Шукова: Образованието е иднината, имаме план за финансиски стабилни училишта, мотивирани наставници и современи програми за учениците

by irena 08:45
08:45

СДСМ одржа трибина посветена на образованието, како еден од најважните приоритети за развој на Град Скопје и иднината на младите генерации. На трибината учествуваа потпретседателките на СДСМ, Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Град Скопје, Кристина Костова и Ана Чупеска.

Чупеска потсети на досегашните резултати и вложувања во образованието и инфраструктурата.

„Како локална власт во периодот 2017–2021 ги реконструиравме сите 23 средни училишта во Град Скопје, поставивме 572 прочистувачи на воздух, обезбедивме бесплатен превоз за сите средношколци и воведовме образовни асистенти. Како централна власт, зголемивме плати на наставниците, укинавме екстерно тестирање и инвестиравме во дигитализација. Тоа е доказ дека СДСМ не само што ветува, туку и реализира” – рече Чупеска.

Шукова, ја претстави визијата за иднината на образованието во главниот град:

„Младите се срцето на нашиот град. Ако тие заминат затоа што не гледаат перспектива, сите планови остануваат само на хартија. Затоа ќе инвестираме во нови училишта, современи програми, дигитализација и лаборатории. Во мојот мандат ќе ставиме крај на незаконското назначување ВД директори, ќе воведеме модерни системи за греење и ќе ја вратиме професионалноста во образованието. Ниту едно дете нема да биде оставено настрана, ќе има поддршка за талентираните ученици, асистенти за ученици со посебни потреби и фондови за младински иницијативи. Скопје мора да стане град во кој младите сакаат да останат, да учат и да создаваат“.

Костова порача дека со СДСМ и Каја Шукова ќе има одговорни, одржливи и паметни политики.

„На овие избори мора да се обединиме против деструктивниот модел на ВМРО-ДПМНЕ. Каја Шукова е гаранција дека Скопје ќе добие градоначалничка која ќе го искористи целиот потенцијал на образовниот систем и наставниот кадар“ – порача Костова.

Слични вести