Град Скопје воведува систем на целосна контрола и мониторинг на службените возила со цел намалување на непотребните трошоци, спречување злоупотреби и поефикасно управување со јавните средства.
Сите службени возила со кои располагаат Град Скопје и јавните претпријатија се опремени со GPS уреди и се следат преку современ мониторинг центар. Системот овозможува во реално време да се следи локацијата на возилата, нивната маршрута и брзина, времето поминато во движење, како и потрошувачката на гориво, велат од таму.
Дополнително, со специјални сонди се следи и нивото на горивото, со што се овозможува навремено откривање на нелогични трошоци и подобра контрола врз користењето на службените возила.
„Секое возило, секој километар и секој литар гориво мора да има оправдување. Градскиот буџет е сопственост на граѓаните и со него мора да се управува домаќински, одговорно и транспарентно“, порачаа од Град Скопје.
Од таму велат „ЈСП Скопје во првите шест месеци бележи заштеда од околу половина милион евра за гориво, со дополнително вклучени 50 возила, во споредба со првите шест месеци од истиот период минатата година“.
„Секој денар што ќе се заштеди од непотребно трошење да биде насочен кон подобрување на услугите и условите за живот на скопјани: улици, паркови, јавен превоз, училишта, култура и други приоритети“ е ставот на Град Скопје.