СДСМ тврди дека го следат Филипче, откако протече фотографија од аеродром

by vlatko 20:04
20:04

Опозициската СДСМ реагираше по објавите на социјалните мрежи во врска со патувањето на партискиот лидер Венко Филипче, откако беше споделена фотографија од него на аеродром.

Од СДСМ оценуваат дека станува збор за обид за јавен линч и дека со самото објавување на фотографијата практично се признава вршење притисок преку следење, што, според нив, претставува добро позната практика од времето на поранешниот премиер Никола Груевски, кога безбедносните служби биле ставени во функција на следење на опозицијата.

Во соопштението се наведува дека, освен следењето, партијата неодамна јавно алармирала и за прислушување на телефонски комуникации, оценувајќи дека државата повторно се враќа во периодот пред 2016 година, со исти методи како следење, фабрикување вести и лажни афери, со цел дефокус од суштинските проблеми.

Од СДСМ тврдат дека со овие „сензационалистички приказни“ се прикриваат теми како договорот „мигранти за пари“, криминалот и корупцијата што, според нив, се случуваат јавно и без одговорност.

Во соопштението воедно се нагласува дека Филипче патува со редовна комерцијална авиолинија и дека не заминува за Дубаи, како што се тврди на социјалните мрежи.

Слични вести