СДСМ: Историска измама, со линеарното покачување власта ги краде пензионерите

by admin 11:24
11:24

Владата им подготвува историска имама на пензионерите, со последната одлука за линеарно зголемување на пензиите за 1.000 денари. Пензионерите ќе бидат два пати оштетени со оваа одлука, со овој грабеж, еднаш во септември и еднаш во март следната година, изјави на денешната прес конференција пратеничката Јована Тренчевска од опозициската СДСМ.

Според неа, со сегашниот закон кој го донесе СДСМ, пензиите се усогласуваат двапати годишно — во март и септември — врз основа на растот на платите и трошоците за живот. Ако Владата не го менуваше законот и се водеше по услогласувањето, пензиите во септември ќе се зголемеа за околу 5%.

,,За пензија од 20.000 денари зголемувањето ќе беше 1.000 денари, исто како што сега со линеарното зголемување. Но за пензија од 25.000 денари, пензионерите би добиле 1.250 денари, а со новото решение добиваат помалку, само 1.000 денари. За пензија од 30.000 денари, наместо 1.500 денари, добиваат помалку. За пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, повторно добиваат двојно помалку, само 1.000. И така редоследно секој пензионер губи од пензијата. Според нашите точни пресметки, огромни 92,5% од пензионерите, односно над 318.000 луѓе, се оштетени со ова линеарно зголемување и ќе земаат помалку од тоа што им следува по закон. Само 7,5% од вкупниот број на пензионери ќе добијат нешто и тоа помалку од заслуженото. Дополнително, следното усогласување во март 2026 ќе се пресметува на помала основица, што значи дека и понатаму пензионерите ќе добиваат помалку од заслуженото. Со ова решение Владата практично ги излажала и им ускрати од пензиите на пензионерите двапати“, изјави Тренчевска.

Таа додаде дека покрај тоа што пензионерите се оштетени, со оваа одлука се крши принципот на правичност — секој да добива според својот придонес — и се испраќа порака дека вложувањето во пензискиот систем нема смисла, што го загрозува фондот и идните пензии.

,,Анализата исто така покажува дека денес на еден пензионер има само 1,6 работници — најлош однос досега, а дефицитот на фондот е над 47% и расте. Наместо Владата да го стабилизира системот и да поттикне повеќе вработени, таа со популистички и манипулативни потези го уништува. Не само што го уништува системот, туку објективно ги краде пензионерите“, додаде таа.

Од СДСМ бараат Владата веднаш да го повлече овој предлог и да им ги врати на пензионерите парите што им следуваат, правично и согласно законот.

Експресно реагираа и од ВМРО ДПМНЕ. Тие велат дека за седум години власт СДСМ и Тренчевска пензионерите ги донеле на раб на егзистенција и сега се против тие да го добијат заслуженото.

,,СДС и Тренчевска може да се противат колку сакаат, пензионерите со Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го добијат заслуженото кое им беше ускратено изминатите седум години. Пензионерите сега веќе имаат партнер во оваа Влада која ги слуша им ги решава проблемите, им го вреднува вложениот труд и прави се тие достоинствено да живеат во нивната трета доба. За таа цел, само за 18 месеци пензиите на сите пензионери линеарно ќе се покачат за 7.000 денари. За неполна година Влада на ВМРО-ДПМНЕ, пензиите веќе се зголемија за пет илјади денари, а од септември и март следи друго покачување од по илјада денари“, велат од владејачката партија.

 

Слични вести