Се раздрмаа столбовите на пензискиот систем: Како 2,9 милијари евра во вториот столб одеднаш се премалку за пензија?!

by irena 10:41
10:41

Ревизорскиот извештај укажува на слабости во работењето на ПИОМ – растот на приходите не ги следи расходите за пензии, а повеќе од една третина од средствата се обезбедуваат од државниот буџет. Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски, како можност, предложи идните пензионери најнапред да ја користат заштедата од вториот столб, а потоа да преминат на исплата од ПИОМ. Од МАПАС предупредуваат дека ваквата промена би можела да има значајни последици за идните пензионери, државните финансии и функционирањето на пензискиот систем.

 

Текстот е објавен на 1 јули  2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.604 

Пишува: Орце КОСТОВ

Ненамерно сихронизираните информации во рок од неколку работни денови дека постоењето на вториот задолжителен пензиски столб е загрозено, дека ПИОМ нема пари и дека граѓаните ќе се разочараат од тоа што ќе го видат на своите сметки, ги вознемири идните пензионери кои за пет до шест години од сега ќе ги користат привилегиите на реформата од 2002 година, надградена во 2006 година.

Сегашните пензионери, пак, задоволни или незадоволни од линеарното покачување, прво од 5.000 денари, потоа од 2.000 денари, кое, исто така, ги разниша пензиските столбови, не реагираа воопшто на информациите што Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) не ги префрлал редовно парите во вториот пензиски фонд, иако има обврска тоа да го прави во рок од пет работни дена.

Не реагираа ниту, пак, на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена веднаш по објавувањето на извештајот на Државниот завод за ревизија за Фондот на ПИОМ, дека дел од корисниците нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки.

–Мислам дека очекувањата кај корисниците се многу поголеми, убеден сум дека тогаш кога е правена оваа реформа имале добри намери, но, за жал, сега мислам дека нема да ги даде очекуваните резултати. Од оваа перспектива жалам што воопшто е влезено во правање на оваа реформа, имајќи во предвид дека голем дел од европските земји и членки на ЕУ имаат само еден столб. Не знам дали очекуваните резултати ќе се добијат, да бидам прецизен, сигурен сум дека намерата била добра, но од денешна перспектива загрижен сум дека голем дел од корисниците нема да бидат задоволни, рече Мицкоски гостувајќи во подкастот „Каде се парите.“

Но, оваа изјава заедно со ставот на гувернерот на Народна банка, Трајко Славески дека „пензискиот модел има катастрофални последици за нашиот пензиски фонд и за македонската економија, односно само ги храни со провизии и со дебели профити приватните пензиски друштва“, предизвика жестоки реакции во јавноста и покрена прашања за тоа дали некој сака да посегне по 2,9 милијарди пари од вториот пензиски столб.

–Пензионерите што во следните години ќе почнат да се пензионираат преку вториот пензиски столб би можеле да се соочат со непријатно изненадување – нивните пензии да не стигнат ни до минималната пензија што би се исплатувала преку државниот фонд, вели Славески на својот профил на мрежата „Икс“, потсетувајќи се на анализи и проекции од интервју од 2024 година.

–Во 2033 за мажи и во 2032 за жени, кога ќе почне да се исплаќаат редовните пензии на оние што се осигурени во вториот пензиски столб, ќе може да видиме дека 70-80 проценти од лицата ќе се префрлаат во првиот столб, затоа што не ќе може да стигнат ни до минималната пензија, така покажуваат актуарските податоци, вели Славески.

ПРИХОДИТЕ НА ПИОМ НЕДОВОЛНИ ЗА ПЕНЗИЈА

Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) не ги префрла редовно парите во вториот пензиски фонд, иако има обврска тоа да го прави во рок од пет работни дена.

Ова го покажа ревизорскиот извештај за работата на Фондот за пензиско осигурување за 2024 години, со што долгот на ПИОМ кон вториот пензиски столб е 42 милиони евра. Со ова директно се оштетуваат осигурениците, затоа што тие пари не се на нивната лична сметка, не се инвестираат и не носат принос, стои во ревизијата.

Во текот на 2024 и 2025 година, уплатите доцнеле со месеци, а заклучно со 28 февруари 2026 година доцнењето достигнало осум месеци. Вкупната неизмирена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува околу 136,4 милиони евра. Од Државниот завод за ревизија предупредуваат дека ваквата состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено платени придонеси, што создава дополнителен финансиски притисок врз здравствениот систем.

Државниот завод за ревизија откри сериозни слабости во работењето на ПИОМ. Растот на приходите не ги покрива трошоците за пензии, а повеќе од една третина од средствата доаѓаат од државниот буџет.

Приходите од наплатен придонес за пензиско и инвалидско осигурување во 2024 година се зголемени за 14 отсто во однос на претходната 2023 година и изнесуваат 71.435.601 илјади денари со учество од 61,7 отсто во вкупно остварените приходи. Но, оствареното зголемување и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии кои исто така секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат 90.277.241 илјади денари, утврдиле државните ревизори.

Според извештајот, трансферите од државниот буџет учествуваат со 36,71 проценти во вкупните приходи на Фондот, што укажува на голема зависност од државниот Буџет за редовна исплата на пензиите.

Од придонесите за пензиско осигурување од 18,8% што ги уплаќа еден осигурител од својата месечна бруто плата, 12,8 % се одвојуваат за Фондот на ПИОМ и 6 отсто се уплатува на индивидуалната сметка на членот во приватниот пензиски фонд. Средствата во вториот столб се инвестираат на пазарите на капитал за да остварат принос и да ја зголемат идната пензија на осигуреникот. Осигурениците добиваат пензија од комбиниран систем, односно од првиот и вториот столб, а евентуално и од третиот столб кој е незадолжителен, односно доброволен.

–Констатиравме одредено задоцнето уплатување на средствата во вториот пензиски столб во ревизорскиот извештај за Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, но истовремено загрижува висината на неуплатените средства во Фондот за здравствено осигурување од Фондот за пензиско осигурување, при што акумулираниот долг од претходните години изнесува 136,4 милиони евра, посочи Максим Ацевски, главен државен ревизор во интервју на ТВ Телма.

Врз основа на податоците од матичната евиденција на Фондот со состојба декември 2024 година, бројот на осигурениците изнесува 556.294 лица, а бројот на пензионери изнесува 343.048 лица односно соодносот пензионери/осигуреници на крајот од 2024 година изнесува 1:1,63 и истиот бележи намалување во однос на 2023 година кога изнесувал 1:1,70. Ова значи дека се потребни 1,66 работници за да извадат пензија на еден пензионер.

ПРЕФРЛАЊЕ ПАРИ ОД ШУПЛИВО ВО ПРАЗНО

Сепак, ова не првпат ПИОМ да не префрла пари во вториот пензиски столб. Во 2019 година, тогашната министерка за труд и социјална политика Мила Царовска објави скандалозни податоци дека на 12.000 осигуреници со години не им биле префрлани парите во приватните пензиски друштва. Тогаш од државниот Буџет беа одвоени 19 милиони евра за покривање на овие долгови кон приватните друштва, а осигуреници беа обесштетени и за приносот кој би го имале во приватните пензиски друштва.

И гувернерот Славески во својата објава на „Икс“ потсети на истиот случај.

–Во 2019 година, кога дојде време да се пензионираат оние што доброволно се вклучија во пензиски столб, родени пред 1967 години, ги имаше 16.500 пензионери, како и земјоделци и лица со бенефициран стаж, се виде дека пензиите ќе им биде мали и Владата нечујно, тивко, ги префрли во ПИОМ. Некаде околу 40 милиони евра беа префрлени. Моја процена е дека тоа ќе биде и во иднина, вели Славески.

Тој рече дека не е ни чудо што има дефицит во државниот Фонд за ПИОМ, затоа што со воведувањето на Вториот столб, една третина од пензискиот придонес оди во приватните пензиски фондови. За проблемите во пензискиот систем, тој прстот го впери во Светска банка.

–Тоа беше политичка одлука во 2000 година кога бев министер за развој. Светска банка услови со ФЕСАЛ 2 аранжман од некои 10,5 милиони евра, или марки, за финансирање на загубарите. Под тие услови и го прифативме со уште 11 држави од Источна Европа и едно 7-8 земји од Латинска Америка. Ниту една друга земја во светот не отиде на прифаќање на таков еден модел кој има катастрофални последици за нашиот пензиски фонд и за македонската економија, односно само ги храни со провизии и со дебели профити приватните пензиски друштва, рече Славески во интервјуто.

Ова што го зборувал Славески пред две години, премиерот Мицкоски го зборувал уште во 2020 година кога беше лидер на опозицијата, а власта ја предводеше Зоран Заев.

Мицкоски во април 2020 година, додека ВМРО-ДПМНЕ беше опозиција, предложи средствата што се уплаќаат во фондот за вториот задолжителен приватен пензиски столб, државата да ги пренасочи во првиот задолжителен државен столб. На овој негов предлог, тогашниот премиер Заев кажа станува збор за пари на граѓаните и тоа е исто како да им ги земете парите од дома.

–Не треба да се чепка во вториот пензиски столб, тоа се пари на граѓаните. Ние сме европска земја, имаме европски вредности. Ако чепкаме во тие пари на граѓаните тогаш да чепкаме и дома што имаме пари. Да им ги земеме и на газдите, да им ги земеме на сите. Газдите и бизнисмените треба најмногу да дадат, но сето тоа мора да биде врз основа на закон и вредности, ние сме демократија, му одговори Заев на Мицкоски.

ПЕНЗИИ ОД ВТОРИОТ СТОЛБ?!

Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во Собранието, во септември 2024 беа усвоени законски измени за линеарно зголемување на пензиите, кое изнесуваше 5.000 денари за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата. Од 1 септември 2024 имаше зголемување на сите пензии за 2.500 денари, а од 1 март 2025 дополнително линеарно зголемување од уште 2.500 денари. Потоа, лани, исто така, беа донесени нови измени со кои беше предвидено ново линеарно зголемување: и тоа 1.000 денари од 1 октомври 2025 и по уште 1.000 денари од 1 март 2026 година.

Кога се носеа овие одлуки, владата не ги доведе во прашање ликвидноста на задолжителните пензиски столбови како експертите и регулаторното тело истакнаа дека ваквото покачување ќе направи притисок врз нив за што пишуваше и „Фокус“ во септември 2024 година.

Сепак, наодите отвораат прашања за долгорочната одржливост на пензискиот систем, особено во услови на континуиран раст на бројот на пензионери и зголемени финансиски обврски на Фондот.

„Извештајот на Државниот завод за ревизија укажува на предизвиците со кои се соочува јавниот пензиски систем, особено во делот на неговата долгорочна финансиска одржливост. Сепак, важно е да се направи јасна разлика помеѓу ликвидносните обврски на ПИОСМ и финансиската стабилност на вториот пензиски столб.

Средствата во вториот столб се индивидуална сопственост на членовите и се евидентираат на нивни лични сметки. Тие не претставуваат средства на ПИОСМ, ниту можат да се користат за покривање на неговите тековни обврски. Пензиските друштва управуваат со тие средства одделно од сопствениот имот и од средствата на државните институции, под строг надзор на МАПАС.

Од аспект на капиталното финансирано пензиско осигурување, најважно е преносот на придонесите да бидат навремени и целосни, бидејќи секое доцнење може да влијае врз периодот во кој средствата се инвестираат и остваруваат принос. Токму затоа законската рамка предвидува механизми за следење и контрола на овие процеси“, велат од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) на прашањето на „Фокус“ што значи тоа што ПИОМ има големи долгови кон ФЗОМ.

Со оглед на тоа дека повеќе од една третина од средствата во ПИОСМ доаѓаат од државниот буџет, од МАПАС побаравме одговор како тоа влијае врз пензиските столбови и дали граѓаните треба да стравуваат за своите пари.

„Факт е дека нашиот пензиски систем, како и системите во голем број европски држави, се соочува со демографски и фискални предизвици. Стареењето на населението, намалениот однос меѓу бројот на вработени и пензионери и продолжениот животен век создаваат зголемен притисок врз првиот пензиски столб, кој функционира врз принципот на меѓугенерациска солидарност.

Токму поради овие причини беше воведен повеќестолбниот пензиски систем. Вториот столб претставува механизам за диверзификација на ризикот, бидејќи дел од идната пензија зависи од индивидуално акумулираните средства и приносите од нивното инвестирање, а не исклучиво од тековните приходи на ПИОСМ.

Затоа не би било основано граѓаните да стравуваат за средствата што ги имаат во вториот столб. Напротив, капитално финансираното пензиско осигурување беше воведено токму за да придонесе кон поголема долгорочна стабилност на пензискиот систем и да го намали влијанието на неповолните демографски движења.

Секако, долгорочната одржливост на целиот пензиски систем бара континуирани анализи и внимателно планирање на јавните политики, но довербата во вториот столб се темели на неговата различна финансиска архитектура и на законската заштита на средствата на членовите“, образложија од МАПАС.

МАПАС: СРЕДСТВАТА СЕ ЗАКОНСКИ ЗАШТИТЕНИ

Но, како доаѓа периодот кога треба да се исплатат првите пензии од вториот столб, се поставува прашањето дали граѓаните ќе ги добијат своите заштеди во вид на пензиска исплата.

Една од идеите за реформа на пензискиот систем која ја даде премиерот Христијан Мицкоски во подкастот „Каде се парите“, која би го опфатила овој столб е идните пензионери прво целосно да ја искористат заштедата од вториот столб, а потоа, откако оваа сума ќе се исцрпи да преминат со пензиите во ПИОМ, со што државниот фонд ќе добие простор за стабилизација. Сепак, прашање е дали тоа воопшто изводливо.

„Ова претставува една од можните идеи што повремено се споменуваат во јавноста, но за нејзина реализација би биле потребни суштински измени на концептот врз кој е поставен повеќестолбниот пензиски систем.

Во постојниот модел, првиот и вториот столб се комплементарни. Осигурениците кои се членови на вториот столб, при пензионирањето остваруваат право на пензија, која се состои од дел што произлегува од првиот столб и дел што произлегува од акумулираните средства во вториот столб.  Тоа е основниот принцип на системот воспоставен со закон.

Модел според кој најпрво би се користела целокупната акумулирана заштеда од вториот столб, а дури потоа би почнала исплатата од првиот столб, би значел целосно поинаков концепт на распределба на ризикот, финансирањето и пресметката на пензиите. Таквата промена би барала детални актуарски анализи, финансиски симулации и широка јавна и стручна дебата, бидејќи би имала значајни последици врз идните пензионери, врз државните финансии и врз функционирањето на пензискиот систем во целина.

МАПАС секогаш ги поддржува реформите што се засноваат на детални стручни анализи, финансиска одржливост и заштита на интересите на осигурениците“, истакнаа од Агенцијата за супервизија на капиталното осигурување.

Во однос на прогнозите дека граѓаните нема да бидат задоволни од тоа што ќе го добијат од вториот пензиски столб и дека може да останат без средствата во вториот столб во кој во моментов се вртат средства од околу 3 милијарди евра, од МАПАС велат:

„Средствата на членовите на вториот пензиски столб се нивна индивидуална сопственост и се евидентираат на лични сметки. Тие се законски одвоени од средствата на пензиските друштва, на ПИОСМ и на државниот буџет. Средствата се инвестираат согласно строги законски правила за диверзификација на инвестициите, ограничување на ризикот и континуирана супервизија од страна на МАПАС. Дополнително, законската рамка предвидува механизми за заштита на членовите во различни ситуации, вклучително и доколку дојде до промени кај пензиското друштво.

Како и кај сите долгорочни инвестиции, приносите можат да варираат во зависност од движењата на финансиските пазари, но тоа не значи дека средствата исчезнуваат. Напротив, долгогодишното искуство покажува дека капиталното инвестирање е наменето токму за остварување позитивни резултати на долг рок. Оттука, членовите можат да имаат доверба дека нивните средства се предмет на силна законска заштита, професионално управување и континуиран надзор“, потенцираат од Агенцијата за „Фокус“.

ПРЕФРЛАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТА

Пратеникот на СДСМ, Јован Митрески, на последната собраниска седница за пратенички прашања ја праша министерката за финансии, Гордана Димитриеска- Кочоска зошто нејзиниот ресор доцни со плаќањето на придонесите во вториот пензиски столб, и покрај тоа што, како што рече, придонесите навремено се пресметуваат и доставуваат од Фондот до трезорот, законскиот рок е пет работни дена. Тој побара објаснување дали ќе се исплаќа соодветен надомест за доцнењето согласно законските одредби.

–Долгот од 2,6 милијарди денари или 44 милиони евра е затоа што од Трезорот парите стоеле два месеци и не се префрлале на вториот столб. Фактички, парите на граѓаните два месеци се чуваат во Трезор. Прашањето ми е: колкав е надоместокот којшто треба да се плати по основ на тоа што Трезорот, Министерството за финансии ненавремено ги префрла парите на вториот столб, а ги има пресметките добиени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување?, праша Митрески.

Министерката Димитриеска-Кочоска рече дека прашањето за исплатата на средства во вториот пензиски фонд треба да биде упатено до директорот на ПИОМ, а не до Министерството за финансии.

–Трезорот има улога на шалтерски работник во банка, ако има пари институцијата и ликвидност тоа значи дека може да се изврши плаќањето. Ако нема пари и ликвидност тоа значи дека плаќањето не може да се изврши. Ако одговорното лице во ПИОМ пушти во исто време налози за плаќање кон одреден правен субјект, ама во исто време пушти и други налози, ние се јавуваме и прашуваме што му е приоритет. Еве за конкретниот период за којшто прашувате приоритет бил Фондот за здравство, така што апсолутно мислам дека ова прашање не треба да ми го поставувате на мене туку директно на директорот на ПИОМ, рече Димитриеска-Кочоска.

„Фокус“ испрати прашања до кабинетот на директорот на Фондот за ПИОМ, Никола Мемов за тоа дали граѓаните треба да стравуваат за исплатата на своите пензии по лошиот извештај на ревизорите и дали е остварлива идејата на премиерот Мицкоски за реформа на пензискиот систем односно исплата на пензиите прво од вториот столб, па потоа од ПИОМ.

Оттаму не добивме одговор се до затворањето на неделникот. Во меѓувреме, Фондот во објава на „Фејсбук“ испрати соопштение до јавноста во кое го коментира извештајот на ДЗР за работењето на ПИОМ за 2024 година потенцирајќи дека за лошите бројки во ревизијата одговорноста е кај претходната влада на СДСМ и на ДУИ, како и на состојби кои се провлекуваат со години.

–Важно е да се нагласи дека предмет на ревизија е работењето на Фондот во текот на целата 2024 година. Во првите девет месеци од ревидираниот период со Фондот управуваше раководен кадар именуван во време на претходната Влада предводена од СДСМ и ДУИ, додека актуелното раководство ја презеде одговорноста за управување со институцијата во последниот квартал од годината.

Поради тоа, најголемиот дел од ревидираните постапки, одлуки, договори, административни процеси и утврдени состојби се однесуваат на период кога Фондот функционирал под раководство на претходниот менаџмент. Дополнително, значителен дел од забелешките на ревизорите се однесуваат на состојби кои се провлекуваат со години и биле нотирани и во претходни ревизорски извештаи, што укажува дека станува збор за наследени системски слабости, соопшти ПИОМ.

Фондот на ПИОМ нагласува дека по преземањето на функцијата, актуелниот менаџмент веднаш пристапил кон анализа на сите ризични процеси и воведе конкретни мерки за надминување на утврдените слабости.

За прашањата поврзани со обврските кон Фондот за здравствено осигурување и трансферите кон пензиските друштва од вториот столб, од ПИОМ сметаат дека е потребно да се истакне дека зголемувањето на овие обврски е директна последица на најголемото зголемување на пензиите во државата.

–Со одлуките донесени во изминатиот период, пензиите беа зголемени номинално за околу 7.000 денари месечно за сите 347.000 пензионери. Тоа значи дополнителни средства за пензионерите во износ од околу 30 милијарди денари на годишно ниво. Фондот на ПИОМ нагласува дека зголемените обврски се директен резултат на повисоките пензии и подобриот животен стандард на пензионерите, а не последица на нарушена финансиска стабилност или нефункционирање на системот, велат од ПИОМ и додаваат дека во ниту еден момент не е доведено во прашање здравственото осигурување на пензионерите, ниту пак финансиската стабилност на Фондот и редовната исплата на пензиите.

 

Слични вести