Се појави нов играч на пазарот на осигурувањето: Бизнисмен близок до Вучиќ ја купи ЗОИЛ Македонија  

by irena 10:47
10:47

Сопственикот на Алта банка од Битола, Давор Мацура влегува во осигурителниот бизнис откако за 1,7 милиони евра ја купи малата битолска осигурителна фирма основана во 2023 година и која генерирала загуби од 400.000 евра. Инаку, тој важи за близок човек на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

 

 

Пишува: Орце КОСТОВ

Голем број сектори во македонската економија, како автомобилската и преработувачката индустрија, се борат со неизвесност, што поради одлуките на претседателот на САД, Доналд Трамп, за зголемување на царините, што поради воените конфликти во Украина и сега во Иран и економската криза што ја предизвикаа тие.

За разлика од тие сектори, осигурителниот пазар остана имун на промените и во 2024 и во 2025 година бележи стабилен пораст.

Според последниот Годишен извештај за состојбата и движењето на осигурителниот пазар, кој го изработи Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), вкупната бруто полисирана премија (GWP) во 2024 година достигнала околу 260 милиони евра.

Тоа претставува раст од 11,32 отсто во споредба со 2023 година. Ако се земе предвид дека во 2022 година била на ниво од околу 210 милиони евра, тоа значи дека за две години имало раст на премиите, кој надминува 25 проценти. За споредба, просечниот раст на БДП (бруто домашен производ) во Македонија не надминува 4 отсто во последните пет години.

Пазарот на осигурување во Македонија е релативно мал, но има стабилен и континуиран раст во последните години. Во 2025 има и повисоки стапки на раст, до 18 отсто во одредени периоди.

НОВ ИГРАЧ НА ПАЗАРОТ

На пазарот работат 17 компании (11 за неживотно, 6 за животно осигурување), најголемиот дел во сопственост на европски инвеститори (14 од 17 компании). Македонија има конкурентен пазар, на кој има и неколку главни играчи, како Осигурување Македонија (Vienna Insurance Group), Еуролинк, Кроација осигурување – живот, Сава осигурување, Халк осигурување и Триглав осигурување.

Овие наскоро ќе добијат сериозна конкуренција од новиот играч на пазарот, кој доаѓа од Србија, а ја купи малата осигурителна компанија од Битола, ЗОИЛ Македонија.

ЗОИЛ Македонија АД Битола го смени сопственикот откако купувач вложил 1,7 милиони евра во вкупно 60 илјади акции и со тоа се стекнал со посед на 100 отсто од акционерскиот капитал на осигурителното друштво.

За блок-трансакцијата информира Македонска берза. Според објавата, вредноста на пакетот е пресметана по 1.748 денари за акција, а вкупниот износ е 104.881.800 денари. Номиналната вредност на осигурителната акција е 50 евра.

Според информациите на „Фокус“, нов сопственик на ЗОИЛ Македонија ќе биде Алта банка од Србија, која од крајот на 2025 година е доминантен сопственик и на далеку попознатата Стопанска банка АД Битола, која сега е преименувана во Алта банка Битола.

Сопственикот на Алта банка од Србија, која сега е сопственик и на Алта банка Битола, Давор Мацура,  важи за близок човек на претседателот Александар Вучиќ.

Потврда стигна и од Централен регистар, каде што ЗОИЛ Македонија Битола впиша промена на онлајн-адресата за контакт.

„Фокус“ испрати прашања и на старите имејлови и на новиот имејл, но одговори од менаџментот не стигнаа до моментот на затворањето на неделникот.

Инаку, акционерското осигурително друштво ЗОИЛ Македонија е формирано во октомври 2023 година со 100 отсто домашен капитал. Податоците од базата на „Company Wall“ покажуваат дека во 2024 година, компанијата остварила приходи од 23,8 милиони денари, при што не се прикажани приливите од 2023 година. Истовремено, расходите значително се зголемиле и достигнале 48,5 милиони денари, што е огромен раст од над 3.000 отсто во однос на почетниот период во 2023 година, кога изнесувале 1,5 милион денари.

Како резултат на ваквото движење, компанијата ја продлабочила загубата, која по оданочување достигнала 24,8 милиони денари (402,6 илјади евра), што претставува зголемување од речиси 1.500 отсто. Во структурата на приходите, нето-приходите од премија изнесуваат 11,6 милиони денари и учествуваат со околу 48,7 отсто во вкупните приходи од работењето. Во меѓувреме, просечниот број вработени е зголемен од 10 на 13 лица.

Актуелен изршен директор на компанијата е Бојан Москов, кој претходно бил менаџер за продажба во СН Осигурителен брокер АД Битола, фирма која во моментов е под стечај.

СОПСТВЕНИК БЛИЗОК ДО СРПСКА НАПРЕДНА СТРАНКА

Акционерот Алта банка АД Белград го зацврсти своето сопствеништво во Алта банка АД Битола и  сега поседува вкупно 372.028 акции, со што нејзиниот вкупен удел достигна 95,15 отсто од вкупниот број издадени обични акции на битолската банка.

Алта банка е комерцијална и инвестициска банка со седиште во Нови Београд, во главниот град на Србија. Основана е во 1979 година, како ЈУБМЕС банка, а во 2020 година го смени името во Алта банка по промената на сопственичката структура.

Сопственик на „Alta Pay Group“ е српскиот бизнисмен Давор Мацура. Тој е и претседател на Управниот одбор, а покрај тоа е и активен во финансискиот сектор во регионот.

Во 2024 година, нето-добивката на Алта банка изнесуваше близу 13 милиони евра. Во истата година, Електростопанството на Србија (ЕСС) ги информираше граѓаните во Србија дека сметката за плаќање се менува. Електричната енергија ќе се плаќа на сметката на Алта банка, во сопственост на Мацура, кој, според бројните медиумски извештаи во Србија, е човек близок до Српската напредна партија.

Мацура влезе во деловниот свет пред неколку децении со менувачници, а денес ЕПС наплаќа електрична енергија преку својата банка.

Овој бизнисмен има дури 15 компании во Србија, а неговиот бизнис, кој е поврзан со владејачката партија, постигна вртоглав напредок за време на владата на СНС. Најдобар пример е Алта банка, која, на пример, постигна 22 пати поголем раст во 2023 година, отколку во 2022 година.

Јавноста првпат слушна за сега познатиот Мацура кон крајот на 2021 година, кога тој и неговата компанија АБЛ Солвент го купија деловниот комплекс ИМТ во Нов Белград за околу 70 милиони евра, иако вредел најмалку 10 пати повеќе. Според податоците од тоа време, оваа компанија на Мацура немала ниту еден вработен и се наоѓала во стан.

Мацура е сопственик и на компанијата „Campari International“, која е регистрирана за изградба на станбени и нестанбени згради.

Според податоците добиени од „Форбс Србија“, бизнисменот е сопственик и на компанијата „Al Stone“, која се занимава со издавање под наем и управување со сопствени или со изнајмени недвижности. Неговиот бизнис е поврзан и со парцели во Дедиње, во област каде што луѓе блиски до владејачката партија градат луксузни вили.

Во официјалната биографија се наведува дека сопственикот на „Алта групацијата“ има докторат по менаџмент и бизнис, но универзитетот на кој дипломирал не е споменат во ниту еден јавно достапен документ.

Мацура е претседател на Надзорниот одбор на АЛТА банка АД Битола од февруари годинава, со што им стави до знаење на сите во менаџментот и во банкарскиот сектор дека сака да има контрола врз работењето на банката. Со влезот во осигурителниот бизнис, тој го зацврсти своето деловно присуство во македонските бизнис-кругови.

СОРАБОТНИЦИ НА КАМЧЕВ НА КЛУЧНИ ПОЗИЦИИ?!

Пред неколку месеци, опозицијата побара истрага за Алта банка по преземањето на Стопанска банка АД Битола поради обвинувањата за наводна политичка и бизнис-поврзаност на менаџментот на банката со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Во менаџерски и надзорни позиции во банката се појавуваат лица со политички и бизнис-врски од домашниот политички контекст, па побараа институциите да отворат истрага за преземањето и за потеклото на капиталот.

Тврдењата доаѓаат кога Алта банка веќе го заврши преземањето и ја ребрендираше Стопанска банка АД Битола во Алта банка Битола, но задржа дел од имињата во Управниот одбор, како и во менаџерскиот тим.

Според официјалната страница на банката, менаџерскиот тим го сочинуваат Лидија Неделкова, Наталија Мицковска, Ирена Алаѓозовска-Кечовска, Наташа Савова, Наталија Михајлоска, Николче Трајчески, Марјан Закев и Јован Николовски.

Неколку имиња од нив биле предмет на пишувања во медиумите како соработници блиски до Орце Камчев, кој беше еден од најголемите акционери во Стопанска банка АД Битола, сега Алта банка Битола.

Една од нив е Лидија Неделкова, поранешна судијка, која беше разрешена од Судскиот совет.

Марјан Закев, член на менаџерскиот тим, кој во минатото бил сопственик и управител на фирма поврзана со офшор-структури и бизнис-кругови блиски до Сашо Мијалков и Камчев, како и со предметот „Империја“.

Наташа Савова е нов директор за маркетинг во Алта банка Битола. Таа е соработничка на бизнисменот и поранешен акционер во Стопанска банка АД Битола, Камчев.

Александра Радевска остана претседателка на Управниот одбор на Стопанска банка Битола. Радевска, во Управниот одбор членува веќе две години – од јуни 2023 година, а на претседателската позиција првпат беше именувана во ноeмври истата година. Со Стопанска банка Битола професионално е поврзана 12 години, од кои една деценија била дел од Надзорниот одбор, а од 2019 е и во Одборот за ревизија.

Во биографијата на Радевска пишува дека во периодот од март 2012 година до март 2019 година работи на позиција раководител на Сектор за ревизија во „Орка холдинг“ АД Скопје. Од март 2019 година ја извршува функцијата директор на Сектор за финансии и сметководствени работи во „Орка холдинг“ АД Скопје.

Нов член на Управниот одбор на Алта банка Битола од пред три недели е Зарије Коралија, банкарски менаџер со повеќе од 20 години професионално искуство.

ПАЗАР НА ОСИГУРУВАЊЕ

Пазарот е поделен на две главни категории, неживотно осигурување, во кое се Автоодговорност (задолжително), Каско осигурување, Имотно осигурување и Патничко осигурување и овој сегмент учествува со над 80 отсто во пазарниот колач.

Втората категорија е Животно осигурување, кое почна да се развива на пазарот во 2005 година и во него се вклучени класично животно осигурување и инвестициско осигурување. Животното осигирување има мал удел, но побрз раст од неживотното.

Според податоците од Годишниот извештај за пазарот на осигурување од АСО за 2024 година, Неживотното осигурување генерирало 212 милиони евра (81,88 отсто од вкупниот пазар), со раст од 10,27 отсто. Животното осигурување, пак, порасна најмногу 16,31 отсто и достигна 47 милиони евра (18,12 отсто).

Задолжителното осигурување на моторни возила со 5,91 милијарди денари или со 37,03 отсто од вкупниот пазар е лидер. Следат осигурувањето на имот (15,82 %), осигурување на живот (13,15 %), каско (8,52 %) и здравствено осигурување (8,31 %).

Компаниите завршија со нето-добивка од 697 милиони денари или 11,3 милиони евра. Со 260 милиони евра премии, Македонија е на ниво со Албанија (околу 260-270 милиони евра во 2024 година. Косово е малку зад нас со 168,1 милиони евра (раст 15 %). Во Србија, проценките надминуваат 1,5 милијарда евра.

Текстот е објавен на 9 април 2026 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.592

Слични вести