Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во број 1573, на 26.11.2025 година.
Пишува: Валентина ВУРМО
Додека Општина Маврово и Ростуше ја „гушат“ проблеми од минатото, диви населби и нелегални објекти, на повидок е нова „градежна офанзива“, која директно му се заканува на Националниот парк „Маврово“. Поточно се планира нова населба, на огромна површина, со изградба на традиционални куќи (селски, планински и езерски) и хотелски комплекси. Новото бетонско здание во срцето на националниот парк, поточно на влезот на Маврови анови, ќе зафаќа неверојатни 50.000 хектари.
Затоа од здружението „Спас за Маврово“ загрижено обвинуваат за монструозен план со страшни задни намери, за кои, како што велат, ќе предизвикаат несогледливи последици во државата. Тие се децидни дека во овој дел од Маврово не може и не смее да се гради, но истакнуваат и дека процедурата засега тече без пречки, односно ниту една државна институција не се спротивставува на ова пустошење во најава на НП „Маврово“.
КОЈ САКА ДА ГО „ПРОТНЕ“ ПРОЕКТОТ?
Идејата за новиот „градежен бум“ потекнува од 2022 година, но алармот се вклучи пред една недела, кога заврши 10-дневниот рок за доставување забелешки на „Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за формирање градежни парцели со мешана намена: Традиционални куќи за потреби на туризмот (селски, планински, езерски), хотелски комплекси и трафостаница. Проектот во сила, пак, го стави веќе поранешниот градоначалник Медат Куратовски, кој одлуката ја потпишал непосредено пред да му заврши градоначалничкиот мандат.
Општината ја темели постапката за донесување на предметниот Урбанистички проект на одредбите од член 62, став 10 и член 58 став 6, од Законот за урбанистичко планирање. Но, доколку се прочита законот, веднаш се забележува дека градењето во предели за кои нема Урбанистички план, како што е во случајот, градењето е строго ограничено.
Според член 58 став 6 се пропишува дека:
„По исклучок од ставот (1) на овој член, урбанистички проект може да се изработува и за поединечни градби и инфраструктури од државно и локално значење вон населени места и вон опфат на урбанистички планови на земјоделско, шумско и друго земјиште, крајбрежни појаси и други простори за кои не постојат услови или економска оправданост за донесување урбанистички план согласно овој закон, а постои соодветен или некатегоризиран сообраќаен пристап, во кој случај урбанистичкиот проект се изработува врз основа на прибавени услови за планирање на просторот“.
Една од забелешките од Здружението „Спас за Маврово“, до која дојде „Фокус“, укажува на опасноста дека некој сака да го „протне“ овој проект, без почитување на законските ограничувања.
–Од цитираната законска одредба јасно произлегува дека примената на овој исклучок е строго условена и ограничена. Може да се примени само за подрачја за кои кумулативно се исполнети два услови: да се наоѓаат вон опфат на урбанистички планови и да не постојат услови или економска оправданост за донесување урбанистички план, појаснуваат нашите соговорници.
Прецизираат дека во конкретниот случај, спорна е примената на вториот услов, бидејќи предметниот урбанистички проект предвидува изградба на „Традиционални куќи за потреби на туризмот“ и што е уште поважно, хотелски комплекси.
-Изградбата на хотелски комплекси претставува значајна стопанска и туристичка инвестиција од поголем обем, која по својата природа генерира потреба од сеопфатно урбанистичко планирање. Таквиот зафат има импликации врз комуналната инфраструктура (Водовод, канализација, електрична енергија, за што сведочи и планираната трафостраница, сообраќајната мрежа, заштитата на животната средина и целокупниот социо-економски развој на подрачјето, велат нашите соговорници.
Нивните главни забелешки се дека самата намена и обем на планираните градби (хотелски комплекси) директно ја потврдуваат економската оправданост и неопходноста од донесување на Детален урбанистички план. Системот на урбанистичко планирање, како што е уреден со Законот за урбанистичко планирање, има за цел да обезбеди одржлив и интегриран развој, а не парцијално решавање на просторот преку исклучоци кои се наменети за поединечни градби, од помал обем, каде што донесувањето цел план би било навистина економски неисплатливо.
„СПАС ЗА МАВРОВО“: ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ УРБАНИСТИЧКИОТ ПРОЕКТ!
Загрижените граѓани реагираат дека на овој начин, со помала видливост и контрола, надлежните сакаат да се протне овој огромен градежен потфат, бидејќи доколку станува збор за постапка за донесување Детален урбанистички план, учество земаат заинтересирани граѓани и стручната јавност. Заобиколувањето на постапката, според нив, не е оправдана со фактот што за ова подрачје, од страна на Уставниот суд, се повлечени или не важат претходните урбанистички планови, што, пак, создава правен и плански вакуум.
-Тој вакуум не може да се пополнува со примена на исклучокот од членот 58, став 6, бидејќи тоа би претставувало заобиколување на стандардната, потранспарентна и сеопфатна постапка за донесување детален урбанистички план. Повлекувањето на плановите не ја елиминира потребата и економската оправданост за планирање, особено кога се работи за развој на туристички капацитети од ваков вид.
Постапката за донесување детален урбанистички план, согласно член 50 од законот за урбанистичко планирање, предвидува задолжителна јавна презентација и јавна анкета, со што се обезбедува поголемо учество на засеганатите граѓани и стручната јавност во процесот на планирање, појаснуваат соговорниците.
Постапката, пак, која сега општината ја спроведува е со покус рок и со помало ниво на јавна вклученост, што е соодветно за помали зафати, но не и за изградба на хотелски комплекси.
Затоа од „Спас за Маврово“ предлагаат Општина Маврово и Ростуше да ја прекине постапката за одобрување на предметниот Урбанистички проект вон опфат на урбанистички план, бидејќи не се исполнети законските услови.
-Општината, согласно своите надлежности за урбанистичко планирање, да отпочне постапка за изработка и донесување соодветен Детален урбанистички план за предметното подрачје во КО Дуф.
На тој начин ќе се овозможи сеопфатно и одржливо планирање на просторот, со соодветно вклучување на јавноста и почитување на начелата на урбанистичко планирање, децидни се од „Спас за Маврово“.
ДЕЛ ОД ПАРЦЕЛИТЕ СЕ НА СИНОТ НА ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БЕЈТА
Од Здружението појаснуваат дека вкупната површина за најновиот градежен проект е повеќе од 50.000 квадратни метри или пет хектари шума. Стравуваат дека, покрај сечата на шума, бетонизацијата и отпадните води и фекалии ќе завршат во Мавровско Езеро.
–Од неколкуте документи што ги добивме се гледа дека поранешните министри за заштита на животната средина, иако биле обврзани за заштита, дале зелено светло без да размислат колку шума ќе се исече, каде што ќе одат отпадните води, фекалии, а ние се сомневаме во Мавровско Езеро, како и до сега, вели нашиот соговорник, кој додава дека според нивни сознанија, предвидено е да се изгради и џамија.
Инаку, поголемиот дел од парцелите што се опфатени со овој проект, се во сопственост на „Македонски шуми“, а еден дел е во приватна сопственост. Поточно, податоците од Катастар покажуваат дека големата парцела 545/1, со површина од 3.856.976 квадратни метри е на „Македонски шуми“ и станува збор за предели со шуми и пасишта. Останатите три парцели, 547 со површина од речиси 3.000 квадратни метри, дел од парцелата 548 со површина од 14.913м2 и 545/4 со површина од речиси 15.000 квадратни метри, се во сопственост на Дрилон Бејта, син на Невзет Бејта, поранешниот градоначалник на Гостивар и екс висок партиски функционер од редовите на ДУИ.
„Фокус“ го праша екс градоначалникот Бејта кои се неговите планови за градење? Тој потенцираше дека сè што се планира со новиот проект за Маврово е согласно законот и дека воопшто нема да се впуштат во градење, доколку не е така. Сепак, за повеќе детали нè упати во Општината, а посочи и дека сопственик на парцелите е неговиот син.
Дрилон Бејта, исто така, уверува дека, според неговите сознанија, досега се добиени само позитивни одговори од институциите. И тој вели дека не би почнал со градба, доколку не е се согласно законот.
–И јас сум против изградба на згради во овој регион, но во случајот станува за развој на туризам, за изградба на хотели. Сигурно дека ќе градам само во случај сè да е според законската регулатива, со сите добиени дозволи, истакнува Бејта.
Тој, како што вели, се сомнева дека одредени личности сакаат да го блокираат проектот уште на самиот почеток и за нив обвинува дека се политички опструирани.
–Сево ова има политичка заднина. Но, еве, ќе потенцирам уште еднаш, дека и јас не би градел доколку не е сè како што треба, уверува Бејта.
И покрај досегашните зелени светла од институциите, сепак еден документ може да ги замати досегашните планови на идните инвеститори, бидејќи во него изричито е наведено дека во овој дел од Маврово не смеат да се градат градби како веќе испланираните.
Но, да се вратиме малку наназад. Пред две години, Агенцијата за планирање на просторот ги изработило Условите за планирање на просторот со намена хотели и хотелски комплекси и ги доставиле до Министерството за животна средина на 28.07.2023 година. За точно еден месец, Министерството за животна средина издало Решение за Услови за планирање на просторот, потпишано од тогашната министерка Каја Шукова. Во решението нема изрична забрана за продолжување на градежната инвазија, освен пропораки да се почитуваат законските прописи.
„При изработка на планската документација, локациите за сите содржини треба да се бараат исклучиво на површини од послаби бонитетни класи. Приоритет е заштита на земјоделското земјиште, а стрикно ограничување на трансформација на земјиштето од 1- 1V бонитетна класа за неземјоделко користење, како и зачувување на квалитетот на природната плодност на земјиштето. Според приложените имотни листови, предметниот опфат зафаќа земјоделско земјиште од 1 и 2 класа“, се наведува во решението.
Сепак, предупредиле дека просторот се наоѓа во границите на НП „Маврово“.
„Просторот, кој е предмет со намена хотели и хотелски комплекси, се наоѓа во граници на заштитен Нацинонален парк Маврово. Неопходно е да се внимава да не дојде до нарушување на заштитениот Национален парк и да се почитуваат одредбите од пропишани во Законот за заштита на природата, подзаконските акти, актот за прогласување на заштитено подрачје НП Маврово, како и заштитна категорија, согласно валоризацијата додадена во Студијата за заштита на природното наследство, изработена за потребите на Просторниот план на РМ“.
НЕ СМЕЕ ДА СЕ ГРАДИ СПОРЕД ПЛАНОТ ЗА УПРАВУВАЊЕ
Од националниот парк „Маврово“, пред точно една година, испратиле известување потпишано од директорот Харис Ибраими, кој не забранува градење, туку само посочува дека урбанистичкиот проект е на територија на НП Маврово и истиот е опфатен со посебен План за одгледување и заштита на шумите во заштитените подрачја за ШСЕ Горна Радика, во која се предвидени мерки за одгледување и заштита на шумите за период од 2023 -2032 година. Известил и дека во фаза на изготвување бил План за управување со заштитеното подрачје.
„Ве известуваме дека во фаза на изготвување е План за управување со заштитеното подрачје НП Маврово и согласно предлогот за зонирање плканскиот опфат се наоѓа во зона за активно управување.
Зоната за активно управување претставува зона од висок интерес за заштита, во која се потребни поголеми управувачки интервенции со цел рестарвација, реливитализација или рехабилитација на живеалиштата, екосистемите и другите елементи во пределот.
Во зоната за активно управување може да се вршат активности од економски карактер кои немаат негативно влијание на примарната цел на заштита, како екотуризам или традиционално екстензивно земјоделство“.
Сепак, во подоцна изготвениот План за управување, во кој увид имаше „Фокус“, пак, децидно е посочено дека во овој дел од Маврово, кој спаѓа во зоната за активно управување, не е дозволена изградба на нови објекти за туристички намени (хотели, ресторани, кампови и слично)!
Токму затоа испративме прашање во Општина Маврово и Ростуше, дали овој План за управување ќе се земе предвид, односно зошто досега не е прекинато изготвувањето на Урбанистичкиот проект?
До затворање на неделникот не добивме повратен одговор од Општината, каде што во моментот и немаше градоначалник, поради повторување на изборите.
Од Спас за „Маврово“ сумираат дека се работи за урбанистички проект во близина на одморалиштето Бунец, во атарот на селото Дуф, каде што има далекуводи и резервоари за вода. Со надеж дека надлежните ќе ги чујат, аламираат дека моделот „вон опфат на урбанистички план за формирање градежни парцели“ е уигран модел, кој се злоупотребува кога нема Детален урбанистички план. А, како што велат, тоа со години се прави во Маврово
РАКОВОДИТЕЛОТ НА УРБАНИЗАМ БЕШЕ УАПСЕН ЗА МИТО
Зародишот на новиот рпоект за градежна офанзива во Маврово пак е од 2022 година, кога раководителот на секторот за урбанизам во Маврово и Ростуше, Садредин Елезоски, всушност го потпишал првиот документ за проектот, по што продолжува прибирањето на потребните одобрувања од останатите институции.
Во март годинава, пак во акција на МВР беше уапсен Садредин, кој беше фатен со мито во рака.
–На ден 19.3.2025 година реализиран е случај на поткуп при што лишен од слобода е Раководителот на Одделението на урбанизам и комунални дејности при Општина Маврово и Ростуше. (Садредин Елезоски). Поткупот бил побаран и примен заради ветување дека ќе биде одобрен урбанистички проект за градење на апартмани и сместувачки капацитети, информираа пред неколку месеци од МВР.
Поткупот, според тогашните информации, бил побаран во износ од 13.000 евра и требало да се исплати во неколку рати, а Елезоски беше фатен со 2.000 евра во раце.
„СПАС ЗА МАВРОВО“: ДА ЗАПРЕ БЕТОНИЗАЦИЈАТА НА МАВРОВО
Од Здружението „Спас за Маврово“, на почетокот на годината реагираа за неколку, како што посочија тогаш, нелогични одлуки на градоначалникот на Маврово и Ростуше.
„Во периодот од октомври 2024 до февруари 2025 година градоначалникот Медат Куртовски потпиша триесетина решенија за одобрување на изградба на викенд куќи, хостели, пансиони и згради со апартмани и студија апартмани, традиционални куќи за потребите на туризмот (селски, планински, езерски) околу Мавровското Езеро.
Во услови кога веќе неколку години по ред алармираме на бетонизацијата на Мавровското Езеро, на изградените згради надвор од сите норми за објекти во Национален Парк, кога предупредуваме на огромните проблемите со инфраструктурата (пат, водоводна мрежа, напојување со ел.енергија), Општината без никаква резерва потпишува согласности за изградба на нови и нови објекти. Тоа се прави и покрај тоа што уште лани во мај Уставниот суд ги укина урбанистичките планови донесени од советите на поранешната општина Маврови Анови и на Општината Маврово и Ростуше од 2001 односно од 2015, алармираа од „Спас за Маврово“.