По вчерашниот инцидент со дел од операторите со ратраци на Попова Шапка се огласија и од „Ескимо спорт ДООЕЛ Тетово“ од каде информациите за таканаречените диви ратраци ги карактеризираат како неточни манипулативни и штетни со сериозни последици врз угледот на туристичката дестинација, професијата и професионалниот тим на еден легитимен оператор.
Во соопштението од „Ескимо спорт ДООЕЛ Тетово“ се наведува дека диви ратраци не постојат и дека тие биле управувани од лица кои се дел од нивниот тим што важел за пионер на првиот туристички производ за слободно скијање со ратраци. Оттаму велат дека во 2018 година истиот производ бил нелегално копиран и до денес се користел од друг оператор на истиот простор нешто што не било дозволено никаде во светот заради заштита од нелојална конкуренција и заради безбедност во просторот на оваа дестинација.
Доколку управувачот на заштитеното подрачје навистина се грижи за угледот на дестинацијата и безбедноста на гостите, не смее да дозволи плагијаторство на најзначајниот туристички производ создаден во Македонија – токму на просторот на Националниот парк, се наведува меѓу другото во соопштението од „Ескимо спорт ДООЕЛ Тетово“.
По вчерашниот инцидент со дел од операторите со ратраци на Попова Шапка, денеска на Фејсбук страната на Националниот парк „Шар Планина“ осамна нова објава, овој пат наводи за поткуп кој во износ од 300 илјади денари вчера легнале на сметка на установата, додека нејзиното раководство било во Полициската станица Тетово, каде давало изјава за конфликтот на терен.
Од Националниот парк на Фејсбук денеска наведуваат име на ресторан од чија сметка била извршена уплатата, притоа наведувајќи дека тој ресторан не е официјален оператор за скијање со ратрак и со нив немаат склучено договор, ниту пак поседуваат лиценца за туризам.
„Средствата се уплатени без претходно издадена фактура или барање за уплата и ќе бидат вратени во првиот нареден работен ден. За случајот е известен и Секторот за економски криминал“, стои во соопштението.
Од Националниот парк „Шар Планина“ бараат темелна истрага за вчерашните случувања и спреченоста да ги заштитат природните вредности на планината.