„Панче Тошковски во интервју за ‘360 степени’ призна дека нема осомничени дека одреден центар на моќ влијаел да се подметне пожарот во Трубарево и дека нема странски и домашни центри на моќ кои ја палат Македонија. Ова признание на Тошковски e директен демант на изјавите на Мицкоски“ соопштија од СДСМ.
Од партијата велат дека „дополнително, признанието на Тошковски е потврда дека Христијан Мицкоски ги злоупотребил институциите и безбедносната состојба со цел да ја покрие сопствената неспособност“.
„Ова е потврда и дека Мицкоски без основа ширел страв и паника во јавноста. По ова признание на Тошковски, Христијан Мицкоски треба да одговара за предизвикување страв и ширење паника во јавноста без да се базираат на било какви факти и докази. Ваква злоупотреба на безбедносната состојба само за да си го спасува рејтингот ниеден премиер не се осмелил да прави. Оваа влада и овој премиер се опасност по граѓаните, по нивниот живот, по здравјето, но се опасност и по институциите кои ги множат со нула и по државата во целина“ е ставот на СДСМ.