Сиљановска-Давкова: Со Радев ќе трагаме по решение за билатералниот спор

by irena 14:49
14:49

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека изборните резултати во Бугарија се очекувани и оти со идниот бугарски премиер Румен Радев ќе трагаат по ново решение за билатералниот спор за откочување на нашите евроинтеграции.

– Сум го запознала господинот Радев, многупати сум го сретнала. Не се согласуваме за многу работи, но умееме да се сослушаме со почит и да заклучиме дека ќе бараме решение – рече денеска Сиљановска-Давкова на новинарско прашање по спортскиот настан за промоција на здрави навики.

Ефективната власт во Бугарија, посочи претседателката, е лоцирана кај владата, кај бившиот претседател, односно идниот премиер, кому сигурно ќе му биде доделен најпрвин мандат за состав на влада.

– Тоа остава простор за разговори. Она што е ново е драматичната состојба во светот, во амбиент на драматично сменет меѓународен поредок безбедноста добива на тежина, важноста, говорам за важноста на ЕУ, говорам за опасноста и потребата од градење отпорност кон можни фактори и актери на Балканот. Да потсетам, Балканот секогаш бил зона за тестирање на односите на големите сили, лакмус, тоа сигурно ќе биде и сега и јас очекувам третирање на проширувањето не само низ призма на поголема ЕУ, компетитивна на глобалната политичка сцена, туку и поголема безбедност. Ние имаме 100 проценти усогласена надворешна и безбедносна политика со ЕУ и со повеќе држави од регионот – Црна Гора и Албанија, и очекувам да се видиме да разговараме, се разбира, со двете знамиња и да трагаме по ново решение – рече Сиљановска-Давкова.

Бугарија, оцени таа, добива премиер кој ужива голема поддршка, кој има големо искуство и почит на голем број граѓани и се надевам дека тоа ќе го искористи во најдобра можна мерка за надминување на проблемите со кои се соочува Бугарија кои се таложеа низ честите промени на владите. Тоа, според неа, од една страна го прави многу силен, но од друга, потенцираше, кога луѓето ќе дојдат на власт и можат да ги управуваат работите умеат понекогаш да посегнат и по подобри решенија.

Слични вести