Се урна воен хеликоптер на ЕУФОР во БиХ: Четворица загинати, 12 повредени

by irena 20:22
20:22

Четири лица загинаа, а 12 се повредени при пад на воен хеликоптер на мировната мисија ЕУФОР во местото Горице, во близина на Брчко, во североисточниот дел на Босна и Херцеговина. Едно од повредените лица е во критична состојба.

Станува збор за италијански воен транспортен хеликоптер од типот CH-47 „Чинук“, кој бил ангажиран во рамките на мировната операција „Алтеа“ на Европската Унија. Несреќата се случила во попладневните часови, за време на рутинска операција.

Градоначалникот на Брчко, Синиша Милиќ, потврдил дека четири лица го загубиле животот, додека 12 повредени биле пренесени во здравствени установи.

„Повредените се згрижени во Здравствениот центар Брчко, а сите лекари и медицинскиот персонал се ставени во состојба на подготвеност. Едно лице е во критична состојба, додека потешките случаи ќе бидат упатени во други медицински установи“, изјавил Милиќ.

Според информациите од Здравствениот центар Брчко, во хеликоптерот имало вкупно 15 лица. Смртта на тројцата загинати била констатирана на местото на несреќата, додека останатите 12 биле пренесени во болница. Едно од повредените лица било подложено на итна хируршка интервенција.

На местото на падот веднаш пристигнале полициски службеници, противпожарни екипи и возила на итната медицинска помош. Поширокото подрачје било обезбедено за да се овозможи спасувачка интервенција и истрага.

Од ЕУФОР потврдиле дека нивниот хеликоптер се урнал за време на рутинска операција, при што загинале и биле повредени припадници на мисијата. Според нивното соопштение, нема повредени цивили, ниту оштетувања на цивилни објекти, имот или возила.

ЕУФОР започнал детална истрага за утврдување на причините за несреќата, кои засега не се познати. Од мисијата апелирале до јавноста да не се шират непроверени информации за идентитетот и националноста на настраданите.

Хеликоптерот CH-47 „Чинук“ е тежок транспортен хеликоптер со два големи ротора, кој се користи за превоз на војници, воена опрема и товар, како и за логистичка поддршка на воените операции.

Слични вести