа за каква компликација се работи. Пациентот е под целосна анестезија, а по извршувањето на интервенцијата, на клиниката е хоспитализиран само еден ден и веднаш потоа се пушта на домашно лекување.

Според нашите извори, кога абдоменалниот хирург ја почнал операцијата на 69-годишната пациентка наеднаш од стомакот ѝ избил пламен. За среќа, тимот што ја извршувал интервенцијата брзо реагирал и било спречено да се случи поголема трагедија.

Што го предизвикало пожарот? Како што велат нашите извори, според процедурата, за време на операција на жолчка во стомакот од боца се пумпа медицински гас – јаглероден диоксид, кој е предуслов за да почне операцијата. Притоа стомакот се полни со гас до постигнување одреден притисок внатре во стомачната празнина и стомачниот ѕид се подига како шатор, каде што се добива простор за интервенција за хирургот да може слободно да работи. Нашите извори тврдат дека токму тоа било причината за огнот што избил во стомакот на пациентката. Според сите протоколи, во моментот кога почнала операцијата, во нејзиниот стомак екипата ставила медицински гас, но наместо потребниот CO2 (јаглероден диоксид), боцата по грешка била полна со кислород, кој го предизвикал пожарот и можел да биде кобен за нејзиниот живот. Сепак, лекарите реагирале на време и ја спречиле трагедијата.

Хемостаза е запирање на крвавењето. Во текот на операцијата се користи хемиска супстанца, која врши забрзана коагулација (запирање на крвавењето) и во случаи кога се користи електрохирургија се создава електрична искра, која во средина богата со кислород и хемиска супстанца, се запалува супстанцата, односно настанува пожарот. Тоа се случи во наведениот пример – тврдат нашите извори од клиниката.

Тие уште додаваат дека пациентката, која за време на операцијата била под целосна анестезија, воопшто не била информирана за тоа што ѝ се случило за време на интервенцијата, а подоцна лапароскопски ѝ била извршена операција на жолчката. Таа во моментот не е хоспитализирана на скопската клиника.

Пациентката воопшто не е запознаена со тоа што ѝ се случи. Тоа било само момент и веднаш било реагирано, со што се избегнала поголема несреќа. Кај нас на клиниката носат метални боци, кои се полни со медицински гасови, во зависност од потребите и од нив се вдувува потребниот гас. Ние не можеме да знаеме каков гас има внатре во боците. Грешката настанала затоа што боцата наместо со јаглерод диоксид била полна со погрешен медицински гас, кислород, кој го предизвикал пламенот во стомакот – информираат нашите извори од Абдоменална хирургија.

„Фокус“ одлучи да не го открива идентитетот на хирургот што ја извршил операцијата, со оглед на тоа дека тоа што се случило не е по негова вина и не можел да знае каков медицински гас имало во боците.

Но, затоа, пак, го контактиравме да ни објасни во детали што точно се случило за време на оперативниот зафат. Тој го потврди случајот, но додаде дека навремено било реагирано и спречено да се случи нешто пострашно.

Забележано е на време, така што немаше никаков проблем – објаснува абдоменалниот хирург.

За разлика од него, медицинскиот директор на скопската Клиника за дигестивна хирургија, доктор Александар Караѓозов воопшто не одговори на нашите телефонски повици, ниту на смс-пораките за да ни објасни што точно се случило тој ден, зошто случајот се крие и не се преземаат некакви мерки за да се откријат виновниците.

Исто така, неколку прашања испративме и до Министерството за здравство, но и од таму до затворањето на овој број од неделникот не добивме никаков одговор.

КЛИНИКАТА ИЗВРШИЛА ИНТЕРНА ИСТРАГА

Дополнителен проблем во целата приказна е и тоа што директорот Караѓозов молчи веќе два месеца и не кажува ништо за овој случај, а со тоа не е запознаена ниту јавната установа Заеднички служби, која е еден вид посредник меѓу клиниките и фирмите што ги полнат металните боци со медицински гасови. Тие за овој случај првпат слушнаа од нас, но велат дека клиниката под итно требало и писмено и усно да се пожали за тие да проверат како настанал проблемот и да најдат соодветно решение.

Не знам зошто се крие таков случај. Од клиниките можат во секое време да реагираат до нас и ние веднаш ќе видиме и ќе провериме како можел да се случи таков пропуст. Досега, од Дигестивна хирургија до нас нема никаква жалба, а што е најчудно, понекогаш ни вртат за најбанални работи – тврдат за „Фокус“ од Заеднички служби.

Од таму ни објаснија како функционира целата процедура и велат дека нивната работа е само транспортот, така што металните боци се земаат од клиниките, се носат во работилница на полнење и повторно се враќаат назад. Секоја боца има ознака, се полни со различен вид медицински гас и се распоредува на клиниките, во зависност од тоа која клиника колкава потреба има.

За медицинскиот гас CO2 или јаглеродниот диоксид не постои централизиран систем за набавка и затоа користиме боци. Тој е еден од медицинските гасови што поретко се користи, но, сепак, има клиники кај кои уште го доставуваме. Нашата работа е транспортот. Нашиот возач ги зема металните боци, ги носи во работилница, таму се полнат и потоа ги враќа назад на клиниките – ја објаснуваат процедурата од Заеднички служби.

Според нив, понекогаш се случува да се јави проблем, како на пример металните боци да не се докрај наполнети, но веднаш реагираат и проблемот експресно се решава.

Некои од клиниките имаат потреба од боците на три месеци, додека некои секоја недела  – тврдат од Заеднички служби.

Сепак, како што дознаваме, по овој скандал во декември имало интерна истрага на Клиниката за дигестивна хирургија, но била донесена одлука случајот да не се пријавува во полиција. Од истрагата, заклучено е дека никој не знае како боцата со погрешен медицински гас се нашла на клиниката, со оглед на тоа што на неа немало официјална етикета, број на полнење, како и денот кога била наполнета, што мора да го има секоја метална боца со медицински гас. Нашите извори тврдат дека било разговарано со сите засегнати страни, но наводно никој не знаел како боцата со кислород завршила на клиниката, по што може да се заклучи дека автоматски сите креваат раце и не може да се открие главниот виновник.

ПРЕД ЕДНА ГОДИНА, ПАЦИЕНТ ПУКАШЕ ВО ЛЕКАР НА АБДОМЕНАЛНА

Пред повеќе од една година Клиниката за дигестивна хирургија повторно беше главна тема во јавноста, откако незадоволен пациент пукаше во абдоменалниот хирург Љубомир Огненовиќ, обвинувајќи го за смртта на неговата мајка, која неколку часа претходно починала на клиниката. Иако во тој период се крена фама дали и колку се заштитени лекарите, но и пациентите во јавните здравствени установи, сепак се заврши како „секое чудо за три дена“.

Според лекарите, тој ден на клиниката во период од 20 минути се случувал вистински хорор-филм. Откако синот бил известен дека неговата мајка, која боледувала од карцином на жолчното ќесе, а имала и други заболувања, починала, тој подоцна се вратил на клиниката со уште двајца придружници и со десетина истрели од пиштол пукал во дежурниот лекар.

Овој настан на нозе ги крена лекарите кои упорно тврдеа дека хајката што министерот за здравство Никола Тодоров ја води против нив довела до инцидентот, кој за малку ќе бил кобен за абдоменалниот хирург. Тие побараа и морална одговорност од првиот човек во здравството, при што одреден период ги ставија операционите сали под клуч и не извршуваа никакви оперативни зафати, а излегоа и на масовен протест во кругот на скопските клиники.

Според нив, министерот со поддршка на спотовите, билбордите и кампањите во кои на најгруб начин се омаловажувала и оцрнувала докторската професија придонел директно за создавањето перцепција дека лекарите се нестручни и криминалци.

Како и во многу случаи досега, беше побарано од првиот човек во здравството да си поднесе оставка од функцијата што ја извршува, сепак тој таквите повици ги игнорираше и понатаму продолжи да седи на министерското столче.

Директорот на Абдоменалната клиника, Александар Караѓозов во тој период заедно на прес-конференција со Тодоров изјави дека семејството веќе било запознаено со ризиците од операцијата и тоа дало согласност таа да се изврши. Според него, од страна на лекарите немало никаков пропуст.

Тоа беше еден од ретките случаи Караѓозов да излезе во јавност и да даде објаснување за некои случувања на клиниката. Според досегашното искуство, тој најчесто е затворен за комуникација со новинарите и ретко од него може да се добие изјава за тоа што се случува на клиниката, дали имаат доволно материјали за работа, како поминала некоја операција… Тој дури во една прилика се искара со новинарите за време на лекарскиот штрајк во 2012 година.

Но, како и да е, скандалот што се случил на скопската Клиника за абдоменална хирургија само покажува до кое дереџе е дојдено јавното здравство во Македонија. Се случил инцидент, кој можел да биде кобен за пациентката, но во последен момент била спречена трагедија. За да не се случуваат вакви работи, наместо да го крие случајот, менаџментот на болницата треба да преземе мерки, за да не се повтори. А, министерот Тодоров кој во ноќните часови ловеше лебарки по болниците низ државата, треба конечно да си поднесе оставка по сите скандали што се случија за време на неговото шестгодишно „владеење“ со ресорното министерство.

Рамка1:

НА КЛИНИКАТА НЕМА ФИЗИОЛОШКИ РАСТВОРИ И АНТИБИОТИЦИ

Во последните денови, лекарите на Клиниката за дигестивна хирургија се соочуваат со нови проблеми. Рафтовите за лекови и терапија се празни, а тие немаат со што да работат. Веќе одреден период во болницата ги нема основните физиолошки раствори, антибиотици, па лекарите мора да се снаоѓаат како знаат и умеат.

Рамка2:

АБДОМЕНАЛЦИТЕ – ПРЕДВОДНИЦИ НА ЛЕКАРСКИОТ ШТРАЈК

Абдоменалните хирурзи беа најмасовни на лекарскиот штрајк пред пет години, во 2012 година кој траеше речиси 50 дена. Повеќето од нив беа секојдневно на протестите пред Министерството за здравство и пред Владата, а беа и предводници и во ставањето клуч на операционите сали, сѐ додека министерот Тодоров не ги исполни нивните барања – да го укине проектот плаќање по успешност, да им ги зголеми платите и да ја почитува нивната работа и нив како луѓе. Дури, имаше и такви хирурзи кои јавно се заканија дека ќе си дадат откази, ако само еден лекар од штрајкувачите добие отказно решение.

Поврзани новости