Шилегов: СДСМ е политички импотентен, постои договор меѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ партијата да биде ставена во лер!

by valentina 11:36
11:36

Поранешниот градоначалник на Скопје и екс потпретседател на СДСМ, Петре Шилегов во интервју за неделникот „Фокус“ зборува за „распадот“ на СДСМ и обидот да се смени актуелното раководство, бидејќи, како што вели, СДСМ е заробена партија, која во моментов е политички импотентна.

ФОКУС: СДСМ прослави 35 години. Ве поканија на роденденот или не сте повеќе во контакт со сегашното раководство на партијата?

 ШИЛЕГОВ: Мене ми е жал што се случува со СДСМ. Јас сум човек што бил портпарол, пратеник, градоначалник и потпретседател на таа партија. Мојата јавна реакција беше дадена во момент кога бев доведен во ќор-сокак со можностите за реакција. Пред да излезам јавно со барање за оставка, имав неколку средби со раководството и со сегашниот претседател. Имавме неколкупати средби на кои со аргументи се обидувавме да докажеме зошто ова раководство треба да си замине. Да ве потсетам, СДСМ е петта партија во Скопје, трета во Куманово, трета во Велес, трета во Штип, трета во Битола и во Прилеп. Значи зборуваме за најголемите урбани центри со историски најнизок резултат, дури мислам дека е под 100.000 гласови, бидејќи двапати ги броеја за Град Скопје. И вие да имате позиција дека не чувствувате политичка одговорност и се убедувате дека тоа се добри резултати и кај и да е ќе нѐ биде, тоа за мене значи или дека си политички незрел и не знаеш да направиш анализа, или свесно ја уништуваш оваа приказна, која за Македонија е сериозно значајна. И затоа јас немав поинаков начин и јавно го кажав она што сите го шепотат. Дури и луѓето што се околу. Меѓутоа, партијата е заробена од одредена структура веќе извесен период. Она што во чаршијата е муабет, не е мој, е дека ја употребува партијата да се себезаштити од евентуални одговорности.

ФОКУС: Зборувате за шпекулацијата дека постои меѓусебен договор меѓу раководството на СДСМ со ВМРО-ДПМНЕ?

ШИЛЕГОВ: Дека постои договор меѓу ова раководство и раководството на ВМРО-ДПМНЕ за едноставно СДСМ да биде ставен во лер. Индикативно ми е дека упорно се промашуваат главните теми за дејствување. Глумиме билтен на Бирото за јавни набавки, па објавуваат која фирма каде добила тендер, без за тоа да дадете сериозни квалификации за неправилности. Кога има неправилности е во ред. Но, тоа морате да го направите многу посериозно.

За жал, јас гледам дека СДСМ е политички импотентен. Ниту начинот на презентација на политичките тези ја прави со политичка емоција и луѓето тоа го чувствуваат. Бидејќи секој што ќе излезе на јавен настап зборува со флоскули. Не зборува како да верува во тоа што го зборува. Како тогаш да ти веруваат граѓаните, кога ти си излезен тоа да го кажеш реда-ради. А не да веруваш во тоа и да се бориш за тие вредности. Како на пример, ние во следните две недели ќе се расправаме дали човек што има двојно државјанство, може да биде она што Уставот му го гарантира, да биде избиран. Зошто побогу некое наше дете, што живее во Словенија, ти да го лишиш од политички ангажман, а може да придонесе. Тоа е свесно политички промашена тема. Наместо да се занимаваме со сиромаштијата, со стопирањето на процесот на реформите, да се нудат таков тип решенија, ние сега се занимаваме дали некој што има две-три државјанства, а е граѓанин на Македонија, уставно му е загарантирано правото да биде избиран, ќе го следи ли не. Свесни дека ќе падне на Уставен суд. Единствено некој, што може да ги ограничи политичките ангажмани, е судот со правосилна судска пресуда. И сега ние за тоа ќе се расправаме, а нема да се расправаме за суштината на проблемите…

За тоа кои се следните чекори кои ќе ги превземат „ветераните на СДСМ“, за како што велат спас на партијата, прочитајте во неделникот „Фокус“, кој е во продажба.

Разговараше: Валентина ВУРМО

ЦЕЛОТО ИНТЕРВЈУ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК

Слични вести