Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која денеска треба да се сретне со претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, изјави дека очекува од неа креативни предлози и решенија, по, како што рече, нејзината храбра изјава дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот во процесот на евроинтеграциите.
Шефицата на државата одговарајќи на новинарско прашање за тоа што очекува од средбата, но и што таа и ќе порача на Фон дер Лајен, истакна оти верува дека ќе се разговара за Реформската агенда и за Планот за раст, но додаде дека тоа повеќе ќе биде во сферата на разговорите со Владата, но и за можни креативни решенија и предлози за носењето одлуки во ЕУ при прием на нови членки.
-Верувам дека ќе зборуваме за реформската агенда и за Планот за раст, иако веројатно тоа е повеќе во сферата на разговорот со Владата. Се разбира јас очекувам по нејзината храбра изјава дека треба да се предизвика или да се урне штитот на консензусот, како нужен за исчекор за евроинтеграцијата, да чујам креативни предлози и решенија, а ние сме подготвени за дијалог, сме имале неформални дијалози. Ние предложивме и ќе предложиме излезни решенија, а вие набрзо ќе ја го дознаете содржината и суштината на дијалогот од денешната средба, рече Сиљановска Давкова по отворањето на настанот по повод 15 Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап, организиран од Државното средно училиште со ресурсен центар „Димитар Влахов“ – Скопје.