Сиљановска Давкова учествува на Самитот на НАТО во Анкара

by irena 08:17
08:17

Во турската престолнина Анкара денеска почнува дводневниот самит на НАТО на кој ќе учествува и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Таа утре ќе учествува на Состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави и влади, што ќе се одржи во претседателскиот комплекс „Бештепе“. Таа ја ја предводи македонската делегација, во чиј состав се министрите за одбрана Владо Мисајловски, и за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и генерал-мајор Сашко Лафчиски, началник на генералштабот на Армијата.

Покрај учеството на состанокот, во рамки на самитот македонската претседателка ќе има билатерални средби.

Активностите почнуваат вечер со присуство на претседателката Сиљановска Давкова на свечена вечера приредена од претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, во чест на шефовите на држави и влади и нивните сопружници кои учествуваат на самитот.

Дводневниот самит во Анкара ги собира лидерите од 32-те земји членки на НАТО, меѓу кои се американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанската премиерка Џорџа Мелони, канадскиот премиер Марк Карни, финскиот претседател Александар Стуб, словачкиот претседател Петер Пелегрини, албанскиот премиер Еди Рама, бугарскиот премиер Румен Радев, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ…

На самитот ќе присуствуваат и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

Покрај 32 шефови на држави и влади на НАТО, на самитот се присутни и речиси 100 министри, високи дипломати, претставници на меѓународни организации, заедно со неклу илјади дипломати, новинари и други гости.

Самитот ќе се фокусира на спроведувањето на одлуката на НАТО за зголемување на инвестициите во одбраната, на зајакнување на капацитетите за одвраќање и одбрана, на идните стратегиски цели на Алијансата.

Лидерите ќе го разгледаат напредокот од минатогодишниот самит во Хаг и ќе го дефинираат планот за понатамошно остварување на клучните цели на НАТО.

Ќе се разговара и за заканите, ризиците и предизвиците со кои се соочува евроатлантскиот регион, како и за случувањата поврзани со војната во Украина и безбедносната состојба на јужното крило на НАТО.

На крајот на самитот треба да биде усвоена завршна декларација, во која се дефинираат клучните стратешки приоритети и насоки на НАТО. Според нацртот на завршната декларација, сојузниците ќе ја потврдат „непоколебливата посветеност“ на колективната одбрана од членот 5 од Северноатлантскиот договор.

Самитот, се очекува да обезбеди платформа за процена на безбедносните предизвици со кои се соочува Алијансата и да ги постави темелите за одлуки насочени кон зајакнување на соработката меѓу сојузниците.

Исто така, ќе биде најавена помош за Украина од 70 милијарди евра за оваа година и исто толку за следната, односно вкупно 140 милијарди. Дополнително, помошта вклучува и 60 милијарди евра заем кои Европската Унија ги обезбеди за Украина за оваа и за следната година. Во завршната декларација би требало да се најде и дел кој вели дека Русија претставува долгорочна закана за евроатлантската безбедност и стабилност, како и дека Иран никогаш не смее да поседува нуклеарно оружје. Лидерите ќе го повикаат Техеран да ја почитува слободата на пловидба во Ормуската Теснина.

На маргините на самитот, ќе биде одржан и Fорум на одбранбената индустрија на НАТО, на кој учествуваат високи политички и воени функционери од 32-те држави членки, партнерските земји, како и претставници на компании од глобалната одбранбена индустрија. Се очекува потпишување на повеќе договори со одбранбената индустрија, кои би можеле да достигнат вредност од повеќе милијарди евра.

На форумот ќе учествува министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој ќе има и повеќе работни средби со неговите колеги од сојузничките земји.

Слични вести