СДСМ: Владата ја искористи состојбата во Гостивар и без тендер набави вода за пиење во вредност од 100 000 евра

by irena 09:33
09:33

Опозициската СДСМ обвини дека Владата предводена од Христијан Мицкоски, во периодот на кризата со водата во Гостивар, склучила договор за набавка на вода за пиење во вредност од 100.000 евра.

Од партијата тврдат дека договорот бил склучен преку Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), со директно договарање без јавен оглас, поради прогласената кризна состојба.

„Додека граѓаните на Гостивар со недели користеа загадена вода и се соочуваа со здравствени последици, Владата склучила бизнис зделка од 100.000 евра без тендер“, велат од СДСМ.

Според опозициската партија, договорот бил склучен со компанијата „Кожувчанка“, која, како што наведуваат, е во сопственост на градоначалникот на Кавадарци, а постапката ја спровел директорот на СОЗР, Ивица Томовски.

Од СДСМ ја обвинија власта дека кризата со водата ја претворила во можност за профит, упатувајќи критики за начинот на кој се спроведувала набавката.

„Граѓаните се соочуваат со здравствени последици, институциите доцнат со реакциите, а единствено што функционира се бизнис зделките“, стои во реакцијата на СДСМ.

Партијата побара одговорност од надлежните институции и обвини дека граѓаните сè уште чекаат целосно решение за проблемот со водата во Гостивар.

Слични вести