АРХИВА Се сомневаме дека во убиството на мојот брат е вмешан важен човек од обезбедувањето на Груевски!

by Фокус 11:05
11:05

архиваТекстот е објавен на 15-ти јули 2011-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 837

Александар Нешковски е брат на момчето кое од припадникот на полициската единица Тигри, ноќта на 5-ти јуни, после изборите, беше претепано до смрт на скопскиот плоштад. Тоа беше настан, кој полицијата се обидуваше да го прикрие. Исто како и неговиот починат брат, и тој е член на ВМРО-ДПМНЕ, со што се гордее. Александар сѐ уште има верба во Никола Груевски, дека ќе помогне да се реши случајот.

- Advertisements -

Вечерта, кога се случи спонтаниот собир на младите организирани преку Фејсбук и Твитер, учествуваше и Александар, иако во тој момент не знаел дека убиеното момче е токму неговиот брат. Затоа што, нели, првично се шпекулираше дека убиениот е извесен Даниел. Ниту на сон не можел да претпостави дека убиеното момче е токму неговиот Мартин!

Денес Александар има сериозни индиции, дека после сѐ што до сега се случуваше, всушност, се прави обид да се заштити важен човек од обезбедувањето на Груевски, кој е инволвиран во убиството на Мартин.

Дури и апсењето на Љубе е „избрзано“ за да се забошоти злосторството!

Во разговорот за Фокус, Нешковски открива дека Мартин бил и киднапиран!

Разговарала
Славица ДУЉАНОВА

ФОКУС Неколку пати се обидувавме да направиме разговор, но Вие одбивавте. Зошто толкава недоверба кон медиумите?

НЕШКОВСКИ Известувањето на Сител Телевизија навистина не погоди. Тие го претставија Мартин како деликвент. Некое дете вечерта кога е убиен Мартин крадело пива, а тие кражбата му ја натовараа на брат ми!? Но, подоцна се утврди и идентитетот на детето кое крадело. Татко ми целиот обеле за неколку дена. Тие намерно сакаа да го извалкаат Мартин, кој е чист како солза!

ФОКУС Мартин нема досие, како што објавија некои медиуми и како што тврдеше портпаролот на МВР, Иво Котевски, во изјава за Дневник?

НЕШКОВСКИ Нема!

ФОКУС Дали некогаш учествувал во тепачки?

НЕШКОВСКИ Никогаш. Како може човек од  педесеттина кила да биде тепач?! Тој беше уметник, а не хулиган…. Се занимаваше и со резба.

ФОКУС Може ли од почеток да ми раскажете, кога излезе Мартин од дома и кои се твоите сознанија за кобната вечер?

НЕШКОВСКИ Дента, на 5-ти јуни, ѝ беше роденден на ќерка ми. Прославата беше во игротека. Нормално, и Мартин беше присутен. Роденденот завршуваше околу 17 часот. Подоцна, околу 23 часот, со шише вино Мартин повторно излегува, за последен пат од дома. Тој сакаше да ги почести другарите за роденденот на внука му, а и да ја прослават победата на ВМРО-ДПМНЕ. Според кажувањата на сведоците, тој сакал да се пробие до бината, за да се поздрави со Премиерот. Но, притоа бил забележан од припадникот на тигрите Игор Спасов, кој веднаш почнал да го брка!

МАРТИН БИЛ КИДНАПИРАН

ФОКУС Зошто го бркал, дали постои некаква претходна историја меѓу нив двајцата?

НЕШКОВСКИ Да, постои. Кога и да го сретнел, Спасов му се заканувал на брат ми. Мартин живееше под голем стрес, сон немаше. Покрај заканите од Спасов, беше и киднапиран од други луѓе, дури се води и судска постапка за киднапирањето. Мартин се плашеше дека нешто ќе му се случи, и, навистина, неговите претчувства се остварија!

ФОКУС Дали луѓето кои го киднапирале имаат врска со полицијата?

НЕШКОВСКИ Едниот од нив бил син на висок функционер во полицијата!

ФОКУС Од каде се знаеше Мартин со припадникот на единицата Тигри?

НЕШКОВСКИ Вака било тоа. Без никаква причина, Алфите претепуваат невин човек, пред неговата жена и детето, а Мартин во тој момент поминувал и го гледал злосторството. Случајот на крајот завршил со пресуда за тепаниот, додека полицајците ќе испаднат жртвите. Жената на тепаниот човек го замоли Мартин да биде сведок. Ете така почнуваат маките на брат ми. Од тогаш Спасов му се заканува на Мартин!

ФОКУС Полицаецот Спасов учествува во таа тепачка?

НЕШКОВСКИ Не, но полицајците секогаш се штитат меѓу себе. Тие се солидарни во сѐ, работат заедно. Не смеам да ви кажам ниту кој е истепаниот човек, за да не му направам дополнителни проблеми, бидејќи два пати е тепан без причина. За случајот знае и народниот правобранител.

ФОКУС Кога го известија Вашето семејство за смртта на Мартин?

НЕШКОВСКИ После цели два дена од неговата смрт, на седми јуни, на мојот роденден, дојдоа луѓе од МВР, кои ништо не ми кажаа, туку само ме викнаа да појдам со нив. Нормално, појдов. Ми рекоа да го видам телото, за да го препознаам. Доживеав шок. Тоа беше Мартин, целиот „масакриран“ – главата, нозете, рацете… немаше место, каде немаше набиеница и црвенило, кожа откорната на лицето… Страшна глетка беше тоа!!!

ФОКУС Две ноќи Мартин не се вратил дома. Вие го побаравте или и друг пат отсуствувал од дома, па не ви беше ништо сомнително?

НЕШКОВСКИ Сите се прашуваа, зошто не сме го побарале. Мартин има големо друштво. Некогаш се случувало, негов другар кај нас да спие и по цела недела, или обратно, Мартин да биде на гости кај негов пријател. Затоа никој од домашните не се посомнева дека нешто му се случило!

ФОКУС Кога се вративте од судска медицина, дали Ве посетија од партијата, мислам на ВМРО- ДПМНЕ? Што ви беше кажано?

НЕШКОВСКИ Уште Мартин не беше донесен дома, а веќе дојдоа тројца од мојата партија. Двајцата ги знам, а третиот што ни се обрати – не го знам. Тие не замолија да не се даваат изјави. Следниот ден, на осми јули, беше погребот на брат ми. Не дојде чест да му направи ниту Премиерот, иако на неговата прослава го убија нашиот Мартин. Требаше сите вмровци да дојдат, да изразат сочувство, оти ние сме вмровско семејство. Брат ми умре со вмровска алка на раката!

ПРОТЕСТИРАВ И ЗА ДАНИЕЛ

ФОКУС Веднаш по убиството на Мартин се случи спонтан собир, кој и наредните денови продолжи преку протести организирани од социјалните мрежи. Кога одлучи да им се приклучиш?

НЕШКОВСКИ Не, јас излегов да протестирам за другото момче, оти, нели, првично се мислеше дека убиеното момче е некој Даниел, па дури потоа се утврди дека тој е жив. Ниту на крај на умот не ми текнало дека убиениот е брат ми. Со овие млади луѓе излеговме да бараме правда, и, секако, измени во законот за полиција. Не треба народот да се плаши од полицијата, безбедносните сили треба да нѐ штитат, а не да нѐ малтретираат. Па, видете, челни луѓе од полицијата – министерката Јанкуловска и портпаролот Котевски даваа лажни изјави. Слушнав дека дури и апсењето на Љубе Бошкоски било убрзано, само за да се замати убиството на Мартин. Бошкоски требало да го апсат после еден месец. Во секој случај, власта треба да го расчисти случајот за да не се валка името на Премиерот!

ФОКУС Ваш коментар за другата група демонстранти, најверојатно Ваши сопартијци, кои протестираа пред седиштето на СДСМ?

НЕШКОВСКИ Јас се прашувам, дали тие луѓе имаат чувство на вина, кога знаат за што излегуваат? Совеста на ниту еден вмровец не треба да биде чиста после случајот со Мартин!

ФОКУС Што е следното, кое ќе го направите? И натаму ќе има протести или, сега за сега, ги ставивте во мирување, па, ако треба повторно ќе се активирате?

НЕШКОВСКИ На 15-ти јули ќе му правиме помен на Мартин, 40 дена. Тогаш планираме повторно да одиме на протест. Го каниме и господинот Груевски, Мартин беше убиен на неговата прослава, редно е и тој да дојде. А вечерта, кај споменикот на Мајка Тереза во 19 часот ќе има мирен протест на кој ги повикувам сите граѓани да ни се приклучат. На 16-ти август, Мартин требаше да полни 22 години, и тогаш планираме протест. За жал, наместо да чекаме снаа и внуци од него, тој заврши на гробишта!

ФОКУС До каде е судската постапка? Се прошири ли истрагата?

НЕШКОВСКИ Истрагата мора да се прошири за целосно да се расчисти случајот. Вака како што сега се одвива, како да оди во погрешен правец. Според одредени наши сознанија, сериозно се сомневаме дека важен човек од обезбедувањето на Груевски е вмешан во убиството на Мартин. Во моментов, нашиот адвокат од МВР ги побара снимките од камерите на плоштадот. Меѓутоа, еве, ние не знаеме зошто сѐ уште не му ги даваат!

Поврзани новости