Видеата од социјалните мрежи со врзани крави, физички инциденти и апсење на сопственикот на кравите, дополнително ја вознемирија јавноста и ги отворија прашањата за долгогодишниот проблем и на мештаните и на сопствениците на кравите, за проблемите со безбедноста на граѓаните, животните и земјоделските површини, а најмногу од сè, за проблемот со непостапувањето на институциите формирани и финансирани од парите на граѓаните.
Има предлог и за свикување или определување кризна состојба, а веќе се известени и странските амбасади за овој проблем, кој во нормална земја со функционални институции не треба да заврши на насловните страни. Но, системот повторно потфрла и не нашол трајно решение за стадото од безмалку 600 крави, кое според проценките од пазарот, во моментов вреди околу 1.000.000 евра.
Пишува: Орце КОСТОВ
Текстот е објавен на 4 декември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.574
Кризата со стадото крави, кои со години слободно се движат во кривопаланечкиот регион, ескалираше пред неколку дена во селото Добровница, кога локалните земјоделци и сопствениците на добитокот влегоа во конфликт, кој заврши со видеа на социјалните мрежи.
Откако стотиците крави, кои слободно се движат низ селото и околните населени и ненаселени места, уништиле дел од земјоделските посеви, некои од локалните фармери, во обид да ги спречат животните да им направат поголема штета, ги затвориле во своите штали.
Сопствениците на кравите дошле да ги ослободат животните што биле врзани и, како што велат, нехумано третирани и оставени без храна и вода, па обидот да ги извлечат заврши со жесток вербален и физички инцидент во кој имаше и стапови и шлаканици.
Видеата од социјалните мрежи со врзани крави, физички инциденти и апсење на сопственикот на кравите, дополнително ја вознемирија јавноста и ги отворија прашањата за долгогодишниот проблем и на мештаните и на сопствениците на кравите, за проблемите со безбедноста на граѓаните и земјоделските површини, а најмногу од сè, за проблемот со непостапувањето на институциите формирани и финансирани од парите на граѓаните.
За уништувањето на земјоделски насади од страна на крупниот добиток, кој поради недостиг од храна од околните пасишта се спушта во населените места, негрижата за нив од здравствен аспект, како и движењето на кравите на јавни површини и на државни патишта, со што се загрозува безбедноста на граѓаните, реагираат буквално сите, но ситуацијата не е решена.
Реагираат, од загрозени и исплашени граѓани, револтирани земјоделци, па сè до сопствениците на дел од стадото крави, и тоа до градоначалникот на Крива Паланка и Агенцијата за храна и ветерина, која има правосилно решение за одземање на животните поради негрижа, и тоа веќе година и пол, со што добитокот е практично во државна сопственост и државата треба да ги заштити кравите.
Има предлог и за свикување или определување кризна состојба, со указ од страна на претседателот на државата, со цел да се вклучи и армијата со својата инженерија и опрема во безбедно отстранување и транспортирање на добитокот, а веќе се известени и странските амбасади за овој проблем, кој во нормална земја со функционални институции не треба да заврши на насловните страници.
Но, системот повторно потфрла и не нашол трајно решение за стадото од безмалку 600 грла, кое, според проценките од пазарот, во моментов вреди околу 1.000.000 евра.
Секое одолжување на проблемот претставува поголема закана и за безбедноста и здравјето на стадото крави, кои слободно шетаат барајќи храна и засолниште, но и поголема закана за безбедноста на граѓаните.
НЕХУМАН ТРЕТМАН НА КРАВИТЕ
Според жителите во Кривопаланечко, стадото со години се движи неконтролирано по ниви, ливади, приватни дворови и покрај магистралниот пат кон Бугарија, создавајќи ризици и во сообраќајот.
Во обид да го спречат понатамошното уништување, земјоделците ги затвориле кравите по што сопственичката Јулијана Ѓоргиевска и нејзиниот татко се обиделе да ги вратат назад, што кулминирало со вербален и физички инцидент. На видеото се гледа и како Јулијана му удира шлаканица на еден од мажите, но, како што вели таа, не се гледа од истото видео како нејзиниот татко претходно е нападнат со голем дрвен предмет.
Ѓоргиевска и нејзиното семејство се вистинските сопственици на стадото крави, за кои се грижеле со години. Во разговор за неделникот „Фокус“, Ѓоргиевска ја откри и својата страна од приказната за тоа како кравите, всушност, завршиле по околните ниви, наместо да бидат на безбедно во штала и како, според неа, државата ги спречила да работат и директно придонела за кравјата криза во Крива Паланка.
–Јас бев на терен на друга страна затоа што само еден вработен имаме што може да го платиме. Јас тргнав со автомобилот и веднаш стигнав откако татко ми ми јави дека не му даваат да пријде до кравите. Веднаш отидов и како што веќе беше почната вербална расправија, јас почнав да се влечам и како што пробуваме да ги ослободиме кравите, еден од земјоделците зема дрво и го удира татко ми, јас влегувам и тогаш го удирам него. Прстот е во мене, но тоа е само во момент на одбрана, јас стварно помислив дека ќе ни направат нешто. Има и видео каде што велат да нè врзат. Зар ќе нè држат во заложништво, раскажа Јулијана Ѓоргиевска за инцидентот со мештаните.
Според неа, проблемот почнува во 2021 година, кога нејзиното семејство како регистриран одгледувач добило забрана за продавање, а обвинителството им ги одзело сите пасоши на кравите поради кривична пријава поврзана со добивањето субвенции за кравите.
–Тогаш бројката беше од 150 до 200, но тие природно се множат сега. Се множат, а не можеш да продаваш, не можеш да земеш субвенции и одиш во колапс, имаш големи трошоци за одгледување. Ние дневно трошиме по 50 евра за гориво.
Во 2024 година нè обвинија дека немаме доволно простор за чување, а зошто немаме, затоа што имаме забрана да продаваме и државата нè ставила во шах-мат позиција и едноставно веќе немаме контрола на таа стока. Решението на АХВ е за одземање на стоката поради несовесно чување. Тие дојдоа на контрола, ни пишаа парични казни од по 60-70 евра за секоја од нас трите сестри, ја плативме и врз основа на таа казна ни прават решение за одземање имот, иако е прекршочна постапка, не е кривична. Да било кривично, можело да постапуваат, но постапката е прекршочна, истакна косопственичката на стадото крави.
Јулијана вели дека не бегаат од тоа дека има штета, но смета дека тоа треба да го утврдат вештаците и судските инстанци, а не да се затвора стоката во нехумани услови.
-Точно е ова, но и да не се моите крави на улица, на граница горе има уште двајца што чуваат крави и нивните се на патот постојано, но прстот не е вперен во нив, туку во нас.
Ако кравите се одземени и се државна сопственост, зошто никој од нив не се појавил и да каже кај се кравите, кој ги чува, кој се грижи, дали имаат храна.. секој ден сонувам како ги тепаат без храна и вода по 40 часа.
Утредента, по инцидентот, кравите што ги затвориле беа со видни траги на насилство, 45 часа кравите биле држени без храна и вода, 50 полицајци чуваат три крави, како да фатиле 70 килограми дрога, додава Ѓоргиевска.
Јулијана и нејзиното семејство не кријат дека се активисти и симпатизери на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, а токму политичкиот активизам, според неа, бил причина за реваншизам кон нив на претходната власт.
–Претходниот министер за земјоделие, кој доаѓа од кривопаланечкиот крај, Љупчо Николовски пред неколку години директно му се закани на татко ми, дека ако не работи за нив, ќе се случува ова што се случува сега. Од 2021 година прво беше забраната и чекор по чекор не уништуваат затоа што цел живот сме ВМРО-ДПМНЕ и тоа го доживуваме како реваншизам. Директно неколкупати доаѓаше дома и еднаш во Крива Паланка ни пресекоа пат за да нè натераат да разговараме со него.
Татко ми беше вработен во МВР, но кога не му потклекна на заканите на Љупчо, успеа да го суспендира. Сега беше суспендиран, па доби отказ. Во судски процес го доби делото и моментално татко ми го тужи МВР за работното место, објасни Ѓоргиевска.
Семејството, својата правда ќе ја бара на меѓународните судови, а поради третманот со животните ќе пушти жалба и до Светска организација за заштита на животни.
–Место да речат дека единствено одгледувалиште со 500 крави е тоа во Крива Паланка и да помогнат, тие нè казнуваат. Досега сме платиле по 10.000 евра казни. Кога има сила, нема правда. Има меѓународни судови, ние сме подготвени да одиме до крај бидејќи ние живееме од тоа. Ниту имаме куќа средено, тогаш кога малку напреднавме со работата, имавме штали, тогаш почнаа проблемите. Демек фалш пасоши за крави сме имале, уште паркетот да ни го извадеа при претресите, а ништо на црно не сме направиле во животот, додаде соговорничката.
ПОЛИТИЧКИ ПРОГОН
Кривопаланчани мака мачат со стадото крави што неконтролирано се движат по јавните површини во градот и приватните имоти на населението од урбаните и рурални населби повеќе од 10 години. Има случаи во кои кравите нападнале жители, а во повеќе наврати го загрозиле и сообраќајот на патот кон Деве Баир, но кон граничниот премин има уште двајца одгледувачи, чии крави, исто така, се спуштаат на патот, па проблемот се чини е уште поголем.
Одговор за политичките обвинувања „Фокус“ побара од поранешниот министер за земјоделие, а сега пратеник на СДСМ, Љупчо Николовски, кој не сака случајот да го поврзува политички.
–Слабост на државата и институциите е ако овој проблем не може да го реши. Особено ваков проблем во кој имаше случај на нападнато дете. Наша обврска е, пред сè, да се грижиме за безбедноста на граѓаните.
Да, јас потекнувам од Крива Паланка, комуницирав со сите луѓе. Она што јас го знам за проблемот е дека при првичните контроли се констатирани огромни неправилности. Ако во претходниот период тие сопственици добивале огромни износи на субвенции, кога се правеше контрола на спроведување во 2017 и 2018 година, излезе дека тие не можеле да добиваат субвенции затоа што не се грижеле за одгледувалиштата со добиток, рече Николовски.
Ексминистерот вели дека не влијаел врз постапката во процесот, ниту, пак, вртел телефони на инспектори за да им се одмазди поради нивната политичка боја.
–Како што знам се покренати низа постапки, во кои јас буквално на никој начин не сум влијаел. Цела Крива Паланка знае дека не сум свртел телефон на инспектори. Тоа не значи дека не сум тука за граѓаните, и тоа не значи дека ова е политичко поврзување.
Најмалку е тоа битно кој на која партија е, луѓето имаат сериозни проблеми и штети и ова е пример на еден неодговорен и незаконит начин со стопанисување со стоката и јас навистина не можам да ја сфатам логиката што тие луѓе сакаат да постигнат со таа работа затоа што цела Крива Паланка зборува за проблемот што го креираат тие, коментира тој.
Пред да се направат измени на законот за благосостојба на животните во тој период, Николовски комуницирал со градоначалниците што го имале истиот тип на проблем. Затоа во Собранието се донесе законско решение, измена со кое се воведе нова мерка за одземање на добитокот.
–По носењето на законските измени, на ниту еден начин не сум имал влијание затоа што институциите што си ја работат работата, не може да им прогледаат низ прсти. Очигледно тие сакале да им биде прогледано низ прсти и да не добијат решение какво што добиле. Имале право на тужби и на судски постапки, но како што знам дека некаде крај на април тие решенија се правосилни.
Е сега, дали некој нив ги штити. Моето прашање е кој е тој што ги штити од април 2024 досега во овие година и пол, ако ги знаеме сликите што ги имаат постирано и нивната политичка ориентација. Но, граѓаните кажуваат какви штети и какви проблеми имаат, коментира Николовски.
Тој како пратеник што доаѓа од Крива Паланка откри дека ги известил најголемите амбасади за целокупниот проблем затоа што, според него, станува збор за голем проблем за кој државата не покажува капацитет да се справи.
-Имам стотици јавувања на луѓе што поминуваат на новиот магистрален државен пат Крива Паланка – Деве Баир дека има крави кои се движат на патот. Тие се опасни за граѓаните и целокупната безбедност. Имало уште некое, второ или трето одгледувалиште, треба секаде да се направи контрола, додаде тој.
На прашањето дали тој одржал средби со таткото на сопствениците, Николовски рече дека не се сретнал, туку само испраќал пораки дека треба да си го решат проблемот.
–Проблемот егзистирал 15 години, само тогаш граѓаните молчеле. Во тој целиот период тие добивале субвенции, така што тоа веќе не се говеда од кои можете да добиете млеко или месо, дополни тој.
КРИЗНА СОСТОЈБА
Жителите со години реагираат за горливиот проблем со запуштените крави, кои се движат насекаде прегладнети и незгрижени во соодветни услови. Досега поднеле голем број претставки до надлежните институции, а има и повеќе тужби против сопствениците.
Грaдоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во разговор за „Фокус“, нагласи дека ова не е проблем на една партија или на поединци, туку проблем на институциите и на државата, која мора веднаш да постапи.
–Не би сакал од овој проблем да се прави политика. Проблемот е заеднички на сите граѓани, пробувам да не фрлам вина на никого за непостапување по однос на истиот и едноставно институциите треба да проработат за што имаат надлежност. Се работи за семејство, кое има крупен добиток, повеќе од 600 грла крупен добиток, истите не се одгледуваат соодветно и поголем дел од тие се без маркички, а без штипката не може да се утврди кое животно направило штета.
Тие се на цела територија на Крива Паланка и прават штета на приватни земјоделски поседи и ниви и на општински имот и јавни површини. Тие претставуваат проблем во безбедноста на сообраќајот затоа што многу често може да ги забележиме на регионалните и магистралните патишта. Во летниот период се качуваат во планина, но сега кога нема храна на повисоките места и тие се спуштаат барајќи храна, вели градоначалникот Митовски.
Оштетените граѓани на прес-конференција, по повод кризата со кравите, потврдуваат дека нема жител на кој кравите не му наштетиле, но алармираат и на сериозна негрижа кон нив, сведочејќи за угинати животни во нивните дворови и ниви.
–Секојдневно ми пристигнуваат луѓе со барања за штети. Општината нема можности да реагира, ниту има надлежности да го реши проблемот. Најповикана е Агенцијата за храна и ветеринарство затоа што со законската измена во Законот за благосостојба на животните се предвидува и трајно одземање животни за крајно неодговорно одгледување.
Со решението за одземање, кое е изречено од АХВ, дека сопственикот не обезбедувал доволни услови за заштита и благосостојба на животните кои се под негова грижа, тие се одземени и истото решение е правосилно. Но, еве една и пол година не се постапува по истото.
Искрено не верувам дека АХВ имаат капацитет и не сакам да ставам вина на нив, најверојатно ќе треба интервенција преку прогласување кризна состојба на Општина Крива Паланка, тоа е и мојот предлог до сите надлежни институции. Врз основа на тоа, претседателката на државата може да ја ангажира армиската инженерија и механизација за една поопсежна операција за да можат да го решат проблемот, потенцира Митовски.
Општината има поднесено неколку кривични пријави до обвинителството, но сите се отфрлени со образложение дека нема основи и елементи за кривично гонење.
Пред една година, теле паднало на локалитетот Кадиска Чешма, во центарот на Крива Паланка, кое поради сериозноста на повредите било извлечено со помош на пожарникарите и полицијата.
Пред две години, жена во поодминати години била турната од крава и настанот завршил трагично.
–Имам цела папка документација и како угинуваат на изворите на главниот водовод, како се оставени мрши, немаат ушни маркички, извори на зараза… Проблемот е алармантен, штетата е огромна. Граѓаните со право реагираат, премногу години е толериран како проблем.
Не се постапувало навреме, а сега и по тоа што е преземено конкретно, не се постапува по истото. Ова е колективен пораз за сите нас, имам организирано и акции за заловување, но инспектори од АХВ се во директна комуникација со сопственикот и тој доаѓа и се заканува за да ги врати назад.
Јас разговарав со директорот на АХВ и добив ветување дека ќе почнат да се прават акции со собирање и дека до 15 декември ќе се реши проблемот.
А, имам информации дека дел од земјоделците прават проценки со сопствено вештачење и треба да водат постапки против државата затоа што кравите се одземени од АХВ со решение, додаде градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.
ПОПРЕЧУВАЊЕ НА ОДЗЕМАЊЕТО
Агенцијата за храна и ветеринарство има правосилна одлука за одземање на животните поради прекршување на Законот за заштита и благосостојба на животните, но таа мерка не е спроведена.
Решението на Агенцијата за храна и ветеринарство е донесено на 25 јануари, а правосилно станува на 17 април 2024 година, односно на една недела пред претседателските и парламентарните избори за што сопствениците на кравите изразија сомнежи дека е политички прогон.
Во решението изготвено во април минатата година стои дека добитокот наводно не бил чуван во соодветни услови, со што бил прекршен Законот за благосостојба на животните.
Против сопствениците на одгледувалиштето покрената е прекршочна постапка за сторен прекршок по член 12 став 1 и 2 од Законот за заштита и благосостојба на животните.
Но, година и пол Агенцијата не постапуваше по ова решение. За „Фокус“ велат дека активно се работи на решавање на проблемот.
–Агенцијата за храна и ветеринарство активно работи на решавање на проблемот. Досега се одземени 21 говедо. Акциите за одземање на говедата ќе продолжат и во следниот период.
Досегашните акции се одвиваат во лоши теренски услови и континуирано попречување на активностите на официјалните ветеринари на АХВ за подигнување на говедата од страна на поранешните сопственички.
Подигнатите говеда, во рамки на досега спроведените акции, соодветно се сместени во штала заради утврдување на нивниот здравствен статус и преземање мерки за понатамошно постапување , велат од АХВ.
Причини за изрекување на мерката одземање на животните, според АХВ се тоа што одгледувачот не обезбедил заштита и благосостојба на животните, не спречиле нанесување на непотребна болка, страдање или повреда, не обезбедиле соодветни услови за животните.
-При изрекувањето на мерката одземање на животните земени се во предвид олеснителни и отежнувачки околности , степенот на одговорност на сторителот, побудите од кои е сторен прекршокот, јачината на загрозувањето или степенот на повредата на заштитеното добро, околностите под кои бил сторен прекршокот и други околности, додадоа од АХВ во одговорот до „Фокус“.
Приведен таткото на сопственичките
Во вторникот попладне беше уапсен сопственикот на кравите за кои жителите во кривопаланечкиот регион реагираа дека им го уништуваат земјоделскиот имот барајќи храна и го загрозуваат сообраќајот во околината.
Сопственикот е уапсен затоа што наводно им се заканувал по живот на повеќемина граѓани кои трпеле штета од неговиот добиток, но ќерката на сопственикот, Јулијана Ѓоргиевска, за „Фокус“ вели дека не направил ништо за да биде приведен.
–Го приведоа татко ми, а сестра ми заврши во болница. Кравите пак се ослободени и излегува дека цела акција не беше за добитокот , туку само да го уапсат татко ми, кој буквално ништо не направи, рече за „Фокус“ косопственичката на стадото крави, Јулијана Ѓоргиевска.
Таа се пожали за нехуман третман на животните, односно на изгладнување на кравите од страна на жителите, кои ги врзуваат по своите штали пред да пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство.
-Јасно се гледа дека апсат луѓе без никаков прекршок, без инцидент, без отпор и без попречување. Ниту провокација, ниту причина, а сепак се применува сила и лишување од слобода. Ова не е законска постапка. Ова е класичен пример на злоупотреба и прекршување на основните човекови права, напиша Ѓоргиевска на социјалните мрежи.