Се менуваат програмите за специјализација, ни требаат интернисти и општи хирурзи, вели Алиу

by vlatko 19:17
19:17

Министерството за здравство дефинира нови програми за специјализација, со што темелно се менува начинот на кој се создава медицински кадар, изјави министерот за здравство Азир Алиу, во друштво на деканот на Медицинскиот факултет во Скопје Светозар Антовиќ и претседателката на Лекарската комора Калина Гривчева-Старделова.

Отсега специјализациите ќе бидат општи, а потоа ќе се оди на супспецијализација, додека програмите ќе бидат унифицирани за сите три медицински факултети во земјава.

Презентирајќи го новиот модел, Алиу рече дека прво треба да се има стабилен интернист и општ хирург, а потоа онаму каде има потреба ќе продолжи процесот на образование со кардиологија, гастроентерохепатологија, ендокринологија и други области како специјалистичка надградба.

-На тој начин, здравствениот систем ќе добие дисперзиран медицински кадар, кој ќе може да понуди специјалистички третман на хронични болести, итни состојби, да обезбеди континуитет на терапија, навремена дијагностика и правилно упатување на терциерното здравство – рече тој.

Според него, суштината на новите програми е едноставна, но воедно и храбра, односно се напушта логиката на премногу тесно профилирани специјализации како почетна точка и се гради силна, општа клиничка основа, врз која потоа рационално ќе се надградува преку супспецијализации.

Слични вести