Во периодот од 2012 до 2017 година во ДЗС никогаш не пристигнале документи со барање за давање согласност или мислења од страна на кабаре „Пулс“, ниту барање или пријава од правно или физички лица за објектот. Конфузијата на обвинителството која ја прави во мешањето на надлежностите и одговорностите прави да докажувам нешто што е очигледно, дека не постои моја вина ниту надлежност, изјави Шабан Салиу, кој беше на функцијата директор на ДЗС од 2008 до 2017 година во својот воведен говор на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Изјавата на републичкиот јавен обвинител, нагласи Салиу, дека за постоење и работење на објектот „Пулс“ никогаш не биле известени ДЗС содржи правно ослободувачка основа за него како обвинет и нагласи дека ДЗС не е „детективска служба да открива нелегални и нерегистрирани објекти“.
– ДЗС не знаела за објектот. Јас не сум знаел и затоа не може да постои вина од страна на обвинетите директори во ДЗС од 2012 година до 16 март 2025 година, кога се случил пожарот. Ќе докажам дека не сум виновен и дека вака срочено обвинението е несериозно, неодговорно и незаконски, само со една цел, да на секој начин бидам незаконски осуден за кривично дело што не постои. Ова обвинение е политички мотивирано и конструирано и правно неосновано, изјави Салиу.
Салиу, на почетокот изрази жалење и длабоко сочувство до родителите на загинатите и побрзо заздравување на повредените и нагласи дека од завршувањето на неговиот мандат пред девет години ја вршеле тројца други.
– Обвинението ме товари како поранешен директор кој девет години нема никаква фактичка или правна врска со институцијата. Обвинет сум дека сум сторил кривично дело со опис кој се темели на претпоставки, а не на докази, со обвинение поднесено поради притисокот на јавноста и заткулисни политички игри и монтажи без правна основа, изјави Салиу.
Обвинението против мене, нагласи Салиу, ќе докажеме дека е неосновано и изградено врз претпоставки со паушалност на поврзани кривично-правни со управно-правни норми.
– Обвинителниот акт се заснова на набројување на сите општи кривично-правни поими и институти и ставени во врска со одбрани нормативни одредби од закони од управна природа прикажани во наводно непостапување, неспроведување, невршење со што со останатите директори сум предизвикал пожар во кабарето „Пулс“ на 16 март 2025 година. Имајќи ги предвид законите во никој случај не може да се поврзат и да имаат некаква каузална врска со кривичното дело за кое јас лично се товарам … „Директорите на ДЗС иако биле свесни дека поради нивното несторување може да настапи штетна последица се согласиле со нејзиното настапување“. Бог да чува. Што значи обвинет сум за евентуална умисла дека јас уште во 2012, па се до 2017 година сум бил свесен и сум знаел дека ќе се случи настанот на 16 март 2025 година. Ова, не можела ниту Баба Ванѓа да го предвиди, а не па јас, изјави Салиу.
Останува на Судот, нагласи Салиу, да веруваме во објективно судење и неселективна правда и судење не под притисок на политиката и јавноста.
– Секој од обвинетите да одговара за своите дејствија. Нивната вина во несреќата не е еднаква, а кај оние обвинети што не сториле никакво кривично дело да бидат ослободени како што доликува на една вистинска правна демократска држава каде владее правото и правдата, изјави Салиу.