Со 81 глас ЗА Собранието на Македонија денеска ги изгласа измените на Законот за прекршоците, со што конечно треба да започне примената на системот „Безбеден град“. Со тоа на 1 февруари и официјално ќе стартува системот „безбеден град“. Камерите кои „уловија“ илјадници сообраќајни прекршоци низ улиците на главниот град во претходните 50-тина дена, со почетокот на идниот месец се ставаат во функција за казнување на сите возачи и пешаци кои нема да се движат по прописи.
За усвојување беше потребно двотретинско мнозинство, но и гласови по т.н. бадентер. До последен момент висеше неговото усвојување, откако пратениците на ДУИ не го поддржаа по несогласувањата во пратеничката група. Иако, на последната лидерска средба начелно беше постигнат договор да се поддржат измените на законот со кој и официјално камерите ќе бидат ставени во функција за побезбеден сообраќај. А, потврда дека ќе дадат поддршка даде и јавно на прес-конференција пред некој ден координаторката на нивната пратеничка група Рина Ајдари. Сепак, уште тогаш дел од пратениците од ДУИ, меѓу кои Садула Дураку рекоа дека поддршката е незивесна бидејќи има посериозни разидувања во пратеничката група. Утрово тоа и се случи, откако „интегративците“ се повлекоа од дадената поддршка.
Против законските измени се изјаснија и пратениците на СДСМ, како и двете крила на Алијанса на Албанците – на Арбен Таравари и Зијадин Села.
Гласањето го спаси Левица откако јавно го поддржа предлогот и ги обезбеди потребните две третини пратенички гласови плус бадентер. Иако и од оваа партија јавно посочија дека предложените измени и законот целосно не ги задоволува на вистински начин потребите на граѓаните и очекуваат во следните неколку месеци да дојде до нови законски измени.
Со стапувањето во сила на измените, „Сејф сити“ ќе почне да функционира во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делници од Коридорите 8 и 10, каде досега камерите работеа пробно и испраќаа само опомени. Токму ова беше една од главните забелешки на опозицијата во аргументацијата зошто се против измените. Тие сметаат дека законот е дискриминирачки, бидејќи ќе ги санкционира возачите само од овие три града. Освен тоа, пратениците од партиите на Албанците во опозиција забележаа и дека пораките за прекршоци не се испраќаат и на албански јазик, но и дека законското решение не предвидува контрола на податоците на граѓаните од е-маил адресите и телефонските броеви, како и на снимките. Социјалдемократите од порано се изјаснија против, а предупредуваа и за можна манипулација со снимките од камерите и бараа тие да се избришат.
З.Ф.