Системот ги „убива“ децата

Ненадејниот крвав пир, кој ги потресе, а истовремено ги разбуди сите, го отвори прашањето - во какво општество живееме? Општество на изместени вредности, во еден гаден и мрачен систем, кој повеќе ги „убива“ децата, отколку што ги спасува. Во општество, во кое наголемо се продава дрога, оружје, се врши мобинг на деца од своите соученици. Сѐ на сѐ, уништено општество, а и многу уништени млади генерации

by Fokus

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Детето е највредното нешто што може да го добиете во животот, па оттука и родителството е една од најтешките, но, сепак, најубави животни задачи.

Сепак, во последниов период, на тест се ставени и двете задачи, посебно откако не поминува ден без да „бомбардираат“ информации за убиени деца, исчезнати деца, малтретирани деца, деца што извршиле самоубиства… Замислете, овие хорор црни вести станаа главна тема во секојдневието.

Не постои нешто поболно за еден родител отколку да го загуби своето чедо. Па така, како гром од ведро небо, едно рано утро пред десетина дена „експлодира“ веста дека во соседна Србија, 13-годишник направил масакр и го убил чуварот во училиштето каде што учел, седум девојчиња и уште едно момче.

Па така, осум семејства за само неколку минути останаа без своите деца. И тоа само затоа што нивниот соученик решил да им пресуди, а никој не знае зошто?

Ненадејниот крвав пир, кој ги потресе, а истовремено ги разбуди сите, го отвори прашањето – во какво општество живееме?

Општество на изместени вредности, во еден гаден и мрачен систем, кој повеќе ги „убива“ децата, отколку што ги спасува. Во општество, во кое наголемо се продава дрога, оружје, се врши мобинг на деца од своите соученици. Сѐ на сѐ, уништено општество, а и многу уништени млади генерации.

Па така, само еден час по крвавиот пир во училиштето во Белград, на социјалните мрежи се јавија сите „експерти“, кои му ја одредија „психичката“ состојба на Коста Кецмановиќ – детето-убиец, кој и по две недели од масовните убиства, според пишувањата на српските медиуми, ни трошка не се кае за сторените злосторства. Тој дури тврдел дека сега ќе биде еден од најпопуларните фаци во Белград, каде што сите, по неговото излегување, ќе му скандираат.

Што се крие во главата на 13-годишното дете, кое направи таков масакр режиран по сценариото на американски филм? И, замислете, тоа се случи на само 400 километри од Македонија.

Тука се јавија нашите македонски „експерти“ за да ја дообјаснат ситуацијата и за само неколку часа му ја одредија дијагнозата и психичката состојба.

Од тоа дека бил жртва на фамозниот модерен збор „булинг“, па сѐ до тоа дека е ладнокрвен убиец. „Паметњаковичи“ колку сакаш, ама затоа ретко некој се свртел зад себе и видел што се случува со денешната младина, која на некој начин свесно си го уништува животот, за што сме реално виновни сите ние.

Веднаш по масакрот, бројни деца на негова возраст излегоа со поддршка за крвавиот пир. Тоа го вклучи црвениот аларм, колку е загрижувачка целата оваа ситуација и дека повеќето од децата не бројат до пет пред да одлучат да посегнат по оружјето, кое очигледно на многу од нив им е достапно и дома, и надвор од дома.

Колку само деца си го одзедоа животот затоа што со години биле жртви на врсничко насилство? И тоа во една мала држава како Македонија.  Затворени во себе, трпат, не споделуваат со никој и на крај си пресудуваат. Тоа е најжално, срце да те здоболи. За некое што трпело удари од сите, па на крај и си го одзело животот.

Но, ова што се случи во Србија нема оправдување. Ништо не може да го оправда потегот на младиот убиец, кој ладнокрвно испука 57 куршуми во телото на младите деца. Се вртеа разни муабети, приказни, оправдувања, осудувања… Како и да е, оправдување нема.

Но, сега да се навратиме на една многу важна тема. А, тоа е воспитувањето од дома и образованието. Зошто се дозволи во 21 век наставниците да бидат безгласни букви? Како може наставник да не смее да го искара ученикот?

Или, по некоја шема, веднаш ќе се јават тато и мама – како некој се дрзнал да му повиши тон на нивното дете или, пак, замислете да се дрзне да му стави пониска оценка. Па тогаш, тоа стигнува и до директорот, а наставникот може да добие и отказ. До таму се отидени работите.

Постојат секакви деца. Но, некој треба да им се посвети. Прво се почнува од домашното воспитување, од тоа што гледа детето дома, дали живее во хармонија или терор, дали преживува семејно насилство, па потоа продолжува образовниот процес, каде што се соочува со нови вакви или такви правила.

Сите деца се различни. Некои се лидери, некои се жртви. Некои не се прифатени од средината во која учат и се движат, додека други се влечат на грбот на жртвите. Тоа никогаш не се променило и нема да се промени. Но, не значи дека не може да се намали.

Живееме во општество во кое нема никакви вредности, а чини многу детски животи. На темата може да се правиме паметни колку што сакаме, но тоа не помага.

Ние не можеме да изигруваме ниту психолози, кои се, исто така,  безгласни букви во училиштата, ниту, пак, психијатри, а ниту да објаснуваме како треба да функционира едно општество.

Само, мора да признаеме дека потфрливме, а исходот е страшен – „починати деца“. Факт е и тоа дека системот таков како што е поставен, во моментов „уби“ многу деца.

Поврзани новости