Јана Белчева Андреевска, советничка во Советот на Град Скопје од независната граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ на денешната седница во Советот на Градот побара градоначалникот Орце Ѓорѓиевски да го повлече и преиспита позитивното мислење за Деталниот урбанистички план „Барутана“, со кој на јужната страна на Водно е предвидена изградба на хациенди.
-Потпишаното позитивно мислење од градот мора да се преиспита, како за Ј05, така и за секој нов план. Ѐве прашувам и ве повикувам да иницирате повлекување и преиспитување на ова позитивно мислење?. рече таа на седницата на советнички прашања на Град Скопје, која се оддржа денес.
Таа потврди дека од градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски добила одговор дека ќе бара запирање на позитивното мислење и негово преиспитување.
Во меѓувреме жителите на Центар собираат петиција со која се бара да се запрат новите градби на Водно. Против нова урбанизација на Водно се огласија и професорите од Градежниот факултет, кои рекоа дека е потребно многу внимателно да се пристапува со оглед дека тоа е подрачје подоложно на ерозија.
Белчева Андреевска на седницата на Советот рече дека во тек е јавна анкета за ДУП Ј05 Барутана.
-Се работи за нова бетонизација на Водно и сеча на шумата садена од претходните генерации за да не штити сите нас, и за да го штити градот од поројни поплави, ерозија, лизгање на земјиштето, загадувањето на воздухот!, рече Белчева Андреевска.