Возачите на мотоцикли кои управуваат без заштитна кацига наскоро ќе бидат автоматски детектирани и казнувани преку системот „Безбеден град“. Оваа новина, која ќе биде воведена со помош на технологија со вештачка интелигенција, ќе има за цел да ја зголеми безбедноста на патиштата и да ги заштити животите на мотоциклистите и на останатите учесници во сообраќајот.
Ова го истакна министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, при денешната посета на фестивалот „Мото Илинден Урбан драјв“, кој од 1 до 4 октомври се одржува на паркингот пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
„Љубовта кон моторите, адреналинот и слободата што ја носи мотоциклизмот секогаш мора да одат заедно со одговорноста. Кацигата и заштитната опрема, почитувањето на ограничувањето на брзината и сообраќајните правила не се формалност, тие спасуваат животи“, порача Тошковски.
МВР, како што велат оттаму, спроведува и засилени акциски контроли на терен за возачите на мотоцикли и мопеди. Контролите се насочени кон брзината, соодветната возачка дозвола и носењето заштитна опрема.