Може ли да се случат вонредни локални избори за тетовскиот совет многу скоро, на нецела година од неговиот избор лани во октомври? И, размислува ли власта во Тетово во насока на уште едно изборно соочување?
Решението на Уставниот суд од пред некој ден со која се поништи Одлуката за промена на имињата на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти во Тетово од 2007, ја подигна тензијата меѓу во албанскиот политички камп. Опозицискатга ДУИ ја обвини власта за, како што наведоа, предавство на албанските национални интереси и враќање во југословенско време со враќањето на имињата на улиците. Ден по одлуката на Уставниот суд побараа вонредна седница на која, како што рекоа, ќе може и без бадентеровиот механизам, да се изгласа повторно одлуката за новите имиња на улиците.?
А, за вечерва во 20 часот “интегративците“ најавија протестен марш на плоштадот „Илирија“ во Тетово. Протестот доаѓа како еден вид кулминација по серијата реакции на ДУИ, која ја обвини Општина Тетово дека не ја заштитила одлуката пред Уставниот суд. Од партијата велат дека општината не одговорила на нивното барање за итна седница на Советот, на која требало повторно да се разгледа прашањето за имињата на улиците.
„Фокус“ дознава дека токму ваквото барање на ДУИ за вонредна седница, го натерало градоначалникот на Тетово и еден од челниците на ВРЕДИ Билал Касами, сериозно да размисли да ја прифати фрлената ракавица и на тој начин да предизвика распуштање на тетовските советници. Во прилог на ваквото резмислување, според неофицијални сознанија, на рака му оделе последните испитувања на јавното мислење во кои предноста на власта била зголемена двојно во однос на локалните избори од минатата есен. Или, кажано со други зборови, ако советничката листа на ВРЕДИ на изборите освои две илјади гласа повеќе од таа на ДУИ, сега анкетите покажувале барем 4-5 илјади гласа разлика. Што преведено во советници би бил поголем сооднос од сегашните 14:12 за власта.
Законскиот основ за ваквиот потег – да ги изгласа повторно истите имиња и да распише вонредни избори за Советот, Касами ја наоѓа во членот 75 од Законот за локална самоуправа, каде во првиот став во точка еден буквално стои – “Советот се распушта ако повторно го донесе прописот што претходно бил поништен или укинат со одлуката на Уставниот суд “. Идејата за вакви размислува кај власта, дознава „Фокус“ е наводно да не се дозволи одлуката на Уставниот суд да се користи политички . Или, кажано поинаку, аргументите и за оваа тема да се соочат на изборен натпревар пред гласачите, па ним да им се остави дефинитината одлука кому ќе му ја дадат довербата.
Паралелно со жестоката политичка пресметка, од поодамна е формирана општинска комисија која системски треба да го реши проблемот со имињата. И, тоа не само спорните и Уставниот суд поништени имиња, туку и на десетици други улици, мостови и други инфраструктурни објекти кои се означуваат со бројка. А, за што во јавноста се произнесе и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека одлуката на судот не е конечна.
„Мислам дека ова е почеток на процес што ќе мора да резултира со одлука. Инаку, со Билал Касами во иднина разговаравме за имиња на улици што се нумерирани или ненумерирани, да бидат именувани по луѓе што се заслужни за Македонија како независна држава, и јас стојам зад ова, бидејќи би било добро улицата да не биде нумерирана, туку да биде именувана по личност што е заслужна за независната држава Македонија“, изјави пред три дена премиерот Мицкоски. Неговите зборови ги потврди претседателот на Комисијата за преименување на улиците Алби Ќамили кој ја обавува и функцијата заменик на градоначалникот на Тетово. Според него ДУИ и претходната власт оставиле недовршени решенија, а сегашната општинска власт интензивно работи на процесот на преименување на улиците.
„Уште еднаш сакаме јасно да ја информираме јавноста дека станува збор за очигледна координирана акција и сценарио на релација ДУИ – Уставен суд, со цел да се дефокусира вниманието на јавноста токму во моментот кога Општина Тетово го финализира процесот на именување на улиците. Станува збор за одлука која никогаш не била спроведена во практика“, рече Алби Ќамили.
Новата одлука, за разлика од претходната од 2007, пред да биде изгласана, ќе биде испратена на одобрение во Владата, по што и формално со одлука на тетовскиот општински совет да стане полноважна.
З.Фиданоски