
Иако ЈП „Национални шуми“, на крајот на 2025 година имало 1.413 вработени на неопределено време, најважните теренски работи – сечата, дотурот и превозот на дрвната маса – речиси целосно биле доверени на надворешни изведувачи. За овие услуги во 2025 година биле потрошени повеќе од 3,5 милиони евра, над еден милион евра повеќе отколку во 2024 година. Во исто време, 178 шумски пожари уништиле шума проценета на околу 50 милиони евра.
Пишува: Орце КОСТОВ
Пред два месеца, Македонија го одбележа Меѓународниот ден на шумите со поразителни податоци за загуби во дрвната маса од пожарите и негативен биланс од работењето на едно од најголемите државни претпријатија, „Национални шуми“.
Наместо фокусот на „Национални шуми“ и на државата да биде зачувување на шумските екосистеми, кои се под силен притисок од климатските промени и индустриската експлоатација, системот и јавното претпријатие сè уште се занимаваат со дрвокрадци, несовесно работење на подружниците и партиски вработувања.
Според податоците на ЈП „Национални шуми“, во шумските пожари, во 2025 година биле опожарени 17.107 хектари, при што проценетата штета изнесува 50 милиони евра.
Според Global Forest Watch, Македонија, од 2001 до 2024 година изгубила околу 50 илјади хектари дрвна покривка, што е еквивалентно на околу 6 проценти од дрвната покривка од 2000 година. Од таа загуба, околу 8,4 илјади хектари се поврзани со пожари, а околу 42 илјади хектари со други двигатели на загуба.
Темата на Обединетите нации за 2026 година е „Шуми и економии“, при што акцентот е ставен, не само на дрвната маса што ја даваат шумите, туку и на фактот што тие се основа за здрави екосистеми на шума, кои, пак, се природни столбови на земјата. Кога се уништуваат шумите, не се губат само дрвја, туку и живеалишта, природни коридори и цела мрежа на видови што зависат од нив за опстанок.
Македонија се смета за европско жариште на биодиверзитет, со повеќе од 16.000 диви видови и над 800 ендемични видови. Но, овие природни вредности се под сè поголем притисок од промени во користењето на земјиштето, загадување, климатски влијанија и недоволно системско финансирање на заштитата на природата.
Но, зачувувањето на шумите е под голем притисок и од неуспешното работење на Јавното претпријатие за стопанисување со државните шуми, „Национални шуми“, затоа што тоа со години, па и со децении наназад, се соочува со сериозни финансиски тешкотии, намалена ликвидност и ризици за одржливоста на работењето.
ФИНАНСИСКИ ИЗВЕШТАЈ ЗА 2025 ГОДИНА
ЈП „Национални шуми“, во периодот од 2000 до 2025 година, претставува едно од најголемите државни претпријатија во Македонија, задолжено за управување со државните шуми, производство и продажба на дрвни сортименти, пошумување и заштита на шумскиот фонд.
Во текот на овие 25 години, претпријатието често било предмет на јавни дебати поради слабите финансиски резултати, бројот на вработени и начинот на управување.
Во раните 2000-ти години, претпријатито работеше со релативно стабилен модел на функционирање, но бројот на вработени почна да се зголемува, посебно во времето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2016 година. По 2017 година, за време на владите предводени од СДСМ во коалиција со ДУИ, финансиските проблеми на претпријатието станаа поизразени. Се зголемија долговите, а ликвидноста стана сериозен предизвик. И покрај слабите финансиски резултати, јавноста и синдикатите во повеќе наврати реагираа дека продолжуваат нови вработувања.
Според новиот Финансиски извештај за 2025 година, претпријатието ја завршило 2025 година во плус. Неоданочената дбивка изнесува околу 194 илјади евра, односно 11,9 милиони денари. Во 2024 година, претпријатието имало загуба од околу 911 илјади евра.
Според Годишната сметка за 2025 година, ЈП „Национални шуми“ оствари вкупен приход за распределба од основната и другите дејности во износ од 1,45 милијарди денари, вкупни расходи во износ од 1,44 милијарди денари.
Остварените вкупни приходи во 2025 година, во однос на 2024 се зголемени за 8 отсто, или за 105.259.543 денари, а остварените расходи се зголемени за 3 отсто, или за 37.274.457 денари. Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество имаат приходите од продажба (1.144.861.463 денари), кои учествуваат во вкупниот приход со 79 отсто. Овие приходи, во споредба со 2024 година, се зголемени за 22 отсто или за 207.932.221 денар.
Во структурата, пак, на вкупните расходи, најголемо учество од 58 отсто имаат трошоците за вработените, 834.110.102 денари или 13,5 милиони евра. Во споредба со минатата година, тие се помали за 3 отсто, а тоа се должи главно на тоа што во Јавното претпријатие повеќе години наназад се намалува бројот на вработени на неопределено време, најмногу со природен одлив (пензионирање) и по други основи.
–Со оглед на големиот одлив на вработени од клучни работни позиции, кои се носечки на дејноста во претпријатието, се соочуваме со големи проблеми во редовното функционирање и извршување на работите од дејноста, при што се доведува во прашање сигурноста во давањето на услугите, континуитетот и квалитетот на услугите, објаснуваат од претпријатието.
Остварените вкупни приходи во 2025 година, во однос на планските проекции се остварени со 53,30 отсто и се помали од предвиденото за 46,70 отсто. Планираните приходи од огревно дрво се остварени со 43,90 отсто, а од техничко дрво со 45,28 отсто.
Зголемување се забележува кај остварените останати приходи, како и кај остварените приходи во дирекција во износ од 95.700.000 денари. Но, ова се средствата што ги обезбеди владата за подружницата во Скопје, за покривање на направените трошоци за превентивни, подготвителни мерки и трошоци за директна суспресија на пожарите во периодот 2024-2025 година, кои во континуитет ќе се трошат согласно член 60 од Законот за шуми.
Во исто време, трошокот за бруто-плати е намален. Во 2025 година, за бруто-плати биле издвоени 788,8 милиони денари, односно околу 12,83 милиони евра, наспроти 821 милион денари, односно околу 13,35 милиони евра во 2024 година, што значи пад од 3,93 проценти.
Планираните вкупни расходи во 2025 година се остварени со 58,53 отсто. Од оваа сума, за трошоци за процесот на производство се остварени 61,57 отсто (суровини и материјали, енергија и резервни делови), а 32,27 отсто за услуги во фазите сеча, дотур и превоз со товар и растовар на дрвни сортименти и 35,30 отсто за услуги за одржување и заштита.
ЌАРОТ КАЈ НАДВОРЕШНИТЕ ИЗВЕДУВАЧИ
Во однос на структурата на расходите, споредбените податоци со минатата 2024 година покажуваат дека позначително зголемување од 120.000 евра се јавува кај трошоците за суровини и материјали, 100.000 евра за потрошена енергија, 64 милиони денари или за над 1 милион евра зголемување за услуги за производство на дрвна маса, сеча, дотур, превоз со товар и растовар. Во 2024 година, „Национални шуми“ платиле 149,42 милиони денари за овие услуги, а во 2025 година се издвоиле 214,1 милиони денари. Над 100 евра зголемување на расходот има и кај простата репродукција на шуми, околу 80.000 евра за надоместоци на работниците.
Она што паѓа најмногу во око од Извештајот за работењето на „Национални шуми“ е фактот што претпријатието на крајот од 2025 година имало 1.413 вработени на неопределено време, но најважниот теренски дел од работата речиси целосно бил префрлен на надворешни изведувачи.
Во документот се наведува дека сопствените работници учествувале со само 8,98 проценти во сечата, 8,49 проценти во дотурот и 16,83 проценти во превозот.
–За реализирање на планските задачи во одделните фази на производство, учеството на сопствените работници во 2025 година изнесува 8,98 отсто во сеча, 8,49 отсто во дотур и 16,83 отсто во превоз. Тоа значи дека поголем дел од планираното количество во производниот процес се реализираше со ангажирање надворешни извршители, известуваат од „Национални шуми“.
Тоа значи дека над 90 проценти од сечата и дотурот не ги извршиле работниците на претпријатието, туку надворешни изведувачи. Прашањето е што точно покрива толкав административен и оперативен апарат ако основната теренска работа во најголем дел се дава надвор.
Оваа зависност има и висока цена. Само за сеча, дотур и превоз со товар и растовар во 2025 година биле потрошени околу 3,48 милиони евра, односно 214,1 милиони денари.
Најголем раст има кај превозот со товар и растовар, каде што трошоците пораснале за 65 проценти. Трошоците за сеча се зголемиле за 36 проценти, а за дотур за 43 проценти.
Ако се погледнат јавните набавки во последните пет години, односно од 2021 година, се забележува диверзитет кај компаниите што ги добивале тендерите за сеча, дотур и превоз со утовар, но на прсти се бројат компаниите што оствариле најголеми приходи од добивањето на овие тендери.
Фирмата „Арничко транс Шепендиев Тодор“ ДООЕЛ од Кавадарци заработила 731.000 евра од дотур и сеча на дрва во последните пет години. Од овие средства, 186 илјади евра се за договор склучен на 21 мај 2025 година. 150.000 евра заработила во 2023 година.
Компанијата „ДПТТУ увоз-извоз Вистоли дооел“ од селото Дедино, Општина Конче, досега остварила приходи од околу 720.000 евра. Над 300.000 евра заработила само за 2025 година.
„Жика Транспорт увоз-извоз дооел“ од селото Горно Добреноец, Кичево, остварила околу 690.000 евра приходи по основ на сеча, дотур и транспорт на дрвни сортименти, од кои над 300.000 евра во 2025 година кога добила три тендери.
„Јанески Транс увоз-извоз дооел“ од Крушево заработила 687.000 евра од дотур и сеча на дрва, од кои околу 220.000 евра во 2025 година.
Следна е компанијата „Тоти-Пром дооел увоз-извоз“ од Кавадарци, која добила тендери во висина од 625 илјади евра. „Транс-Вуд“ од Виница остварила приходи од 600.000 евра, компанијата „Југо Дрво Шпед“ од Куманово 563.000 евра, додека „Меланија превоз увоз-извоз“ од Блатец, Виница, реализирала 552.000 евра.
Фирмата „Георгина Транс“ од селото Дедино, општина Конче добила тендери во вредност од 542 илјади евра. Интересно, две фирми за сеча, дотур и транспорт од малата Општина Конче заработиле над 1,2 милиони евра од „Национални шуми“.
Компанијата „Тим Транс дооел увоз-извоз“ од Кавадарци бележи приход од 522.446 евра, од нив 290 илјади се заработени во 2025 година.
Над половина милион евра остварила и компанијата „Добрина-Транспорт дооел“ од Скопје. 152 илјади евра чинел тендерот за сеча и дотур, кој го добила во 2025 година.
„Форест груп 2017“ од селото Волино, Општина Дебрца заработила 486.152 евра од „Национални шуми“, 256 илјади или повеќе од половина приход во последните 10 години го остварила лани во 2025 година.
Фирмата „Медина-Вел дооел“ од Градско добила тендери во вредност од 485 илјади евра. Последните договори со „Национални шуми“ се потпишани на 27 мај годинава во вредност од 128 илјади евра и 66 илјади евра. Лани пак заработила 170.000 евра.
Друштвото за транспорт трговија и услуги „Наум Транс 2021“ од Велгошти, Охрид, заработило 460 илјади евра на два повика за сеча од „Национални шуми“: во 2025 година 310.000 евра и во 2024 година околу 150.000 евра.
Она што е заедничко за сите компании што ги добиле тендерите на „Национални шуми“ е што во најголем дел бројот на вработени лица во нив не бил поголем од петмина.
ШТО ОТКРИЈА РЕВИЗОРИТЕ
Последната државна ревизија на ЈП „Национални шуми“ објавена во август 2025 година, а се однесува на 2023 година, покажа дека претпријатието се соочува со сериозни финансиски тешкотии, намалена ликвидност и ризици за одржливоста на работењето.
На крајот на 2023 година, јавното претпријатие има искажано обврски кон Буџетот на државата за проширена репродукција во износ од 7,3 милиони евра, додека за проста репродукција не е отворена посебна сметка и не се уплатени средствата во износ од 4 милиони евра.
Ревизијата утврдила дека 95 отсто или околу 612.000 евра се кусоци што ги направиле вработените во период пред 2018 година и се однесуваат на техничко и огревно дрво, нераздолжени аванси, неуплатен дневен промет од продажба, користење угостителски услуги и друго.
За 590.920 евра од долгот се приближува рокот за застареност на наплатата до 5 и над 5 години и ако „Национални шуми“ не се обидат да ги наплатат овие пари, ќе останат ненаплатени.
Претпријатието не ги водело законски ниту инвестициите за кои се потрошени огромна сума пари. За дел од нив не се пресметува ниту амортизација, а дел завршиле во приватна сопственост, без да има трага за водење некаква постапка за нивна продажба.
Така завршиле пиланата и базенот за производство на риба, формирани како друштва во 2005 година, за што „Национални шуми“ вложило 120.000 евра. Друштвото за производство и преработка на дрво не постои во трговски регистар од 2020 година.
ЈП „Национални шуми“, во 2023 година реализирала само 66 отсто од планираниот физички обем на производство на техничко и огревно дрво, што се оправдува со недоволната и застарена механизација, ограничен број стручен и технички персонал, ограничена отвореност на шумските комплекси, како и оддалеченост на терените.
Претпријатието, со сопствени ресурси, извршува само 42,45 отсто од фазата на сеча, 34,04 отсто од дотурот и 32,13 отсто од фазата на превоз. Остатокот или повеќе од 50 отсто од производниот процес е зависен од ангажирање надворешни извршители.
„Национални шуми“, односно Државниот инспекторат за шумарство и ловство и шумската полиција не го користи и електронскиот систем за следење на дрвната маса набавен и воведен во 2017 година. За него се платени 527.889 евра, а за тековно месечно одржување се плаќа по 3.000 евра. Дополнително, наведуваат ревизорите, не се имплементирани сите фази на следење на дрвната маса, што ја ограничува можноста за контрола, следливост и транспарентност во управувањето со дрвната маса – од сеча до крајна продажба.
Ревизијата покажа дека претпријатието не се грижи ниту за заштита на шумите. Не се справува добро со ризиците од болести на шумите, заштита од пожари и бесправна сеча, а сето тоа придонело за губење на дел од шумското богатство на земјава.
Ревизијата утврди неправилности во однос на исполнување на одредбите од договорите за работа, каде што од вкупно 355 вработени на неопределено време, 73 отсто или 259 вработени што се примени на работни места сечач, дотурачи, редачи и шумски работници не ги извршуваат работните задачи утврдени согласно договорите, туку извршуваат административни работи и работни задачи во дирекција или во подружница.
ОПУСТОШЕНА ШУМА ОД 130 МИЛИОНИ ЕВРА
Со оглед на климатските услови во Македонија и тенденцијата на зголемени случаи на намерно потпалување на шумите поради економска корист од опожареното дрво, еден од најголемите проблеми во работењето на „Национални шуми“ се шумските пожари, кои направија милионски штети во последните неколку години.
Извештајот на „Национални шуми“ вели дека се евидентирани 178 пожари во текот на 2025 година, со вкупно опожарена површина од 17.631,71 хектари, а опожарена дрвна маса е 282.931,00 кубни метри, при што е причинета штета од 3.081.839.089 денари или 50 милиони евра.
Од вкупниот број пожари, 42 пожари се настанати вон шума и завршиле вон шума, при што е опожарена површина од 2.039,84 хектари, со опожарена дрвна маса од 88.131 кубни метри, а причинета е штета од 1.355.256.117 денари, или 22 милиони евра.
Педесет и шест пожари се настанати вон шума и навлегле во шума при што е опожарена површина од 4.495,55 хектари, со опожарена дрвна маса од 44.278,50 кубни метри, причинета штета од 381.320.380 денари или 6,5 милиони евра.
Осумдесет пожари се настанати во шума и завршиле во шума, при што е опожарена површина од 11.096,32 хектари, со опожарена дрвна маса 150.521.50 кубни метри и причинета штета од 1.345.262 592 денари или 22 милиони евра.
Од анализата на податоците за настанатите пожари во 2025 и во 2024 година, може да се види дека во 2024 година имало 72 пожари повеќе или вкупно 250.
Вкупно опожарена површина во 2024 година била 61.061.03 хектари, а вкупно опожарената дрвна маса 635.005 кубни метри.
Во 2025 година, штетата е 50 милиони евра, додека за 2024 година, проценката на штетата е 5.111.962.381 денар или околу 83 милиони евра.
Инаку, вкупните трошоци за гаснење на пожарите изнесуваат 10.355.810 денари. Во гаснењето на сите 178 пожари учествувале 6.328 гасначи, од кои 1.748 се вработени во јавното претпријатие, а 4.580 се гасначи од други субјекти.
СЕ ИСУШИЈА ДРВЦАТА НА ГРУЕВСКИ
Ревизијата покажа дека „Национални шуми“ има долг кон државата од 17,5 милиони евра, а не може да наплати од државата 2,6 милиони за учеството во акцијата „Ден на дрвото“ и уште 590.000 евра кусоци што ги направиле вработените во годините пред 2018 година.
Што се однесува до акцијата „Денот на дрвото“, државата во времето на Никола Груевски потроши 14 милиони евра за голи ридови, маркетинг и музички спотови без никаков ефект.
Во акцијата, која се случуваше од 2008 до 2016 година, беа пошумени 12.870 хектари и засадени 35.211.986 садници за време на 13 акции „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“. Но, според податоците од Државниот инспекторат за шумарство и ловство, процентот на прифатеност на садниците на ниво на Македонија изнесува 21 отсто, односно прифатени се или преживеале само 7.394.518 садници.
Во Тетово биле засадени 803.500 садници, а се фатиле само 0,07 отсто. Во скопскиот реон се садеше најмногу во месноста Ајватовски рид, а зафатеноста е 21,44 отсто. Тука дрвца засадуваше и поранешниот премиер Груевски.
Површините што се засадени, претежно се блиску до пристапни патишта, како и во средишниот простор на автопатиштата и тие површини се несоодветни за пошумување со шумски видови садници. Акцијата била неуспешна затоа што власта не избирала места за садење и најважен ѝ бил маркетингот.
Тогашната влада не даде отчет за тоа колку се потрошило за садници, за транспорт на материјалот, за маркетинг и за превоз на граѓаните до местата за пошумување.
Се знаеше само дека садниците се произведени во расадниците на ЈП „Национални шуми“ по цена од 7 до 18 денари, без ДДВ за садница во зависност од дрвниот вид.
Текстот е објавен на 4 јуни 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.600