Дали по шест и пол децении се затвора култната книжарница на „Култура“ на скопскиот плоштад? Веќе неколку дена стои катанец на врата проследен со напис дека книжарницата е преселена на улица Даме Груев број 3, онаму каде што во моментов функционира вториот продажен објект на оваа издавачка куќа. Нема информација за што конкретно станува збор.
Се обративме во „Култура“ на телефонскиот број што е запишан на нивната веб страна, но не добивме конкретен одговор дали станува збор за времено затворање поради реновирање или за дефинитивно, ставање на клуч на едно од најпрепознатливите места во градот и во Македонија каде љубителите на пишаниот збор можеа да набават најразлични жанрови на ним омилената литература. Но и простор на многубројни промоции на дела од македонски и странски автори.
Како штто стои на нивната веб страна книжарницата Култура се наоѓа во срцето на градот Скопје, лоцирана е во Ристиќева палата на плоштад Македонија. И, таа е првата книжарница во повоена Македонија, по основањето на книгоиздателството Култура во 1945 година. Според архивските записи, со кои располага ИП Култура, книжарницата е во сопственост на Култура од 1958 година и вистински куриозитет е што книжарницата останува на истата локација и со истата дејност повеќе од 60 години.
“Генерациите на книжари, уредници, директори кои работниот век го посветиле на Култура, читателите и собирот на сите книгољупци и денес се главните „виновници“ за опстојувањето на најстарата книжарница. Покрај изданијата на Култура во книжарницата Култура може да најдете четива за сечиј вкус, дел од стручна литература, историски и фактографски изданија, белетристика и литература за деца“, стои во записот на веб сајтот на издавачката куќа.
З.Ф.