Помагањето на Украина е инвестиција во нашата безбедност, вели заменик-генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, во интервју за Хрватската радио-телевизија (ХРТ).
Во интервјуто направено на маргините на Форумот во Дубровник, Шекеринска вели дека сојузниците се согласни во поддршката за Украина.
„Разговараме за тоа како да ја поддржиме Украина уште од почетокот на бруталната руска војна. Мислам дека голем број сојузници навистина ја покажаа својата поддршка. На овој самит рековме дека безбедноста на Украина е поврзана со нашата безбедност. Некои рекоа дека тоа е првата линија на одвраќање и одбрана. Ако ја поддржиме Украина, инвестираме во нашата безбедност. НАТО нема да престане да ѝ помага на Украина“, вели Шекеринска.
Заменик-генералната секретарка на НАТО додава дека минатата година сојузниците на Алијансата ја надминале вкупната ветена помош за Украина која изнесува повеќе од 50 милијарди евра.