Денеска во Кочани се одржа 21. Марш за ангелите, на семејствата на починатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“. Протестниот марш започна од 17 часот и 5 минути од Паркот на револуцијата, време кое симболично ја претставува задоцнетата институционална реакција.
Една жителка на Кочани на протестот, чиј брат загина на кобниот 16-ти март, во изјава за медиумите постави неколку прашања до судиите и јавните обвинители.
-Почитувани судии, во својство на оштетени во предметот кој се води во обвинителниот акт, донесен на 13.06.2025 година, имаме информација дека се уште не е оценет обвинителниот акт. Како што сме упатени, оваа фаза може да трае и повеќе месеци, но одолговлекување без оправдана причина е спротивно на законот и претставува основ за реакција од наша страна – оштетените или јавноста. Оценка на обвинителен акт нема строг рок, но должност е да одлучите во разумен рок, а поминаа скоро три месеци. Единствено се чека од вас. Ве молиме да ни оставите информации: до каде е постапката за оценка, дали постои одредени рок според кој Советот е должен да донесе одлука, доколку не, ве молиме да ни кажете кога приближно може да се очекува завршување на оваа постапка, рече Розета Џамова.