СДСМ: Градоначалникот Орце да открие кој ја направил срамната графика и колку е платено

by irena 16:24
16:24

СДСМ бара градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, да ги објави сите информации поврзани со фирмата што го изработила графичкиот дизајн на билбордот поставен на влезот во градот, кој од партијата го оценуваат како „срамен“.

Од СДСМ велат дека јавноста има право да знае како фирмата ја добила работата, дали за ангажманот била спроведена постапка за јавна набавка, колку средства се исплатени за графичкото решение и поставувањето на билбордот, како и дали за неговата изработка бил користен вештачки генериран (AI) дизајн.

„Градоначалникот треба да открие и колку тендери досега добила оваа фирма и кој стои зад неа“, наведуваат од партијата.

СДСМ потсетува дека, според правилата за јавни набавки, за лошо извршена работа може да се издаде негативна референца, што подразбира исклучување од учество во јавни набавки во период од една до пет години.

„Досега нема информација дали на оваа фирма ѝ е издадена негативна референца или, пак, ќе продолжи да добива средства од буџетот на Град Скопје“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата порачуваат дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски не смее да крие информации поврзани со трошењето на јавните пари и дека граѓаните на Скопје заслужуваат целосна транспарентност и одговори.

Слични вести